Македонија
СДСМ: Лага на ВМРО-ДПМНЕ е дека постои апликација што прибира лични податоци на граѓаните
Не е точно дека постои апликација „Големото око“, како што лажно обвинува ВМРО-ДПМНЕ, ниту дека е прекршен изборниот процес или личните права на граѓаните, најмалку дека се прекршени законите, велат од владејачката партија.
„Лага на ВМРО-ДПМНЕ е дека постои апликација што прибира лични податоци на граѓаните, матични броеви или други лични информации. Исто така, лага е дека се прибираат мета-дата податоци од паметни телефони“, се наведува во партиската реакција.
СДСМ истакнуваат дека ова се целосни измислици на ВМРО-ДПМНЕ, кои се соочени со страв од изборен пораз.
„Контрадикторноста и невистините пласирани од ВМРО-ДПМНЕ се гледаат во тоа што во еден пасус тврдат дека постои апликација што се користи од страна на членови на СДСМ и која прибира податоци од сите што ја симнале (значи, членовите на СДСМ), а во друг пасус, пак, тврдат дека преку истата апликација се прибираат информации за интернет-ативностите на сите граѓани“, додаваат од партијата.
Од таму појаснуваат дека вистината е сосема поинаква, односно дека СДСМ користи современ, иновативен начин на водење кампања, кој, како што велат, е преземен од сестринските партии од Шведска.
„Системот не прибира лични податоци на граѓаните, не содржи фотографии, ниту дата-податоци од паметни телефони ниту интеренет-активности“, тврдат од владејачката партија нагласувајќи дека за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, која знае само за злоупотреби и уцени, СДСМ спроведува современа кампања поврзана исклучиво со работата на сопствените активисти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

