Македонија
Јане Ченто и Игор Југ со пораки по одбиениот предлог за амнестија: „Кажете ѝ на мајка ми нека не жали“
Реакции во јавноста откога вчера беше одбиена иницијативата за ставање на предлог-законот за амнестија на осудените за „27 април“ на дневен ред во Собранието.
Се огласија и осудениците Игор Југ и Јане Ченто.
„Рамноправност и демократија!!!“
„Добра ноќ, Македонијо, земјо во која правдата била мртва уште пред да се роди!!!“, напиша Игор Југ на „Фејсбук“.
Тој им се заблагодари на адвокатите Јанаки Митровски и Драган Пешевски за иницијативата.
„Им благодарам на Драган (Стари) Пешевски и на Јанаки на идејата и на иницијативата! Им благодарам на сите пратеници што гласаа ЗА! Оние што гласаа против имаат свои причини, кои не сакам да ги анализирам. Животот е круг, еднаш и за некого што ним им е мил, а можеби и за нив лично, ќе треба да се гласа… Им благодарам на оние што искрено нè поддржуваат и ја посакуваат нашата слобода, бидете благословени луѓе! Особено ќе се осврнам на оние што лицемерно ќе лајкуваат на овој пост, а во длабочината на својата расипана душа посакуваат никогаш да не излеземе од затвор и на кои сето ова што се случува во Македонија изминативе 6 години им оди на рака и им одговара на нивните лични интереси и на интересите на центрите на моќ, на кои им ја имаат продадено душата за грст сребреници. Прочитани сте како буквар, тоа што не ве терам директно у … е затоа што сакам да видам до каде ќе терате за да станете некој и нешто и финансиски да се осигурите. Засега гледам дека имате огромен капацитет на тоа поле! Само знајте едно: сите стари удбаши душа испуштале врескајќи како јариња и барајќи свештеник да исповедаат тони и тони гревови, кои ги имале на душата, сите лицемери по професија поминувале исто. И вие така ќе завршите, а сè она што сте го заработиле со лицемерство и кодошење, ќе ви го трошат други. Животот бргу поминува, а личен избор е дали ќе го проживееш како човек или како лебарка!“, напиша Југ.
„Кажете ѝ на мајка ми нека не жали оти ние сепак ќе победиме!“, напиша Ченто.
Во Собранието вчера не беше прифатено по скратена постапка да се донесе предлог-закон за амнестија на лицата осудени за настаните во Собранието на 27 април 2017, поднесен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, на иницијатива на адвокатите Јанаки Митревски и Драган Пешевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Превозот за студенти ќе биде бесплатен и во 2025 година, 120 милиони денари денес ќе му бидат префрлени на ЈСП
Денеска ќе бидат исплатени 120 милиони денари на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје за бесплатен превоз за студентите.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска соопшти дека последен пат кога МОН исплатил средства кон ЈСП е во 2021 година, а од тогаш до денес не била донесена одлука за субвенциониран превоз.
„Прашањето околу студентскиот превоз е решено. Денеска ќе бидат уплатени 120 милиони што е добра вест за сите студенти кои имаат потреба да полагаат во јануарската испитна сесија“, рече Јаневска.
Студентите и средношколците на денешната средба со министерката побараа од МОН и поголема дигитализација на учебници , подобрување на државната матура, како зголемување на бесплатниот превоз и за студентите на приватните универзитети.
Јавниот превоз во Скопје ќе продолжи да биде бесплатен за студентите и пензионерите и од утре ќе можат да се продолжат билетите.
Македонија
Извлечено од Вардар телото на 56-годишен маж, петтиот патник во возилото кое се лизна во реката кај Рашче
Полицајци и војници го пронајдоа и го извлекоа од Вардар телото на 56-годишниот маж, петтиот патник во возилото кое вчера се лизна од патот и заврши во реката. Од пет патници во автомобилот, преживеа само четиригодишното дете кое излетало од возилото, а според МВР, минувачи го забележале и со тешки повреди било пренесено в болница. Телата на три жени, од кои едната го возела автомобилот, беа извлечени вчера.
Обвинителството издаде наредба за обдукција на телото и на последниот извлечен патник.
„Откако од водите на Вардар беше извлечено уште едно тело на починато лице, патник во автомобилот кој излета вчера кај Рашче, јавниот обвинител издаде наредба за обдукција и на оваа четврта жртва на тешката несреќа. Се работи на утврдување на причините“, извести Обвинителството.
По мажот од автомобилот се трага од синоќа откога беа извлечени телата на трите жени. Во потрагата беа вклучени и дронови.
Несреќата се случи вчера околу 16 часот, кога автомобил „ауди“ со петмина патници се лизна од локалниот пат кон селото Рашче и падна во Вардар.
Македонија
(Видео) Ќе се гради нов мост кај Башино Село, стариот кој е со уништена арматура е изграден во 70-те од ЈНА
Ќе се гради нов мост кај Башино Село, на местото на постојаниот кој бил изграден во 1971 година од тогашната Армија.
Премиерот Христијан Мицкоски се извини на велешани бидејќи, како што рече, во претстојнинот период за жал ќе има зголемен сообраќај низ Велес и нема да може да се користи овој мост.
„Навистина жалам што ова мора да се случи но, подобро да ние примиме некој политички куршум, отколку да не дај боже загубиме човечки живот, 53 години за жал ништо, 54 година ништо не се направило“, рече Мицкоски.
Донесен е заклучук во кој се наведува дека се забранува секаков вид на сообраќај на овој објект, бидејќи конструкциите се од висок ризик, а уништени се бетонската конструкција и арматурата.
„Во врска со прекин на сообраќај во близина на с.Башино Село, кај мостот, во 14:40 часот сообраќајот е во целосен прекин и истиот ќе биде во прекин подолг временски период“, објави попладнево АМСМ.
Експертите уште во септември 2018 по извршените испитувања констатирале дека столбовите на мостот се напукнати, носечката арматура е сериозно оштетена од корозија со годините и има одводнување на мостовската конструкција. Истата година, Општина Велес најави дека ќе побара од Владата во плановите за инвестиции да предвиди изградба на нов мост.
Неколку министри за транспорт и врски, меѓу кои и поранешниот министер Благоја Бочварски, ветуваа изградба на нов мост, а состојбата остануваше непроменета. Бочварски една година по најавата за изградба за нов мост рече дека дека биле распишани два тендера за проект, но двата биле неуспешни.