Спорт
Високите амбиции го враќаат шаховскиот клуб АЛКАЛОИД повторно во борба за европскиот клупски трон

Нашиот најуспешен шаховски клуб и еден од најуспешните спортски клубови во историјата на македонскиот спорт е подготвен да ги одмери силите на овогодинешниот Европски клупски куп со други ривали за нова европска шампионска титула!
Во клупската историја со гордост остануваат забележани исклучително успешните настапи на Европскиот клупски куп – во 2016 година ШК Алкалоид ја понесе титулата Eвропски шампион и тоа токму во годината кога клубот одбележа 40 години од своето формирање! Се продолжи со успешен настап и во 2017 година, кога Алкалоид го освои второто место. Интересно е да се истакне дека клупската стратегија и план од 2015 беше во следни пет настапи екипата да освои барем еден каков било медал – фармацевтите со своите извонредни настапи далеку ги надминаа сите очекувања:
2015 – делба на 5 место
2016 – 1 место
2017 – делба на 2 место
2018 – делба на 3 место
2019 – делба на 4 место !
Потоа следуваше само еден настап во 2021 година, проследено во меѓувреме со реструктуирање на интернационалниот состав на тимот. Во 2023 година македонскиот состав играше на Светското екипно првенство за шахисти над 50 години, каде оствари уште еден успех со освоеното петто место во конкуренција на 22 екипи.
Откако оваа година беше завршена „домашната задача“ со освоената на државното екипно првенство последователна 12-та шампионска титула (по 26-ти пат во последни 32 години), фокусот на клубот е свртен кон меѓународните настапи.
Во новиот состав на Алкалоид засилувањата повторно доаѓаат од Далечниот Исток:
индиските велемајстори Арјун Еригаиси, Аравинд Читамбарам Веераппан, Нараианан С.Л.
кинеските велемајстори Ји Веи, заедно со нашиот добро познат (член на екипата од 2015 година) велемајстор Јангјуи Ју
српските велемајстори Александар Инѓиќ и Велимир Ивиќ (кои настапуваа за екипата на државно првенство) и
нашиот домашен многукратен шампион интернационалниот мајстор Филип Панчевски.
И во досегашните настапи Алкалоид се покажа извонредно во аналитика и селекција на екипата и посебно во високо професионалната организација на клубот, а посебно со фанатичната страст за градење на успешни екипи – што впрочем е пресликување на корпоративната матрица и начин на размислување од спонзорот Алкалоид АД – Скопје.
За жал во овогодинешната екипа на фармацевтите нема повторно да го видиме велемајсторот Динг Лирен (настапуваше за Алкалоид во 2016, 2017 и 2018) кој во април 2023 стана светски шампион! Но аналитиката на клубот насочи, покрај кинеските и кон индиските шахисти кои покажуваат исклучителен раст и квалитет, а нивните млади шахисти се етаблираат и почнуваат да доминираат во светскиот врв. Интересно е да се спомне дека пет од играчите беа во составот на репрезентациите на своите држави на 45-тата Шаховска Олимпијада што заврши минатиот месец во Будимпешта, каде со своите одлични настапи и резултати уште повеќе ги зголемуваат клупските очекувања.
Редоследот на играчите е според моменталниот рејтинг, а конкретниот распоред по табли официјално се објавува на самиот почеток од турнирот. Капитен на екипата е велемајсторот Влатко Богдановски, повеќекратен државен шампион и долгогодишен член на државната репрезентација.
Од 84 пријавени екипи, ШК Алкалоид се наоѓа иницијално (според просечен рејтинг на екипата) на второто место.
Овој турнир, кој често го нарекуваат и шаховска „лига на шампионите“ годинава ќе се одржи во периодот од 20 до 26 октомври во Врњачка Бања, Србија.
Фактот дека најголемиот успех и европската шампионска титула е освоена исто така кога нашиот северен сосед беше домаќин на првенството, за екипата претставува потстрек со уште поголем мотив да се нападне европскиот трон. Високите амбиции се дел од корпоративната култура на „фармацевтите“ и стремежот кон врвот природно се наметнува како објективна цел. Играчите се подготвени да го дадат својот максимум во текот на претстојните седум „рунди“, но конкуренцијата е огромна, а во спортот (и посебно во шахот) каде само едно коло и една партија и само еден потег може да одлучи дали екипата ќе заврши „со штитот или на него“, поради што никогаш не треба да се исклучи и факторот „спортска среќа“.
ПР текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Јуниорите на ШК Алкалоид импресионираа на државното Екипно првенство во шах

