Соопштенија
(Видео) Стоилковски: Префрлени 80 милиони денари, буџетски пари за лажно партиско рекламирање
Владата денеска префрли 80 милиони денари, или над еден милион и 300 илјади евра на сметка на Собранието исклучиво за спроведување на кампањата за референдум, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со тоа со ваши пари, пари од буџетот, ќе се закупува медиумски простор во кој ќе се нудат лажни пораки, врз лажни тези, лажна надеж која воопшто нема да биде во релација на референдумот. Најмалку 767,5 илјади евра ќе бидат потрошени да ве уверат дека сега треба да се проголта капитулантскиот договор за да ни тргне
економијата, за да се подобри здравството, реформира образованието, потпомогне земјоделието“, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што вели тој, вистината е поинаква, во оваа кампања од милион и 300 илјади евра нема да се слушне дека со капитулантскиот договор се уништува македонскиот инситутуционален идентитет, дека се брише атрибутот, придавката од сите институции.
„Во оваа прескапа кампања нема да слушнете за членот 8 од договорот кој предвидува формирање комисија меѓу двете држави Македонија и Грција за да се ревидира историјата, археологијата и образованието. Во кампањата нема да ви кажат дека согласно со капитулантскиот договор Грција ќе ја има можноста да ја блокира интеграцијата во Европската Унија на секој иден чекор доколку Македонија не се согласи на тоа дека сме народ без корен, држава без историја“, нагласи Стоилковски.
Затоа, вели Стоилковски, ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно го повикува СДСМ и оние кои ќе трошат буџетски пари за кампања – дали со договорот го губиме инсититуционалниот идентитет што е компонента на националниот идентитет и дали со членот 8 од договорот претстои ревидирање на историјата, археологијата и културата, што е отворена врата за нова грчка блокада во секој момент на евентуалните преговори со ЕУ?
Зоран Заев и СДСМ сакаат да станеме народ без корен, држава без историја, народ без културно историско и археолошко наследство, а младите да учат од некаков си хибриден образовен систем по желбите на најпознатите антимакедонци кои живеат во соседството. Заев се согласи на распродажбата на националните и државните интереси со само една единствена причина, да го покрие криминалот на картелот што го предводи.
„Ниту НАТО ниту ЕУ во своите клубови не сакаат криминалци, па затоа пред капитулацијата на Заев се нагласуваат и борбата со корупцијата по која оваа власт е најпозната, се нагласува партизацијата на администрацијата, се нагласува судството и правниот систем во канџите на лидерот на картелот во улога на некаков реформатор. Власта која со сите можни злоупотреби рекламира европски вредности е должна да одговори на вистинските прашања што ги поставува пред вас, пред сè за содржината на капитулантскиот договор. Сè друго е злоупотреба за манипулација и поткуп на вашето гласачко право“, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Соопштенија
„Тиквеш“ триумфира во Јапонија: Две гран-при од вкупно девет награди на натпреварот SAKURA
Македонското вино сè поубедливо го освојува глобалниот вински простор, а најновата потврда доаѓа од Јапонија. Винарската визба „Тиквеш“ освои девет престижни награди на 13. издание на меѓународниот вински натпревар SAKURA – Japan Women’s Wine Awards, еден од највлијателните вински настани во Азија.
Меѓу деветте признанија се две Гран-при награди, како и два двојни златни медали, четири златни и еден сребрен медал, што претставува јасен сигнал за конзистентниот квалитет и глобалната релевантност на вината на „Тиквеш“.
Највисоките награди на натпреварот ги понесоа вината Barovo Rosé 2024 и Vranec Luda Mara 2022. Притоа, Barovo Rosé 2024 освои двоен златен медал и Гран-при награда за најдобро розе вино, а Vranec Luda Mara 2022 освои златен медал и Гран-при награда за вино што најдобро се комбинира со корејската кујна.
Останатите наградени вина се: Bela Voda Red 2021, кое освои двоен златен медал, Domaine Lepovo Chardonnay 2023, Babuna Red 2022 и Alexandria Premium Cuvée Rosé 2024, кои освоија златни медали и Barovo Red 2021, кое освои сребрен медал.
„Овие признанија се резултат на нашата долгорочна посветеност, како кон квалитетот, така и кон создавањето вина со јасен идентитет и тероарска автентичност. Нашата амбиција е македонското вино да биде препознаено не само по вкусот, туку и по карактерот што го носи“, истакнуваат од „Тиквеш“.
