Спорт
Рекордни 8.000 регистрирани учесници на ревијалниот настан „Вози право, вози здраво“

Околу 8.000 деца и возрасни вчера попладне ги преплавија улиците во центарот на Скопје со своите еколошки превозни средства како дел од ревијалниот настан „Вози право, вози здраво“, што е најмасовната посетеност досега.
Илјадници насмеани лица на велосипеди, тротинети, ролерки, скејтборди, мајки и татковци со бебешки колички, тргнаа од Порта Македонија и со релаксирано возење по улиците на кои немаше автомобили стигнаа на целта во Градскиот парк каде ги очекуваше голема забава со музика, танчерски точки, освежување и лотарија со многу вредни награди.
По двегодишна пауза поради пандемијата, настанот „Вози право, вози здраво“ во организација на Стопанска банка АД-Скопје по шести пат ги собра сите граѓани кои „гласаат“ за здрави животни навики и промовираат алтернативни превозни средства кои придонесуваат за поздрава животна средина и намалување на сообраќајниот метеж. Најсреќните 40 од нив дома заминаа со вредни награди што ги обезбеди Стопанска банка како и главната награда вредносен ваучер од Град Скопје. Посетителите си отидоа и со позитивно расположение за кое се погрижија водителите на манифестацијата Цеце Тодосовска и Марко Марк, заедно со харизматичниот Александар Матовски – Цако. Посетителите на настанот уживаа во содржините кои ги обезбеди Крафт продукција, поточно танчерските групи, перформансот на луѓето-статуи, а на сцената настапи и забавниот бенд ContruDJ со својот весел перформанс. На задоволство на присутните и познатиот графити уметник Дредпен трпеливо ги исполнуваше желбите на најмладите цртајќи им ги омилените мотиви на патиките, кацигите, велосипедите и скејтбордите.
Традиционално како и во претходните години, Стопанска банка ќе го заокружи ова издание на „Вози право, вози здраво“ со донација за изградба и одржување на велосипедската инфраструктура која ќе се реализира во договор со Град Скопје и наскоро ќе биде најавена. Од изминатите изданија на „Вози право, вози здраво“, Стопанска банка досега донираше средства за изградба на првиот детски велосипедски полигон, 14 станици за поправка на велосипеди, 105 паркинзи за велосипеди, даде поддршка за изградбата на првиот pumptrack полигон и ја финансираше изградбата на вториот pumptrack полигон во Скопје – TOPSI Pumptrack.
Огромниот интерес на граѓаните за настанот „Вози право, вози здраво“ е голема мотивација за Стопанска банка да продолжи со неговата реализација, при што плановите се во иднина оваа манифестација да се организира и во други градови низ земјава за што помасовно ширење на велосипедската култура, промоција на здравиот начин на живот и начините за заштита на животната околина.
Кампањата #ВозиПравоВозиЗдраво беше заокружена со настанот вчера, но продолжува целата година да го промовира велосипедизмот како вообичаена урбана форма на транспорт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Падна договор меѓу Арсенал и Ѓекереш

Арсенал е на добар пат да го потпише Виктор Ѓекереш, еден од најбараните напаѓачи во Европа во моментов.
Како што објави „Атлетик“, преговорите меѓу „Топџиите“ и играчот на Спортинг напредуваат добро и веќе се зборува за петгодишен договор за 27-годишниот Швеѓанец.
Во претходната сезона, со 54 гола на 52 натпревари, Ѓекереш му помогна на Спортинг да стигне до двојната круна.
Долго време неговото име се поврзува со Арсенал, и не е тајна дека преселбата во лондонскиот клуб е негова голема желба, сега наводно сите услови се веќе договорени.
Со доаѓањето на Андреа Берта како спортски директор на „Топџиите“, доведувањето на Ѓекереш беше поставено како еден од приоритетите на клубот.
Се шпекулира дека фиксниот дел од трансферот ќе изнесува 65 милиони евра, а уште 15 милиони Спортинг ќе може да заработи преку бонусите.
Спорт
Пјастри: Нема да зборувам многу, би можел да се најдам во неволја

Трката за Големата награда на Велика Британија во Силверстоун донесе ново намалување на разликата меѓу асовите на Мекларен, Оскар Пјастри и Ландо Норис. А тоа значи и зголемување на тензиите, а дека се оди во тој правец може да се насети и по изјавата на Австралиецот по завршувањето на трката.
Лидерот во генералниот пласман ги имаше сите адути во свои раце – водечка позиција, контрола на трката. Но, една кардинална грешка и казна од 10 секунди практично го чинеше победа, па наместо да се оддалечи од тимскиот колега за уште осум поени и да стигне до разлика од 23 бода, ситуацијата се сврте – Норис ја намали разликата на само осум поени на половина од сезоната.
Самиот Пјастри не е задоволен од казната, смета дека е неправедна. Кога отиде да ја одработи казната и дојде до предавање на позицијата на Норис, побара од тимот да му наложат на Норис да ја врати позицијата и да се тркаат, но Мекларен тоа го одби.
„Нема да зборувам многу, за да не западнам во неволја. Но изгледа дека повеќе не смее да се кочи зад безбедносното возило – изјави Пјастри.
Фото: ЕПА
Спорт
Пјастри му ја подари победата на Норис, Хулкенберг е херојот во Британија

Ландо Норис го искористи подароот од тимскиот колега Оскар Пјастри и победи на трката за Големата награда на Велика Британија. Тркањето на култната патека во Силверстоун ја обележа безбедносното возило, кое шест пати излезе на патеката и брилијантниот Нико Хулкенберг кој го комплетираше подиумот.
Трката која се возеше по тешки услови, требаше, но не ја доби Пјастри. Австраиецот направи глупава греша додека безбедносното возило беше на патеката, поради што доби казна од 10 секунди, што му овозможи на Норис да ја забележи осмата победа во кариерата.
Херој на денот е Хулкенберг од Заубер, во 239 настап во Ф1 трка прв пат се искачи на подиумот. Германецот трката ја започна од 19. позиција.
Бодови во Британија освоија Хамилтон, Ферстапен, Гасли, Строл, Алонсо, Албон и Расел.
Во првенството сега следува пауза од три недели. Следната трка ќе се вози во Белгија на Спа Франкошамп.
Foto/ EPA/PETER POWELL