Македонија
Таравари: Ветувам дека кога ќе ја формираме Владата ќе трчаме уште посилно отколку во кампањата
„Со верба ветувам дека јас и сите челници на ВЛЕН кога ќе ја формираме Владата ќе трчаме уште посилно отколку во кампањата“, ова беше првото јавно ветување што Арбен Таравари го даде на големиот митинг во Тетово, додавајќи дека по 8ми мај нема да им биде удобно во кожните фотелји, туку ќе работат уште повеќе за сите.
Таравари нагласи дека иако имал многу понуди од Али Ахмети, тој избрал да биде со народот.
„Не сакам да се задржам многу. Оваа кампања беше незаборавно искуство за мене! Најдов пријатели и тим како ВЛЕН, видов и предавство од некои, кај кои како и кај секој предавник останува само сенка, но во повеќето најдов многу верба и храброст! Имав многу понуди од Али Ахмети, понуди на кои некои мои сопартијци не можеа да одолеат… но јас избрав да бидам ти. Горд сум што го направив овој избор и нека ни е Среќна Победата!“ – истакна Таравари.
Убеден во победата, Таравари рече дека Историската промена ќе остане запаметена како Револуција на светлата.
„Сега сè започна со некои светла од мобилни телефони, кои се палеа дури и кога режимот викаше дека ги гаси светилките на народот… овие светилки се спротивставија… се зголемија и денес тие се светлината на слободата што ја дигнаа земјата на нозе! Сега ги поканувам моите колеги од ВЛЕН на сцената и сакам сите да се фотографираат со вашите светла и да знаат сите дека оваа Историска промена ќе биде запаметена како Револуција на светлата. Господ да ве благослови!” рече Таравари во своите завршни зборови пред илјадници граѓани во Тетово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.
Македонија
Силните дождови поплавија подруми и гаражи во Охрид
Локални дождови вчера и во текот на ноќта имаше на повеќе места во државата. Регионалниот Центар за управување со кризи (ЦУК) Охрид, известува дека се добиени пријави на граѓани за поплавување на подруми и гаража на две куќи на ул. „Стив Наумов“, во Охрид. Од страна на Општина Охрид е контактирано со ЈП „Нискоградба“ и ЈП „Колекторски систем“ дека колекторскиот систем не можел да ја прими во целост количината на вода која поради обилните врнежи од дожд, бидејќи во тој период на пороен дожд количината вода била голема. За кратко време состојбата е санирана.
Од ЦУК потсетуваат за голема внимателност при појава на локалните нагли метео промени и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења. Препораките се да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Потсетување има и за внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.