Македонија
Тивок, но моќен протест во Кочани, шести „Марш за ангелите“ кои настрадаа во „Пулс“

Со пораката „Системот убива – институциите молчат“, денес во Кочани се одржа шестиот протестен „Марш за ангелите“, во чест на младите кои трагично го загубија животот во пожарот во клубот „Пулс“.
Иако боли молкот на институциите, денешниот марш беше исполнет со тишина – ниту еден родител не се обрати јавно. Тоа беше нивниот тивок, но јасен одговор на игнорантниот однос на надлежните, кои сè уште немаат понудено одговорност за трагедијата.
Во колоната која тргна точно во 16:05 од Паркот на Револуцијата, поддршка дадоа граѓани од целата држава, вклучително и активисти од движењето „Кој е следен?“. Учесниците, со транспаренти со пораки како „Нема трагедија, има злосторство“ и „Пожарот ги зеде телата, системот ги уби душите“, го прошетаа градот низ клучните институции – Општината, Полициската станица, Судот и Обвинителството – токму оние од кои семејствата очекуваат правда.
Во чест на настраданите, особено на келнерите кои животот го загубија работејќи, се одржа и симболична трка на келнери, поддржана од неколку угостителски објекти од Кочани.
– Ова не беше натпревар, туку гест на почит. Нашите колеги беа херои – работеа со насмевка и останаа до крај. Овој марш е наш заеднички глас против молкот и неправдата, изјави Јане Гицев, организатор на трката.
Протестот заврши таму каде што започна – во Паркот на Револуцијата, каде со едноминутен молк и громогласен аплауз им беше оддадена почит на загинатите и поддршка на семејствата кои упорно ја бараат вистината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Улиците во Карпош вечерва во тотален мрак

Општина Карпош во моментов е без улично осветлување поради пад на системот.
Од Општината информираа дека во моментот се работи на отстранување на проблемот и повторно подигнување на системот.
Се очекува осветлувањето да биде нормализирано во најбрзо време.
Македонија
Костадинов го замрзнува членството во СДСМ, најави ново политичко делување

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, соопшти дека го замрзнува членството во СДСМ, незадоволен од сегашното раководство и од насоката во која се движи партијата. Како што наведе во објава на социјалните мрежи, одлуката е донесена „од чесност и срце“, со уверување дека СДСМ треба да се врати „таму каде што и е местото“.
Костадинов порача дека во моменталната политичка состојба не гледа реална понуда и визија за градот, додавајќи дека не сака да се кандидира „по инерција“ или без конкуренција. Тој нагласи дека во изминатите 11 години не изгубил ниту едни избори и дека секоја негова победа била победа за Струмица.
Во своето обраќање, Костадинов ги потенцираше реализираните проекти во Струмица, како електричниот јавен превоз, велосипедските патеки, нови паркови.
Иако го замрзнува членството, тој изјави дека останува социјалдемократ по вредности, но и дека „не може да молчи“ кога гледа немање став и храброст кај раководството на СДСМ.
Најави и создавање ново интерпартиско делување кое ќе биде презентирано по локалните избори, а за кое вели дека ќе има „целосно прецизна стратегија“ со цел обединување авторитети.
Костадинов најави дека конечната одлука за неговото идно делување ќе ја соопшти по завршување на локалните избори.
СДСМ денес соопшти дека за нов градоначалник на Струмица ќе го кандидира претседателот на општинската организација, Марјан Даскаловски.
Македонија
СДСМ објави 11 нови кандидати за градоначалници

Претседателот на Социјалдемократскот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, ја соопшти одлуката на Извршниот одбор на партијата која се однесува на давање согласност за кандидатури на градоначалници за претстојните локални избори.
Одлуката се однесува на кандидати за градоначалници за 1о општини, додека пред две недели беа објавени 19 кандидидати за градоначалници.
Во општина Пехчево кандидат за градоначалник ќе биде Златко Николовски, член на Централниот одбор. Во општина Босилово, Мариче Кармазичева. Понатаму за Куманово организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски. Во Карбинци Љупка Соколовска, во Василево, Ванчо Новоселски. Во Сопиште претседателот на општинската организација, Звонко Васев. Кандидат за градоначалник во Јегуновце ќе биде Дарко Блажевски, градоначалник во претходниот мандатот од 2017 до 2021 година. Во Охрид кандидат за градоначалник ќе биде претседателот на општинската организација,Асен Шајн. Во Демир Хисар, Златко Кузмановски, претседателот на општинската организација. Во Струмица, кандидат за градоначалник ќе биде претседателот на општинската организација, Марјан Даскаловски и во Дебарца исто така претседателот на општинската организација, Љупчо Паункоски.
Филипче изјави дека процесот на селекција, исто како и претходниот, ги следел истите критериуми, анализа на резултатите од анкетите, разговори со членови на општинските организации.