Три екипи од Младинската шаховска школа на „Алкалоид“ станаа државни прваци на Екипното младинско првенство за 2025 година, кое заврши вчера во Скопје.
Импонира тоа што трите титули се освоени во сите највисоки старосни категории, односно за јуниори до 18 години (ЖФМ Моника Жежовска, Никола Павлески, Стефан Мелник, Никола Бошковски и Михаил Маркушески), за јуниори до 16 години (Кирил Николовски, Андреј Иванов, Никола Радоњанин, Петар Ачкоски и Лука Ѓоргиев) и за јуниори до 14 години (Благоја Миновски, Андреј Божиновски, Славен Блажевски, Стилијан Стојковски, Александар Аврамовски, Јована Котушевска). Многу малку недостигаше во оваа група да се најдат и јуниорите до 12 години (Илијана Велева, Лука Симоноски, Марко Стојановиќ, Матеј Диванисов и Марко Кметовиќ-Младеновиќ), кои се најдоа на делба на првото место, речиси сосема изедначено, а титулата беше одлучена дури по четвртиот тај-брејк критериум.
– Турнирот за играчи до 18 години беше исклучително квалитетен, особено за македонски услови. Квалитетот беше сконцентриран во неколку клубови и имаше интересни партии кои заслужуваат да бидат и повторно разгледани, бидејќи беше демонстрирана зрела игра, особено од талентите на клубовите надвор од Скопје, кои дадоа неверојатно силен отпор против фаворитите. За првпат имав можност да бидам капитен на екипата во оваа старосна категорија и бев позитивно изненаден од изедначеноста, како и од зрелоста во играта, особено на првата табла. На турнирот до 12 години беше подеднакво возбудливо. На оваа возраст веќе распознаваме кои се оние кои можат да бидат идната македонска гордост во светот на шахот, се насетуваат идните мајстори и добро е што беше демонстрирано „фајтерство“, кое ќе ги стимулира да продолжат и да се развиваат во светот на квалитетниот шах – рече ВМ Влатко Богдановски, кој беше еден од капитените на јуниорските тимови.
– На екипните натпреварувања не е чест случај да се видат такви посветени, борбени и фокусирани јуниори, а овојпат заслужија честитки затоа што го дадоа својт максимум. Беа присутни од првиот до последниот момент и покажаа дека со работа и со труд и чудата се можни, што би важело за турнирот до 14 години, на кој нашите јуниори немаа фаворитски статус, но покажаа карактер и стигнаа до пехарот за првото место – додаде ИМ Дејан Стојановски, тренер посебно задолжен за јуниорскиот шах во клубот.
Дополнително, и екипата на ШК Алкалоид до 10 години го освои второто место, а девојчињата до 10 години третото место.
Со долгогодишната работа во шаховските школи, ШК Алкалоид ја потврдува својата посветеност на младинскот шах, а со континуираната и систематска работа, со наставата насочена кон постојан развој на најталентираните млади играчи, со градењето позитивен тимски дух и со вложувањето во најдобрите македонски шахисти како тренери, кои преку групни и индивидуални часови се фокусирани на издигнувањето на новите македонски шаховски таленти, се дојде до овие успеси, кои даваат индикации дека се оди по вистинскиот пат.
ПР
Спорт
Евробаскет 2029 во Грција

По 34 години, Грција во 2029 година повторно ќе биде домаќин на Европското првенство во кошарка. Според грчките медиуми, земјата ќе биде домаќин на финалето на Евробаскет 2029 година.
Грција ги победи Шпанија, Литванија и Словенија во жесток процес на лицитирање, додека Германија се повлече уште порано.
Грција ќе биде домаќин и на групната фаза и на финалето на Европското првенство, а финалето ќе се игра во Атина, на арената „ОАКА“.
Се очекува оваа одлука да биде официјализирана на 22 мај во Рига, по гласањето на претставниците на ФИБА Европа, а ова ќе биде трет пат во историјата Грција да биде домаќин на Евробаскет.
Сè уште не е познато дали и кои други земји ќе бидат домаќини на групната фаза на Европското првенство заедно со Грција, а во медиумите моментално кружат информации дека тоа би можела да биде Холандија.
Не е исклучено кандидатите за последниот дел од турнирот – Шпанија, Словенија и Литванија – да ја преземат организацијата на дел од групната фаза.
За потсетување, Шпанците аплицираа за последниот дел од Евробаскетот, сакајќи да се одржи во „Мовистар Арена“ во Мадрид, а беше споменато дека финалето би можело да се одржи и на фудбалскиот стадион „Сантијаго Бернабеу“, кој може да прими 78.000 гледачи.
Спорт
Два европски гиганта: спектаклот помеѓу Партизан и Панатинаикос потврден

Партизан и Панатинаикос ќе ги вкрстат копјата на пријателски натпревар во Австралија во септември 2025 година, официјално е потврдено.
Како што претходно беше најавено, Партизан и Панатинаикос ќе го продолжат своето пријателство и ќе бидат главни актери на меморијалниот турнир „Павлос Јанакопулос“, именуван по поранешниот сопственик на „зелените“.
Сега е официјално потврдено, а турнирот, на кој ќе настапат и Сиднеј Кингс и Аделejd 36ерс, ќе се одржи од 18 до 22 септември оваа година во Мелбурн и Сиднеј.
„Два европски гиганти. Два австралиски предизвикувачи“, објави ПАО во соопштението за настанот.
„Ова е неверојатен момент за НБЛ (Австралиската кошаркарска лига) и кошаркарските фанови во Австралија. Да се натпреваруваат два од најголемите европски тима на турнир од ваков калибар, заедно со два од најголемите австралиски клуба, е одраз на репутацијата што НБЛ ја стекнува на глобално ниво, но исто така го нагласува растечкиот интерес што Австралијците го имаат за играта“, рече Никола Миливојевиќ, директор на НБЛ.
Партизан и Панатинаикос прво треба да одиграат пријателски натпревар на 18 септември на арената „Џон Кејн“ во Мелбурн, а потоа да учествуваат на турнирот со „Кингс“ и „36ерс“ на арената „Кудос Банк“ во Сиднеј на 21 и 22.