Македонија
Цените за катастарските услуги удрија по џебот на граѓаните: поскапувањето не е 300 отсто, туку 90
Според претседателот на Комората на трговските друштва за геодетски работи, Никола Рибароски, најновите поскапувања на тарифниците на Агенцијата за катастар на недвижностите ќе удрат директно врз џебот на граѓаните.
„Чудно е што ние како комора ќе даваме образложенија за тарифниците што ги носи Агенцијата, а тие испраќаат некакви штури соопштенија, од кои и стручната јавност и граѓаните се збунети.
Го креваме гласот против маскирањето на она што го прави Агенцијата по цели 10 години на тарифникот за услуги на приватните геодетски компании, сега се маскира со повторните енормни поскапувања на Катастарот, кои се директен удар по џебот на обичниот граѓанин“, вели тој.
Агенцијата, според Рибароски, ваквите поскапувања ги правда со зголемените трошоци на струја, на лиценци за софтвери, на покачените плати за вработените.
„Цените што сега се предвидени се многу пореални од претходно. Претходно, имавме цени што беа апсолутно нелогични врз основа на сите трошоци, компаниите немаа никаква исплатливост.
Имотниот лист пред две години чинеше 153 денари, го покачија на 250 денари, сега најновото поскапување не се одонесува на имотниот лист, туку тоа се однесува на прв упис во имотен лист. Сега граѓаните ќе плаќаат 1.250 денари од имотен лист“, појасни Рибароски.
Ова значи дека за упис на новокупен стан во Агенцијата за катастар на недвижностите, за имотен лист, наместо 1.250 денари, граѓаните ќе треба да платат најмалку 3.750 денари затоа што при промена на сопственост, ќе треба да платат за секој имотен лист посебно, тоа граѓаните ќе ги чини 3.750 денари плус 600 денари за нотарски услуги. Ако купуваат и гаража, ќе треба да платат за уште еден имотен лист, односно дополнителни 1.250 денари.
Не е тоа поскапување од 300 проценти како што беше објавено во некои написи, објасни Рибароски, туку, како што пресметал, сега станува збор за поскапување од максимум 90 проценти.
„Во зависност за која услуга станува збор, тоа е поскапување од 50, 70, до максимум 90 отсто, значи тука нема никаде поскапување од 300 проценти“, вели Рибароски.
Оценува дека Агенцијата за катастар со нејзиното функционирање во прашање го доведува функционирањето на целиот правен систем во државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Боки 13 ја вознемирувал Русковска, таа го пријави во полиција
Поранешната обвинителка Вилма Русковска поднела пријава до полицијата против Бојан Јовановски – Боки 13 за телефонско вознемирување.
Според пријавата, инцидентот се случил вечерта на 18 декември 2025 година, кога Јовановски, додека бил во живо вклучување на „Јутуб“, повеќепати телефонски ја контактирал Русковска, и покрај нејзиното одбивање на повиците.
Од снимката што циркулира на социјалните мрежи може да се види дека разговорот бил проследен со навредливи и вознемирувачки изјави од страна на Јовановски. Русковска во еден момент го предупредила дека доколку продолжи со повиците, ќе го пријави во полиција, по што повиците сепак продолжиле.
Од Министерството за внатрешни работи за медиумите ја потврдија пријавата и информираа дека работат на расчистување на случајот.
Македонија
Пратеникот Јанчев кој имаше сообраќајка во која загина тинејџер доби обвинение, свртел на место каде не смеел
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Сашко Јанчев, пратеник од партијата Левица, за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 4, во врска со член 297 став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението се однесува на тешката сообраќајна несреќа што се случи на 14 септември, по полноќ, во скопското село Марино, во која животот го загуби 16-годишниот Матеј Димовски, а неговата 13-годишна сопатничка беше тешко повредена.
Според Обвинителството, по спроведена истражна постапка, обезбедени се сите релевантни докази и извршени се соодветни вештачења со кои се утврдени причините за несреќата.
Обвинетиот управувал патничко возило „Хјундаи Тусон“, при што не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците.
„Осомничениот непрописно свртел со возилото, без претходно да се увери дека маневарот може да го изврши без да ги загрози другите учесници во сообраќајот“, наведува Обвинителството.
Во тој момент, во возилото удрил мотоцикл марка „Јијинг“, без регистарски ознаки и без вградени светлосни уреди, со кој управувал починатиот 16-годишник. Според официјалните наводи, мотоциклистот немал возачка дозвола, а ниту тој ниту неговата сопатничка не носеле заштитни кациги.
Како последица на тешките повреди здобиени во сообраќајната несреќа, малолетниот возач на мотоциклот починал, додека девојчето кое било сопатник се здобило со тешки телесни повреди.
Македонија
Скопје руши рекорди по загаденост, утрово е втор град во Европа
Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Доколку се следат податоците од апликациите кои ја мерат загаденоста на воздухот, Скопје и утрово е град со многу висока загаденост. Според светскиот сервис IqAir Скопје утрово е на 20 место во светот, а второ во Европа по загаден воздух.
Најзагаден воздух утрово дишат жителите на населбата Илинден.
Министерството за животна средина алармираше дека е надминат прагот на алармирање. Загадувањето во Скопје е децениски проблем особено во зимскиот период и времетраењето на грејната сезона.

