Македонија
Сиљановска-Давкова: ООН постои да гради мир не само меѓу нациите, туку и со природата

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3) за поддршка на спроведувањето на целта 14 за одржлив развој ,,Зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси за одржлив развој”, што се одржува во Ница, Франција.
Во своето обраќање, таа го нагласи виталното значење на океанот како срце на глобалниот климатски систем којшто апсорбира четвртина од емисиите на CO2 и обезбедува половина од кислородот потребен на Земјата. Сиљановска-Давкова укажа дека со нашите неодржливи модели на производство и потрошувачка го нарушуваме океанскиот систем.
Таа посочи дека за да се справиме со кризата, потребен е ефикасен мултилатерализам со силни Обединети нации коишто постојат за да градат мир не само меѓу нациите, туку и со природата.
Според претседателката, ниту една земја, ниту еден континент не може самостојно да воспостави и одржи мир со природата. Таа рече дека симболична коинциденција е што склучувањето на ,,Договорот за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност” се случува во татковината на Мишел Сера, авторот на ,,Природниот договор” во којшто луѓето ги третираат Земјата и природата како ним рамноправни партнери.
Истакнувајќи ја македонската заложба за дијалог и силно меѓународно управување со океаните, таа потенцираше дека ја поздравуваме Декларацијата „Нашиот океан, нашата иднина: обединети за итна акција“ и изразуваме поддршка за имплементацијата на Целта за одржлив развој 14 и Акциониот план од Ница.
Како земја, дел од Медитеранот, еден од климатски најранливите региони во светот, даваме приоритет на интегрираното управување со водите. Таа оцени дека овој процес ќе биде многу поефикасен ако се деблокира нашето пристапување кон ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Герасимовски: Граѓаните со големи пофалби за новоизградената градинка Пролет

Вчера, во рамки на караванот „Се гледаме во маало“, градоначалникот Горан Герасимовски се сретна со жителите на населбата Пролет, каде пред само еден месец беше отворена најубавата и најмодерната градинка „Пролет“ во Македонија.
Жителите на оваа населба упатија големи пофалби за новоизградената градинка, прва и единствена во Пролет која претставува вистински пример за современа детска заштита. Изградена според највисоки светски стандарди, со целосно нова, безбедна и инклузивна средина, таа денес е гордост на целата општина, велат од Центар.
„Овие маалски средби ни се многу важни, тие се можност директно да го слушнеме мислењето на граѓаните, нивните идеи, предлози и предизвици. Затоа и го правиме овој караван, затоа што општината не треба да чека граѓаните да дојдат кај нас, туку ние треба да одиме кај нив и да работиме исклучиво во нивен интерес“, изјави Герасимовски.
Средбата се одржа на маалско игралиште кое беше опремено од градоначалникот Герасимовски, каде што децата безгрижно растат, учат и се дружат. Центарци го поздравија континуираниот развој на Центар, во изминатиот период беа реконструирани 20 улици, подобрени беа условите во сите градинки и основни општiски училишта, а есенва ќе биде пуштена во употреба и реконструираната спортска сала „Работнички“, уште еден капитален проект во интерес на граѓаните, соопшти Општината.
Македонија
Оставки од Тошковски и Јанев и кривична одговорност, бара СДСМ

Последната акција на ОЈО ГОК потврди сè. СДСМ ја говореше вистината за Кочани од првиот ден.
Уапсените полициски службеници вчера се лица кои СДСМ ги објави во серијалот „Вистината за Кочани“ како директно одговорни за дозволување на нелегалното работење на „Пулс“, велат од опозициската партија.
„Благодарение на објавените факти и притисокот, конечно се постапува. Но, останува фактот дека четири месеци директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, министерот Панче Тошковски и целиот врв на ВМРО-ДПМНЕ се обидуваа да ги заштитат и да ја прикријат одговорноста.
Тие бранеа и криеја свои функционери, ја лажеа јавноста и вршеа притисоци врз Обвинителството за да не се постапува против нивните кадри кои се докажано директно одговрни за пожарот во кој изгореа 62 деца“.
Според СДСМ, Александар Јанев, како прв човек на БЈБ, има директна одговорност за своите подредени. Тој, како што велат, ги поставил, тој давал наредби и затоа додаваат дека мора да понесе оставка и да следи кривична одговорност.
„Истото важи и за Панче Тошковски, кој целиот период ја штитеше структурата во полицијата и тврдеше дека нема вина.
Христијан Мицкоски, пак, со недели ја користеше трагедијата за политички напади, обвинувајќи ги сите, освен оние што ги поставил на функција. Ги лажеше родителите, ја манипулираше јавноста и се обидуваше да ја задуши вистината.
Без одговорност за Јанев, Тошковски и Мицкоски, нема целосна правда. А правда за Кочани мора да има“, потенцираат од СДСМ.
Македонија
МНР со апел до македонските граѓани: Воздржете се од било какви патувања кон Израел и Иран

Во врска со информациите за влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран да ги следат националните портали за итни случаи и строго да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции.
Воедно, Министерството апелира до сите наши државјани да се воздржат од било какви патувања кон земјите од овој регион, до подобрување на безбедносната состојба.
Согласно добиените информации од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, во моментов воздушниот простор над Израел и Иран е затворен, како и аеродромите во Тел Авив и Техеран, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај.
Министерството за надворешни работи ги потсетува нашите државјани дека при евентуална потреба од помош можаат да се обратат на следните контакти:
📍 Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546
Е-пошта: [email protected]
📍 Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: [email protected]
Во рамките на Министерството е формиран кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и ќе ја информира јавноста за сите новини навремено, се додава во соопштението на Министерството.