Македонија
Тројца пациенти сместени на Пластика сè уште имаат отворени рани: им требаат преврски, а понатаму можеби и трансплантација на кожа

Два месеца по пожарот во дискотеката во Кочани со 62 загинати и 200 повредени, на Клиниката за пластична хирургија има тројца пациенти, кои сè уште имаат отворени рани, а во странство се единаесетмина. Директорката на Клиниката за пластична хирургија, Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, вели дека имаат многу длабоки изгореници и потреба од продолжено лекување.
„Им требаат преврски, третмани, можеби понатаму кај некои од нив ќе треба и трансплантација на кожа. Ќе бидат соодветно третирани. Сите знаеме дека тие пациенти почетно беа во многу тешка состојба, сите беа испратени во странство и прашање беше дали ќе останат живи. Благодарни сме им на сите земји што ги прифатија и ги лекуваа. Екстензивноста на повредите кај овие пациенти, кои се потешки и кои се враќаат меѓу последните, е поради тоа што се со многу длабоки изгореници, со многу длабоки рани и кај нив ќе треба подолг третман. Секако, рехабилитацискиот период кај нив ќе биде малку подолг. Со заеднички сили и од нашите тимови и со трпение од пациентите за кусо време ќе можеме да кажеме дека се затворени раните. Мора да потенцирам дека овие повреди се со доста голем интензитет и длабочина на изгорениците“, рече денес директорката Ѓоргиевска-Павловска.
Таа нагласи дека сите пациентите ги имаат телефонските броеви од сите лекари и може да ги бараат во секој момент кога имаат потреба од одговор на некое прашање, преглед или соодветен третман. Лекарите се организирале за сите да имаат приближно ист број пациенти за да може соодветно да им се посветат.
Освен тројцата на Пластика, во земјата се лекуваат уште двајца пациенти во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и двајца во болницата во Кочани. Директорот на Фондот за здравствео осигурување, Сашо Клековски, вели дека за пациентите сместени во Кочани се очекува да дојдат за третман во Скопје.
Во болницата во Кочани 40 пациенти се на физикална терапија и триесетина се на терапија со плазма збогатена со тромбоцити, но по многубројните забелешки дека нема доволна грижа за повредените изминативе денови, Министерството за здравство од утре почнува реевалуација на состојбата на сите пациенти, и оние што се вратени од лекување во странство и оние што се лекуваа дома, за да се утврдат нивната состојба и потребата од понатамошна рехабилитација.
Директорот Клековски, пак, најави дека повторно ќе го поканат тимот од Израел, кој беше во Скопје на почетокот на трагедијата, за да даде мислење за понатамошната грижа на пациентите. Покрај тимот од Израел, кој допрва ќе биде поканет, во Кочани е дојден тим од Бугарија, кој ќе направи индивидуални проверки кај сите повредени кај кои има потреба од компресивни ракавици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мухамед Елмази до Арсовска: Ќе барате ли од вашите партнери да се откажат од бесправните објекти, ќе побарате ли и тука дигалка или ќе свртите глава

Мухамед Елмази од „Влен“ на прес-конференција денеска, упати неколку прашања до градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Денес сме тука да поставуваме неколку прашања за госпоѓата Арсовска. Госпоѓа Арсовска дали знаете кој е сопственик на оваа зграда? Дали објектот е де факто на вашите коалициони партнери во Градот и во бизнисот?
На какво земјиште е изграден, на државно или приватно?
На чие земјиште е изграден – државно, општинско или приватно? Дали имало располагање со државно земјиште без валидна јавна постапка?
Кој е вистински сопственик на оваа зграда?
Дали во документацијата се води на друго име за да се сокрие вистинскиот сопственик?
Ако да, зошто инспекциските служби не отвориле постапка за лажно пријавување? Дали овој објект го има во урбанистичките планови?
Дали деталниот урбанистички план (ДУП) воопшто предвидува ваков објект на оваа парцела? Ако не, кој и кога дал согласност за отстапување од планот? Дали вие сте учесник во тоа?
Дали е спроведен инспекциски надзор од Општина Сарај? Дали Градежниот инспекторат има издадено решение за уривање или забрана? Ако не – зошто бројните пријави од локалното население останале без одговор“, праша Мухамед Елмази на денешната прес-конференција.
„Г-ѓо Арсовска, пред да продолжите да зборувате за „дивоградби“ и „заштита на јавниот интерес“, одговорете: ќе барате ли од вашите партнери да се откажат од бесправните објекти? Ќе побарате ли и тука дигалка или ќе свртите глава затоа што станува збор за ваш пријател и коалициски партнер? Попатно, прашајте го и Димитар Апасиев?
ВЛЕН ќе инсистира на: Итно постапување на сите градежни инспекциски служби; Итно постапување на финансиската полиција за откривање на скриениот имот за политичарите од ДУИ; Отпочнување кривична постапка за злоупотреба на службена должност и урбанистички криминал против Арсовска; Јавна објава на сите локации во Скопје каде фирми или лица поврзани со кланот на ДУИ градат или поседуваат диви објекти.
Доколку градоначалничката и надлежните служби продолжат да молчат, ќе ги искористиме сите правни и демократски механизми за да го заштитиме интересот на граѓаните. Ќе го спречиме ширењето на бизнис империјата на кланот на ДУИ, во која припаѓа веќе и Арсовска“, изјави Мухамед Елмази.
Македонија
Арсовска до Мухамед Елмази: Дали си ти криминалец од ДУИ или од ВЛЕН?