Винскиот натпревар SAKURA е специфичен по својот уникатен пристап во кој вината ги оценуваат повеќе од 400 сертифицирани жени сомелиери и вински експерти од Јапонија, со особен фокус на нивната компатибилност со азиската гастрономија. Со над 4.000 вина пријавени секоја година, овој натпревар претставува релевантна платформа за позиционирање на вината на еден од најдинамичните светски пазари.
Со овој резултат, „Тиквеш“ дополнително ја зацврстува својата позиција како еден од најрелевантните вински производители од регионот и значаен претставник на имиџот на македонското вино на глобалната сцена.
(ПР)
Соопштенија
За зелена иднина – Mozzart повторно засадува надеж!
Mozzart по втор пат реализира голема еко акција и ја потврди својата посветеност кон здрава животна средина.
Овој пат, вработените со заеднички сили засадија 2990 садници во селото Кучково, на површина која беше зафатена од пожар.




Во соработка со ЈП Национални Шуми, беа засадени даб, црн бор, јасен и багрем – симбол на нов живот и свежа енергија.
„Со оваа акција не само што придонесуваме за пошумување, туку и градиме зелена иднина за новите генерации. Тимската енергија и заедништвото уште еднаш покажаа дека Mozzart е победнички тим – и на теренот, и во општествената одговорност,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.



За својата заложба, компанијата доби благодарница од ЈП Национални Шуми – признание за искрена грижа и вложен труд.
Mozzart со вакви акции ја зацврстува својата лидерска позиција и испраќа силна порака: кога работиме заедно, создаваме подобро утре.
(ПР)
Соопштенија
„Ај реално“ – HALK EZ караван на кој ќе се слуша гласот и изборот на младите
Халкбанк АД Скопје, преку пакетот за млади Halk EZ, го започнува караванот „Ај реално“ – иницијатива што има за цел да им даде простор на младите да зборуваат отворено, без притисок и без страв од осуда. Првата станица на караванот е СОУ „Јосип Броз Тито“ во Битола. Караванот ќе го води младата Кики Мукаетова, која со искрен младешки пристап ќе разговара со средношколците на теми блиски до нивната реалност. Модератор на средбите ќе биде младиот актер Дејан Димоски.
„Ај реално“ не е класично предавање. Наместо тоа, средбите се замислени како отворен разговор, каде младите не се само слушатели, туку активни учесници. Преку лични приказни, искуства и интеракција, се отвораат теми што секојдневно ги засегаат – притисокот од околината, стравот од погрешни избори, дилемите околу иднината и првите чекори кон самостојноста.
Во време кога од младите се очекува да имаат одговори, „Ај реално“ тргнува од поинаква перспектива – дека е во ред да не си сигурен, но да имаш храброст да го пронајдеш сопствениот пат. Наместо да наметнува решенија, иницијативата отвора простор за прашања, размислување и личен избор.
За Кики, како една од бренд амбасадорите на Халк, ова е голем и искрен предизвик да се сретне со свои врсници и заедно, искрено да рушат бариери и предрасуди.
– Важно е да сме искрени и да разговараме. Ние припаѓаме на генерации што многу повеќе време поминуваат онлајн, отколку во живо. А тој контакт сфаќаме се повеќе дека ни е многу потребен. Да си се погледнеме во очи, да се прегрнеме, да си споделиме дека ни се случуваат слични работи, дека не е најстрашно нешто што ни се случува, да сфатиме дека не сме единствени. Како правиме избори? Колку е важно низ грешки да учиме? Да разговараме искрено? Колку често си го слушаме сопствениот глас? Ова се важни прашања што ќе се обидеме да ги отвориме низ караванот „Ај реално“. Се радувам на претстојните средби со моите врсници – вели Мукаетова.
Со караванот „Ај реално“, Халкбанк дава порака дека младите не треба да бидат само слушатели, туку гласови што се слушаат. Оваа иницијатива е дел од пошироката посветеност на банката да создава вредност за младата
генерација, не само преку финансиски производи, туку и преку поддршка на нивниот развој, самодоверба и право на избор.
Караванот ќе продолжи во повеќе градови низ Македонија, со цел да допре до што повеќе млади и да поттикне отворен дијалог за теми што ги обликуваат нивните одлуки и иднина.
(ПР)
