Македонија
Судијката што пресудила во корист на Заев избрана во Врховен, неизбран остана судијата што го ослободи Мијалков со укинување пресуда

Судијките Анита Бошковска и Катерина Георгиевска од сега ќе судат граѓански предмети во Врховниот суд. Тие беа избрани од Судскиот совет со 10 гласа „за“ и со само 2 „против“. Неизбран остана судијата Енвер Беџети од Апелација, познат како еден од петте судии што одлучија „Таргет – Тврдина“ да се суди одново и со тоа го ослободија Сашо Мијалков. Освен Беџети, ниту еден од другите четири кандидати не доби поддршка од членовите на Судскиот совет за да суди кривична област.
Според јавно објавените пресуди, Бошковска до сега судела спорови по жалба, кои се однесуваат на надомест на штета и долгови. Георгиевска судела слични спорови како нејзината колешка, но и предмети за утврдување одговорност за клевета. Таа судела и на предметот во кој тужител бил Зоран Заев, при што ја одбила жалбата на тужениот и ја потврдила пресудата во корист на експремиерот. Судијката Катерина Георгиевска е и сопруга на обвинителот Влатко Георгиевски од Републичкото јавно обвинителство.

Пресудата донесена од сега врховната судијка Катерина Георгиевска
Гледано во гласови, од пет кандидати од кривичната област, четворица добиле двојно повеќе гласови „против“ отколку што имале „за“ за да бидат избрани. Енвер Беџети имаше 4 гласа „за“ и 8 „против“, Димитриевски доби 4 гласа „за“ и 8 „против“, Данка Ристова 6 гласа „за“, 6 „против“, Татјана Дукоска 4 гласа „за“ и 8 „против“ и Енвер Амзаи, исто така 4 гласа „за“ и 8 „против“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце се чека околу 45 минути, зголемена фреквенција на возила поради летните одмори

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила на ГП Табановце, времето на чекање за влез и излез од државата е околу 30-45 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Викендов сончево време со услови за локален пороен дожд

Утре и во деновите од викендот ќе преовладува сончево и потопло време со мала до умерена облачност. Ќе има услови за локална појава на пороен дожд и грмежи, информира УХРМ.
В понеделник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а од вторник се очекува стабилизирање на времето.

Извор: УХРМ
Македонија
Исчистен паркот спроти „Нова Македонија“

Денеска, во раните утрински часови во координирана акција на инспекциските служби на Општина Центар и Министерството за внатрешни работи, беше расчистен јавниот простор спроти зградата на „Нова Македонија“, познат и како Паркот на новинарите.
Акцијата беше спроведена по теренска проценка и по пријава од страна на центарци, кои изразија сериозна загриженост за безбедноста и изгледот на просторот. Жителите пријавија случаи на нарушување на јавниот ред и мир, поставени шатори и физички пресметки, за кои постојат и видео-снимки кои се доставени до општината.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека јавните простори мора да се користат согласно нивната намена и ги охрабрува сите граѓани навремено да пријавуваат неправилности до надлежните служби.
„Притоа, се водевме и од социјалната димензија на проблемот – на терен беше затекнато и едно лице со посебни потреби, што дополнително ја нагласува потребата од институционална поддршка. Иако Министерството за социјална политика, демографија и млади не беше дел од денешната акција, сметаме дека е морално и неопходно да се вклучи во понатамошниот процес за да се обезбеди соодветна грижа за ранливите категории. Јавниот простор мора да остане чист, безбеден и достапен за сите“, изјави Герасимовски.