Домашен
Се загрева атмосферата во Палермо, во градот доминираат навивачки бои

Дојде денот за мегдан. Палермо од утрово е обоен во боите на Италија и на Македонија. Развиорени македонски знамиња, ечи македонска песна, се навива… Атмосферата се загрева во пресрет на вечерашниот бараж натпревар за пласман на Светското првенство.
Се разбира, Италијанците се на домашен терен и ги има повеќе низ улиците на Палермо. И тие пејат на цел глас, вејат знамиња, облечени во познатите сини дресови на националниот тим.
„Топспорт“ во Палермо,
Никола Ѓуровски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Домашен
(Видео) Македонија ја победи Италија со „бомбата“ на Трајковски и ќе игра за СП

Александар Трајковски постигна златен гол за Македонија и погоди за победа на гостувањето во Палермо кај актуелниот европски шампион, Италија.
Македонската одбрана беше на висината на задачата иако во текот на целиот натпревар Италијанците ја имаа иницијативата и постојано напаѓаа.
Сепак, во судиското продолжение пред крајот на натпреварот (92. минута), нашиот напаѓач со прекрасен удар од далечина го матираше голманот Џанлуиџи Донарума и предизвика молк меѓу италијанската публика на стадионот „Ренцо Барбера“.
Македонија ќе игра во вторник во Порто против Португалија во финалето на плеј-офот за пласман на Светско првенство и само еден чекор ја дели од место во Катар. Репрезентацијата предводена од, за многумина, најдобриот светски фудбалер, Кристијано Роналдо во вториот бараж од истата група ја совлада Турција со 3:1.
За дуелот на „Драгао“ ќе бидеме посилни за Костадинов и Елмас, а селекторот Милевски може да повика и нови фудбалери.
Погледнете како нашите фудбалски херои ја преславија победата против Италија.
Домашен
Македонските фудбалери подготвени за чудо: „Италија не е непобедлива“

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (20:45 часот) го има најголемкиот предизвик по Европското првенство. Ќе го предизвика европскиот првак Италија во Палермо во обид да направи сензација, на патот за пласман на Светско првенство.
„Горди сме што дојдовме и до овде, ова е голем успех за Македонија. Се наоѓаме во европскиот крем, верувам дека можеме да го направиме и овој последен исчекор. Свесни сме дека за противник го имаме европскиот првак Италија, тие ќе ја имаат поддршката и од публиката овде, во Палермо, но јас верувам во квалитетите на нашите момци“, вели селекторот Благоја Милевски.
Да се победи Италија на гости е мало чудо, но Езгјан Алиоски дека во фудбалот сè е можно. Како поттик секако македонските фудбалери го имаат чудото од Дуисбург, кога ја победија Германија во квалификациите со 1:2.
„Респект за Италија, тие се европски прваци и една од најсилните селекции на континентот. Одиграа одлично на ЕВРО 2020, но не значи и дека се непобедливи. Мора да бидеме мудри, да одиграме дисциплинирано, тактички речиси совршено и во таков случак, можеме да се надеваме на успех“, истакнува Алиоски.
Натпреварот меѓу Италија и Македонија се игра вечерва, со почеток во 20:45 часот, на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо. Италијанците ќе ја имаат поддршката од публиката, но и Македонија ќе ја бодрат околу 2.000 наши фанови.
„Топспорт“ во Палермо,
Никола Ѓуровски
Домашен
Триумфален февруари за пингпонгарскиот клуб „Зегин“ од Берово

Со вкупно 8 пехари се закитија пингпонгарите на ППК „Зегин“ на првиот мастерс турнир кој се одржа во салата ,,Македонски бранители” во Берово на 12 и 13, како и на 19 и 20 февруари.
На 12 февруари, на првиот државен бодовен турнир за репрезентација на Македонија ППК „Зегин” освои злато во машка, злато во женска и бронза во женска конкуренција.
На 19 февруари се одржа вториот бодовен мастерс турнир до 12 години во кој ППК „Зегин” се закити со злато во машка, сребро во женска и бронза во женска конкуренција, а на 20 февруари на бодовниот државен турнир во категорија до 15 години ППК „Зегин” освои сребро и бронза во женска конкуренција.
Задоволни се и пингпонгарите и секако, тренерот на ППК „Зегин“ од Берово, Јован Ковачовски, кој изрази задоволство за постигнатиот успех кој резултат на напорна работа, желба и упорност.
Селекторот на Пингпонгарската федерација истакна дека Берово е најсериозен и најдобар организатор на турнирите во пинг понг и сериозен кандидат за освојување на медали.
ПК „Зегин“ важи за клуб со најголем подем во овој спорт и извор на млади таленти кои имаат шанси да влезат во сите категории со свои репрезентативци.
(ПР текст)