„Таман мислиш не може да демонстрираат поголем очај за криминалот во кој се фатени, тие наоѓаат нов првенец од ДУИ! Мухамед Елмази беше член на Совет на град Скопје во овој мандат и истакнат член на ДУИ до септември 2024 година, кога претрпе магична трансформација и стана ВЛЕН за да го постават директор на државното НОМАГАС“, напиша градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на социјалните мрежи.
„Вчера барав на седница да се зборува за нелегални дивоградби во сите 10 скопски општини, ама Мухамед, иницијативата за дивоградбите од Сарај твоите коалициски партнери од ВМРО ја покренаа и сами си ја повлекоа.
Изгледа си пропуштил вчера на седница на совет кога побарав да се испитаат незаконските легализации на дивоградби во сите скопски општини вклучително Чаир и Сарај. Затоа што сакаш да глумиш политичар и на национална база да го сведеш ВАШИОТ криминал, читај тука: ЈАС ЗБОРУВАМ СО ФАКТИ И ЗА СЀ ИМАМ ДОКАЗИ.
Сега Мухамед да те прашам:
1. Дали си ти криминалец од ДУИ или од ВЛЕН?
2. Дали знаеш дека од 150 дивоградби од Чаир кои ги имаме фатено и сме известиле во изминативе 3 години, знаеме во која имаш ГРАТИС стан и живееш во истиот.
3. Дали знаеш дека следен тој предмет ќе го носам во јавното обвинителство бидејќи империјата на ТВОЈАТА УРБАНА МАФИЈА ќе ја срушам и воопшто не ми е гајле од која партија доаѓа!“, додаде Арсовска.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Република Кореја, Ким Донгбае

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Кореја со седиште во Софија, Ким Донгбае.
Посакувајќи му добредојде на амбасадорот Донгбае, таа изрази задоволство од пријателските односи и од конструктивната соработка меѓу двете држави, по воспоставувањето на дипломатските односи во 2019 година. Оцени дека постои волја и посветеност за искористување на потенцијалите и интензивирање на соработката во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката ја посочи важноста од развојот на соработката, потенцирајќи дека корејската економија нуди големи можности за партнерство во повеќе области, особено во информатичката технологија, дигитализацијата и обновливите извори на енергија, а од друга страна, нашата држава со стратегиската локација во срцето на Балканот, нуди поволни услови за корејските инвеститори и компании.
Таа изрази уверување и подготвеност за натамошен развој на соработката на мултилатерален план, особено во рамките на Обединетите нации. Малите и средни земји, според неа, треба да дејствуваат единствено, можат да понудат знаење и заслужуваат да имаат посилна улога во одлучувањето за глобалните прашања.
Обајцата ја истакнаа потребата заеднички да работат на отворање на резидентни амбасади во Скопје и во Сеул.
Сиљановска-Давкова, во духот на начелото на реципроцитет, побара да се укинат визите за македонските граѓани, со оглед на фактот на нивното непостоење за граѓаните на Република Кореја.
Амбасадорот Донгбае оцени дека по воспоставувањето на дипломатските односи пред шест години, двете држави станаа успешни партнери и изрази спремност за нивно продлабочување и проширување. Тој го посочи развојот на економската соработка како приоритет во неговата работа.
Претседателката Сиљановска-Давкова упати честитки по повод изборот на Ли Џе-Мјунг за нов претседател на Република Кореја на вчерашните вонредни претседателски избори.
На амбасадорот Ким Донгбае му посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска мисија.