Соопштенија
СДСМ: Денеска почнуваме преговори со ЕУ, нов успех за сите наши граѓани!

По 17 години чекање, денеска нашата татковина почнува пристапни преговори со ЕУ! Ова е историски ден и нов голем успех за сите наши граѓани.
Претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски ја предводи македонската владина делегација во Брисел која во Советот на ЕУ ќе учествува на првата меѓувладина конференција.
Советот на Европската Унија синоќа даде зелено светло Северна Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ, а официјално преговорите за полноправно членство започнуваат токму со денешната меѓувладина конференција.
Она што за македонскиот народ е особено важно, почнуваме преговори со ЕУ како Македонци, со заштитен македонски јазик, идентитет, историја, култура и посебност.
Честитки до сите граѓани! Македонската иднина е европска!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
СДСМ: Растот на извозот и платите покажува дека македонската економија е стабилна

Владата предводена од СДСМ успева и во време на светска економска криза да ја одржи стабилноста и ликвидноста на домашната економија, соопшти СДСМ.
„ Навремените и ефикасни економски политики даваат резултат, последен показател за тоа се податоците од Државниот завод за статистика, кои покажуваат дека во првите шест месеци од годинава, извозот пораснал за 20,2 отсто во однос на истиот период од минатата година.
Тоа е доказ дека македонската економија и стопанство се конкурентни и во време на светска енергетска и економска криза. Истовремено, покрај извозот растат и платите. Просечната плата за месец мај изнесува 31.407 денари што е за 9,4 отсто повисока во однос на истиот месец од 2021 година.
Веќе од следниот месец следува раст на платите во образованието, детската заштита, во полицијата и одбраната. Грижата за граѓаните и унапредување на нивниот економски стандард останува врвен приоритет за Владата и институциите предводени од СДСМ“ велат од владејачката партија.
Соопштенија
ВМРО-ДПМНЕ: Јавноста очекува оставка на скафандер министерката за култура после нејзината скандалозна и цензурирачка реторика

Министерката за култура освен што е позната по својот скафандер, сега стана позната и по скандалозната изјава со која меѓу редови им порача на уметниците да не творат на историски теми за да не биде тоа препознаено како говор на омраза од страна на Бугарија, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„ Министерката очигледно добро знае што предвидува протоколот кој што владата на Ковачевски го потпиша со Бугарија и кој уредува дека нема да има државна подршка за уметничкото творештво чиј наратив за Софија може да биде неприфатлив. Со други зборови тоа што нема да биде прифатливо за Софија нема да биде финансирано од страна на македонската влада.
Министерката треба да знае дека и досега и во иднина историската тематика во културата треба да биде силно застапена и тоа е случај во секоја сериозна земја. За жал, само кај нас имаме скафандер министерка која препорачува историјата да се одбегнува и да се разработувале “орасположувачки“ теми за публиката. Според министерката дела како Македонска крвава свадба, автори како Петре М. Андреевски, филмови како Република во пламен и слични други творечки дела треба да бидат цензурирани или заборавени за да се одело напред и да не враќаат кон мрачни времиња. Ова е срамно и бедно.
Ваков лик кој ја брука и се срами со историјата и културата на својот народ не заслужува да биде ни ден повеќе министер за култура. Оставката на министерката за култура е нешто кое јавноста логично го очекува после ваква тоталитарна и цензурирачка реторика“ велат од опозициската партија.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Институциите задолжени за борба со криминалот ги кршат законите

Последните случувања на релација Русковска- Муареми покажуваат дека институциите надлежни за борба со криминалот го правеле токму спротивното. Меѓусебните обвинувања за прекршувања на законите даваат одговор зошто криминалот цвета во Македонија и зошто правосудството има само 8% доверба кај граѓаните, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Но ова воопшто и не зачудува, ако се има предвид дека врхушката на власт е корумпирана до срж, кога владата ја водеше и сеуште ја управува амнестиран криминалец, кога клучните приоритети на власта се како да наместат некој тендер или јавна набавка, кога се прават милионски криминали со физибилити студии и слични други далавери.
Да имаше правна држава до сега за стотиците скандали и афери за оваа власт ќе имаше барем десетина разрешници. Но институциите наместо да го гонат криминалот на власта, тие го прикриваа и штитеа, па дури и биле злоупотребувани за лично богатење. Секаде врие од криминал и корупција, а системот целосно се распаѓа. Власта на СДСМ и ДУИ е свесна дека пропаѓа па се фрлила во тотална кражба. Им порачуваме дека ќе одговараат за секој криминал што го сториле и за секоја злоупотреба на функцијата која ја направиле, се вели во соопштението.