Спорт
Стојановски и Панчевски од ШК „Алкалоид“ беа најуспешните македонски играчи на европските шампионати во забрзан и во брзопотезен шах

Европскиот шампионат во забрзан (рапид) шах се одигра на 7 и 8 декември со учество на околу 390 шахисти во 11 кола, а во секоја партија играчите имаа на располагање по 15 минути и бонификација од дополнителни 10 секунди за одигран потег. Велемајсторот Владимир Федосеев, играч со руско потекло кој настапува под знамето на Словенија, стана нов европски првак во забрзан шах освојувајќи 9,5 поени. Велемајсторите Антон Коробов од Украина и Бадур Јобава од Грузија со по 9 поени се најдоа веднаш зад него. Од 4. до 11. место беа група играчи со по 8,5 бода, а од 12. до 25. место група играчи со по 8 бода. Меѓу славните велемајсторски имиња на 18. место се пласира шахистот на ШК Алкалоид, интермајсторот Дејан Стојановски.
За мене ова е голем резултат, планина! За споредба, кога би бил овој резултат одигран на стандардно темпо на игра, би значел велемајсторска норма. Осумте бода од можни 11, без пораз, и пласманот во топ 20 на европско ниво доволно кажуваат, но за да го остварам тоа, навистина се внесов. Во овие два дена загубив три килограми од телесната тежина! Беше борбено, имаше неколку инфаркт-партии, а особено би ја издвоил онаа од 9. коло против романскиот шахист Филип Маголд, кога сѐ висеше, но се снајдов феноменално и победив. Ремизирав со играчот кој стана европски првак, Владимир Федосеев, како и со Јорден ван Форест, кој следниот ден стана шампион во блиц. Горд сум што рамноправно се носев во дуелите во кои квалитетот на партиите беше на екстремно високо ниво. Сето ова не би било можно без поддршката на мојот клуб Алкалоид, како и на компанијата што стои зад нас, вели ИМ Дејан Стојановски.
На Рапид-турнирот имаше околу 80 учесници од Македонија, при што втор најуспешен македонски играч беше ИМ Филип Панчевски на 57. Место, освојувајќи 7 поени во 11 партии. Со идентичен скор беше и ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, кој со постигнатиот резултат беше трет најуспешен меѓу играчите во категоријата играчи на возраст над 60 години, а воедно беше и најуспешен македонски шахист во оваа категорија. Исто така, Никола Радоњанин, кој е дел од младинската школа на ШК Алкалоид, со 5,5 бода беше најуспешен меѓу македонските претставници до 14 години.
На Европскиот шампионат во брзопотезен (блиц) шах играчите имаа по 3 минути време за игра и дополнителни две секунди бонификација за одигран потег. Овој турнир се одигра на 9 декември, а настапија околу 360 играчи.
Интернационалниот мајстор Филип Панчевски имаше уште едно одлично издание и беше најдобар играч меѓу македонските претставници освојувајќи 9 бода од можни 13, при што се најде во групата играчи од 20. до 32. место, а според тајм-брејк параметрите го освои 26. место, односно дваесет позиции повисоко од листата според стартниот рејтинг.
По долго време повторно играв на Европското првенство во рапид и во блиц шах, што, секако, беше големо искуство да се одмерат силите со најсилните европски шахисти. Турнирот во забрзан шах беше прв и таму играв тешко, но како поминуваа партиите влегов во игра и играв сѐ подобро и подобро. Европското првенство е силен турнир, за кој треба многу енергија. Блиц-турнирот го завршив со победа во последното коло, што секогаш ми носи големо задоволство. Иако посакував уште половина поен повеќе, задоволен сум од постигнатиот резултат, констатираше ИМ Филип Панчевски.
За одбележување е и тоа дека и на овој турнир повторно најдобар македонски играч до 14 години беше Никола Радоњанин.
ПР текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Драма во Шпанија: Тренерот на Жирона итно префрлен во болница

Фудбалскиот тренер на Жирона, Мичел Санчез, напиша на социјалната мрежа X дека е хоспитализиран, но не ги наведе причините поради кои е примен во болница.
„Морав да бидам хоспитализиран и ќе бидам под лекарски надзор неколку дена“, напиша Санчез, додавајќи дека се чувствува добро и со нетрпение очекува да се врати на клупата.
Поради здравствената состојба, Санчез нема да го предводи тимот на натпреварот против Виљареал во сабота. Жирона моментално е на 15-то место на табелата, шест бода над зоната за испаѓање, а до крајот на првенството остануваат уште четири кола.
Ниту клубот, ниту тренерот не објавија повеќе детали за неговата здравствена состојба.
„Се чувствувам добро, под надзор сум на лекар и ги бројам деновите до враќањето на работа за да можеме да ја продолжиме борбата до крајот на сезоната. Ќе бидам отсутен од теренот, но во постојан контакт со стручниот штаб“, рече Санчес.
Минатата сезона, Санчез го предводеше каталонскиот клуб до историско трето место во шпанското првенство. Сепак, тимот се соочи со проблеми оваа сезона откако клучни играчи го напуштија клубот за време на летниот преоден рок, па Жирона е само 15-та на табелата со 38 бода, и сè уште не ја надминала борбата за опстанок.
Спорт
Средба која се чека со години: Ана Ивановиќ и Ѓоковиќ повторно заедно?

Ана Ивановиќ и Новак Ѓоковиќ би можеле повторно да се сретнат за прв пат по долго време.
На турнирот во Женева, најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, ќе ги направи последните подготовки за Ролан Гарос, а се очекува да пристигне и некогашната српска тенисерка Ана Ивановиќ во својство на почесна гостинка и поранешна шампионка, пренесуваат српските медиуми.
Нивната средба би можела да се случи во многу деликатен момент за двајцата.
Имено, се повеќе се шпекулира дека Ана поминува низ брачна криза со Бастијан Швајнштајгер и дека развод е на повидок.
Од друга страна, Новак поминува низ чуден период. Од почетокот на годината, тој е далеку од препознатливо ниво, се откажа од мастерсот во Рим без конкретна причина, а се повеќе се шпекулира за крајот на неговата кариера.
Турнирот во Женева е закажан од 17 до 24 мај.
Спорт
Алонсо се збогуваше со Леверкузен: „Разговарав со играчите“
Веќе нема никаква дилема, Чаби Алонсо јавно потврди дека ја напушта клупата на Баер Леверкузен и дека ќе стане нов тренер на Реал Мадрид.
Официјална потврда дојде и од главниот актер.
На прес-конференцијата пред натпреварот од Бундеслигата против Борусија Дортмунд, Алонсо откри пред јавноста дека веќе разговарал со играчите и дека ќе се збогува со клубот во преостанатите два натпревари од сезоната.
„Оваа недела, клубот и јас се согласивме дека ова ќе бидат моите последни два натпревари во Леверкузен. Ова е вистинско време да го објавам тоа бидејќи секогаш имавме добра комуникација. Мораме да уживаме во овој момент со измешани емоции. Разговарав со играчите и персоналот, не беше лесно. Имавме одличен однос и тоа беше клучот. Тие веруваа во мене и ме следеа. Сакам да се збогувам на вистински начин овој викенд“, рече Алонсо.
Алонсо, поранешен шпански репрезентативец, играше за Реал Мадрид од 2009 до 2014 година за време на својата играчка кариера и освои бројни трофеи со Реал, вклучувајќи ја и Лигата на шампионите во 2014 година.