Македонија
Камчев пред да го уапсат скрил предмети од сефот, како и мобилниот телефон
Врховните судии во кривичниот совет, составен од Јово Вангеловски, Џемали Саити, Шпенд Деваја, Рахилка Стојковска и Африм Фидани, одлучија да ги прифатат жалбите на обвинетите Орце Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ против решението на скопска Апелација и да им го укинат куќниот притвор со назнака „веднаш“, објави највисокиот суд на веб-страницата.
Во решението на судот се образложува дека СЈО сметало оти сè уште постојат околности за да им биде определен куќен притвор. СЈО побарало куќен притвор поради видот и тежината на кривичните дела за кои постои основано сомнение дека ги сторил обвинетиот, висината на предвидената казна и истрагата што сè уште е во тек. Наведено е дека Камчев е добро ситуиран. Покрај македонско, поседува и бугрско државјанство, и има живеалиште во Бугарија. СЈО образложило дека Камчев пренел парични средства преку плаќање фактури за фиктивни обврски, факт што произлегува и од содржината на разговорите прибавена со примена на посебни истражни мерки.
„Обвинетиот и други правни лица под контрола на групата поседуваат и други правни лица во повеќе земји, како и повеќе офшор-компании преку кои се вршело перење пари. Во досегашниот тек на истрагата се сослушани голем број сведоци, но потребно е да се изврши распит уште на голем број сведоци со оглед дека е опфатен голем временски период“, пишува во образложението на СЈО.
Обвинителството навело дека бројот на сведоците и соучесниците се зголемува ако се има предвид дека првичната наредба за спроведување истрага е проширена со наредба за спроведување истрага од 24.1.2019 година за уште едно кривично дело – оштетување или повластување доверители.
Во извршувањето на дејствата Камчев дејствувал заедно со осомничениот Срѓан Керим, кој веднаш по првиот распит, ја напуштил Македонија и сè уште не е вратен бидејќи има и хрватско државјанство, а во дејствата учествувала и обвинетата Јана Станисављева.
„Околноста дека обвинетиот во текот на предистрагата пред да биде лишен од слобода по претходни добиени сознанија од Н.Ј. и С.М., дека во неговиот дом ќе се врши претрес, скрил предмети што биле во неговиот сеф, како мобилниот телефон, факт потврден и од сведокот З.М., што укажува дека доколку би бил пуштен да се брани од слобода, ќе ја попречува кривичната постапка преку влијание врз сведоци и соучесници“, се наведува во образложението на СЈО.
Адвокатите на Камчев, пак, навеле дека е сторена повреда на одредбите од Законот за кривичната постапка и е постапено спротивно на начелото на акузаторност и официјалност, а се повикале и на начелното правно мислење на Врховниот суд. Во образложението на адвокатите е наведено дека Камчев е бизнисмен што раководи со успешни компании во Република Северна Македонија со 3.000 вработени лица, ужива углед на успешен човек, кој не се занимава со криминални дејства.
Врховниот суд во решението за Камчев навел дека одредбата за СЈО во постојниот закон е јасна за спроведување на истражните дејства: „Доколку не поведе обвинение во опредлениот рок, Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите, треба да нареди запирање на истражната постапка не само од причини што би било нецелисходно за водење истрага за предмет во кој органот што ја води истрагата го пропуштил рокот за поведување обвинение, следствено на што не може да поведе обвинение, туку и за тоа што се работи за императивен законски рок, кој не може да се продолжува по која било основа“.
Највисокиот суд одличил дека во дадениот рок од 18 месеци, во согласност со член 22 од Законот за СЈО, Обвинителството има само две алтернативи: да поведе обвинение или да нареди запирање на истражната постапка. Врховниот суд се очекува од куќен притвор да го пушти и ексдиректорот на тајната полиција, Сашо Мијалков.
Според СЈО, лицата во „Империја“ се осомничени за злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, злоупотреба на службената положба и овластувањето, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.
Со преземање истражни дејства и со примена на посебни истражни мерки, обезбедени се доволно докази, од кои, според СЈО, произлегло основано сомнение дека во периодот од 2002 до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица што биле или се во нивна сопственост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

