Соопштенија
Соработка помеѓу институциите и невладиниот сектор за заштита на жртвите од семејно насилство
Заштитата на жртвите на семејното насилство, проблем со кој нашето општество се соочува и, за жал, има нагорен тренд во последните три децении, треба да се заснова за интензивна, планска и координирана соработка помеѓу институциите и невладиниот сектор. Бројот на осудени лица за семејно насилство е мал, што значи дека потребно е поголемо подигање на свеста за охрабрување на жените, но и на сите членови на семејството, да го пријават ваквото девијатно однесување.
Ова е заклучокот од денешната конференција на тема „Жената како жртва на насилство – механизми за заштита и помош од институциите“, што ја организира Американскиот универзитет на Европа – ФОН во рамките на кампањата „СТОП на домашното насилство. Биди храбра!“
„Разбирањето на факторите што придонесуваат за семејно насилство и факторите што влијаат на жената да остане во насилна врска е важно за програмата за превенција, како и за изготвување план за третман на жените жртви на семејно насилство. Анализирајќи ги сите карактеристики на жртвата, всушност се поставува основата и за институционално дејствување. Тоа подразбира сеопфатна институционална соработка во насока на приближување на жртвата кон остварување на правдата и оневозможување за нејзино повлекување под страв и закани“, истакнаа во своето излагање Александра Србиновска-Дончевски, професор по комуникации и масовни медиуми, и Наташа Тодоровска, професор по казнено-процесно право на Американскиот универзитет на Европа – ФОН.
Според последните податоци, во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија казната затвор ја издржуваат вкупно 2.045 осудени лица, од кои 26 се осудени лица поради семејно насилство во повеќе облици. Во КПД „Идризово“ казната затвор ја издржуваат и 2 жени што извршиле кривично дело како резултат на семејното насилство.
Сите осудени лица, па и оние за семејно насилство, поминуваат низ процес на ресоцијализација со цел нивно полесно реинтегрирање не само во семејството туку и во општеството. Па, така, според Марјан Спасовски, директор на Управата за извршување санкции во изминатиот период во КПД „Идризово“, жените, меѓу кои осудени и за насилство, биле вклучени во повеќе активности за ресоцијализација.
„Во соработка со УНДП организирани се стручни обуки со кои жените се стекнуваат со валидни сертификати за шивачки или фризерки, а некои од нив беа вклучени и во дооформување на основното образование. Овие активности, односно стручното оспособување на жените, ќе им овозможи нивно полесно осамостојување и реинтегрирање во општеството по излегување од казнено-поправната установа, со што ќе доведе и до намалување на можноста да бидат жртви на семејно насилство“, истакна Марјан Спасовски, директор на Управата за извршување санкции, говорејќи за третманот на лицата осудени за семејно насилство.
Полицијата најчесто прва доаѓа во контакт со жртвите на семејно насилство и постапува во случаите на семејно насилство. Затоа, според Јулијана Станчова, главен инспектор за семејно насилство во Единица за криминалистички работи при СВР Скопје, од исклучителна важност е да се работи на полето на сензибилизирање на полициските службеници за препознавање на семејното насилство и постапување со жртвите на семејно насилство, како и меѓуресорската соработка и вмрежување на институциите, сè во интерес на жртвите.
Конференцијата „Жената како жртва на насилство – механизми за заштита и помош од институциите“, што ја организира Американскиот универзитет на Европа – ФОН во рамките на кампањата „СТОП на домашното насилство. Биди храбра!“, е на иницијатива на Билjaна Ангелова, сопруга на амбасадорот на Република Бугариjа во Скопје. Ангелова на денешната конференција истакна дека домашното насилство се случува 365 дена во годината и затоа за овој проблем општeството треба да биде гласно. Таа ги охрабрува жртвите на насилство отворено да зборуваат за проблемот со кој што се соочуваат, без страв, срам или осуда од околината. Ангелова на денешната конференција ги повика сите заинтересирани граѓани на 12 декември да се приклучат на маршот против насилството со мотото „Заедно сме посилни“ и тивко да им дадат поддршка на жените и децата жртви на насилство, а кој ќе се организира во неколку поголеми градови во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Соопштенија
„Еуромакс ресурсес“ со последно предупредување пред арбитража за рудникот за бакар „Иловица-Штука“
„Еуромакс ресурсес“, компанија сопственик на концесиите „Иловица 6“ и „Иловица 11“ за рудникот за бакар „Иловица-Штука“, денеска на прес-конференција издаде последно предупредување пред арбитражата.
Од компанијата истакнаа дека од своето основање во 2004 година, проектот Иловица-Штука симболизира светилник на можности, отелотворувајќи ја цврстата посветеност на „Еуромакс ресурсес“ за одговорен развој и економски просперитет. Сепак, и покрај значителните инвестиции и во финансиските и во човечките ресурси, проектот се наоѓа себеси заробен во мрежа од правни и административни пречки.
Третманот на проектот од страна на властите е скандалозен, цени „Еуромакс ресурсес“. Менаџментот на компанија истакна дека и покрај јасните правни победи, бирократската инерција и произволните одлуки постојано го попречуваат напредокот. Овие одложувања не само што ја нагризуваат довербата во регулаторното опкружување, туку и ја загрозуваат егзистенцијата на илјадници кои ќе имаат корист од проектот и ги одвраќаат идните странски инвестиции во Македонија.
