Соопштенија
Арсовски: Фамилијата на градоначалникот Ивица Димитров владее со цела Виница

Градоначалникот на Виница, Ивица Димитров, е човекот чија фамилија владее со цела Виница, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Како што кажа тој, градоначалникот Димитров непосредно пред формирањето на техничката влада си ја вработил сопругата Теодора Димитрова во МВР, односно во СВР Штип.
„Малку му било тоа, па градоначалникот си ја вработи и сестрата на неговата сопруга Александра Романова Стоименова, како наставник во ОУ ‘Гоце Делчев’ Виница, училиште кое е под негова надлежност. Првиот братучед на Ивица Димитров, Тони Велков, претседателот на ОО СДСМ Виница и претседател на советот на Општина Виница си ја вработил сопругата Ема Велкова во ‘Македонски пошти’ и внукот од сестра Филип Лазаров во МВР. Кумот на градоначалникот, членот на ЦО на СДСМ Панче Стоименов си ја вработил сопругата Марина Стоименова во Министерство за финансии, Управа за имотно-правни работи, подрачна единица Виница“, посочи портпаролот Арсовски.
Тој упати апел до Антикорупциската комисија да ги провери овие нови случи на непотизам кои, како што рече, се однесуваат на луѓе вработени на раководни позиции во Виница непосредно пред техничката влада, односно пред Нова година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
АД ЕСМ: Блокот 1 на РЕК „Битола“ исклучен од мрежа

„Утрово, Блокот 1 на РЕК „Битола“ е исклучен од мрежа поради интервенции во цевководниот систем на постројката, сервисни и ремонтни активности на мелничките кола и нега на постројките во машинската сала на блокот. Се очекува блокот да биде ставен во функција во следните 24-48 часа“ информираат од АД ЕСМ.
Од таму потсетуваат дека „поради енергетската криза во која се наоѓа земјата и потребата од постојано и зголемено производство на електрична енергија, ремонти и санација на блоковите, не се изведуваат како што вообичаено тоа се прави, со застои на производствениот процес на блокот во период од 60 до 90 дена“.
„Сите неопходни зафати во овој период се прават кога се апсолутно неопходни или кога ќе се укаже можност за тоа. Блокот 2 и Блокот 3 на РЕК ‘Битола’ во моментот работат без проблеми. Ремонтни активности на Блокот 2 се предвидени за следната недела. За целиот овој период, АД ЕСМ ги задоволува потребите за електрична енергија на потрошувачите со производство од другите свои капацитетите. Увоз на електрична енергија нема“, се вели во соопштението.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Мојсоски нека не се крие, нека поднесе оставка од АМС

„Наумче Мојсоски треба веднаш да поднесе оставка од позицијата директор на Агенцијата за млади и спорт по сериозните индиции за сторен криминал. Наместо да се крие зад соопштенија, треба да ја напушти функцијата бидејќи од таа позиција може да ја загрози истрагата за малверзациите со распределбата на ваучери за спортски клубови“, соопштија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека „се работи за сериозен скандал бидејќи распределбата на ваучери врти над една милијарда денари и постои основано сомнение дека без јасни критериуми биле фаворизирани одредени клубови“.
„Според антикорупциска, овие средства биле делени под влијание на одредени лица, па дури и политички партии и со тоа била направена штета на буџетот. Наумче Мојсоски треба на јавноста да ѝ открие кои се тие лица и кои се тие партии што вмешувале прсти во распределбата на оваа милијарда. Доколку Мојсоски решил да молчи, тогаш надлежните институции оваа истрага треба да ја прошират и да се види кој сè стои зад оваа афера“, се вели во партиското соопштение.
Македонија
СДСМ: Нови 100 милиони евра од ЕУ, почетокот на преговорите носи резултати

„Почетокот на преговорите со ЕУ носи видливи и конкретни резултати. Европската комисија даде предлог за макрофинансиска помош до 100 милиони евра за Северна Македонија, односно поддршка за економијата за следните две години“, соопштија од СДСМ.
Од партијата велат дека „помошта ќе придонесе и за покривање на финансиските потреби на Северна Македонија поддржувајќи ги и фискалната одржливост и структурните реформи, нејзиното спроведување ќе биде дефинирано заеднички со ЕУ преку меморандум за разбирање“.
„Меморандумот за разбирање, најверојатно, ќе се фокусира на реформите на политиките во областите на фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупцијата. Со ова уште еднаш се докажува кој стои до Северна Македонија во тешки времиња и во време на економска и енергетска криза“, се вели во партиското соопштение.