„За да не бидеме погрешно протолкувани, сакаме да бидеме јасни и прецизни. Нашето трпение е при крај. Не можеме повеќе да одолговлекуваме, чекајќи политички одлуки за/игнорирање на правните околности. Ако политиката – спротивно на законот – каже „не“ за нов и модерен рудник за бакар, има правен епилог кој нема да биде поволен за државата, а за жал и нејзините граѓани. Меѓународната арбитража не е одлука што ја земаме лесно. Тоа има значителна цена – и во однос на ресурсите и угледот на нашата компанија и на земјата. Сепак, во услови на континуирано малтретирање и флагрантно непочитување на владеењето на правото, тоа е чекор што сме подготвени да го преземеме за да ги заштитиме нашите и интересите на нашите инвеститори“, истакна претседавачот на Бордот на директори и главен извршен директор на „Еуромакс ресурсес“, Тимоти Морган Вин.
На прес-конференцијата свое обраќање имаше и Габриел Лански, од адвокатската куќа Lansky, Ganzger, Goeth & Partner, која е правен застапник на „Еуромакс ресурсес“. Тој истакна дека „Еуромакс ресурсес“ има доставено формално известување за спор (тригер-писмо) до Владата во март 2020 година, за настанатиот спор и нивната намера да влезат во меѓусебни консултации за решавање на спорот и дека.
„Повеќе од очигледно е дека Владата на Северна Македонија не ги исполни обврските да се консултира и соодветно да преговара со член 10(1) од Договорот Швајцарија – Северна Македонија и со тешко срце сега размислуваме да го пренесеме нашиот случај пред меѓународната арбитража. Оваа одлука доаѓа по исцрпните напори за решавање на нашите спорови во локалната рамка, а сето тоа доведе до овој ќорсокак каде финансиските последици би можеле да бидат страшни за и онака кревката економија на Северна Македонија. Владата вака постапува иако Северна Македонија е во процес на обид да влезе во Европската Унија како земја членка. Пред да заклучам, поставувам едно неодложно прашање до владата и народот на Северна Македонија: Дали оваа средина на правна непредвидливост ќе се прошири и на други инвеститори или е предизвик единствено насочен кон ‘Еуромакс ресурсес’? Ресурсот што сакаме да го развиеме е национално богатство и неминовно ќе треба да го искористиме, ако не ние тогаш некој друг. Изборите направени денес ќе резонираат надвор од нашиот проект, обликувајќи го економскиот пејзаж на земјата и нејзината меѓународна репутација во годините што доаѓаат “, истакна Лански.
„Еуромакс ресурсес“ ги повика надлежните државни институции да ги исполнат своите законски обврски, да го почитуваат владеењето на правото и да се вклучат во напорите со добра волја за да се забрза решението. Компанијата останува посветена на соработка со владата, заедниците и пошироките засегнати страни за да испорача трансформативен проект, кој е повеќе од потребен на повеќе нивоа.
„Еуромакс ресурсес“ ја потврди својата непоколеблива посветеност за одговорен развој, просперитет на заедницата и успехот на проектот „Иловица – Штука“ со највисоко ниво на почитување на најсовремените стандарди за заштита на животната средина преку примена на најсовремени технологии во рударската индустрија. Меѓутоа, ако тековниот третман на проектот од страна на властите продолжи, и ако владеењето на правото продолжи да се занемарува, тогаш арбитражата ќе стане неизбежна реалност.
ПР текст
Соопштенија
Нова акција на „Спорт лајф“ – „Кој е твојот среќен тип?“
Во обложувалниците на „Sport Life“, во тек е акцијата „Кој е твојот среќен тип?“. Среќната игра ќе им донесе на обложувачите на Sport Life, многу „седумки“: главна премија од 777.000 денари и по 7 (седум) вредносни ваучери од 500 денари за секој од победниците во поединечните етапи на акцијата.
Среќата треба да ја бараат во онаа игра со која ќе успеат да погодат тикет со најголем број натпревари со исто типување. Соодветно на тоа, играчите ќе се рангираат и на генерално ниво, до крајот на играта, и на седумдневно – етапно ниво.
Акцијата се однесува само за несистемските тикети, со погодени минимум шест натпревари со ист тип, со минимална квота од 1,50 по пар. Исто така, во пресметката за бодување и рангирање на тикетот влегуваат и натпреварите од понудата „Супер тип“ и натпреварите од понудата за обложување во живо.
Акцијата ќе трае до 25-ти април и важи за членовите на СЛ клубот со приложување на СЛ клуб картичката.
Сите информации за играта и тековното рангирање за генералниот и етапен пласман се објавени на вебстраницата на Sport Life и на официјалните канали на социјалните мрежи.
ПР текст
Соопштенија
Праизведба на претставата „Хенгинг Араунд“
Во Македонскиот народен театар, на 19 април, со почеток во 20 часот, ќе се одржи праизведбата на претставата „Хенгинг Араунд“ во режија и адаптација на Бојан Трифуновски, по текст на Љупчо Јованов.
Главните ликови 0 (Хенгинг) и 1 (Араунд) во оваа приказна се изгубени во светот на бајките и не се знае како влегле во овој свет, но главна цел им е да се вратат во реалноста, во нивните топли огништа. Можеби се Дисмас и Гестас, но пред да ги распнат можеби некако им избегале на Римјаните и продолжиле да го живеат својот динамичен живот, овој пат празен и лишен од средба со Спасителот. Можеби патем решиле да се смират, да создадат семејство со единствена цел – да умрат во длабока старост почитувани од пријателите и саканите и жалени од најблиските. Дали нивниот карактер, судбина, ги натерала повторно да си ја пробаат среќата и да почнат нова авантура, да влезат во нова приказна…
Целото дејство се случува во светот на бајките, а местото и времето се ирелевантни.
Во претставата играат: Сашко Коцев, Александар Михајловски, Стефан Спасов, Гораст Цветковски, Борче Начев, Ана Стојановска, Софија Насевска-Трифуновска и Нела Павловска.