Спорт
Фантастичен резултат на Македонците на „Хунгароринг“

Денеска официјално стартуваше новата сезона во „Твинго купот“ во организација „АКК РЕНО СПОРТ“ и тоа со интернационален предизвик за македонските возачи, на познатата патека „Хунгароринг“ во Унгарија.
Се возеа две трки, а истите се бодуваа за FIA CEZ и за првенствата на Словенија и на Македонија. Пријавени беа 21 возач од Словенија, Македонија, Унгарија и од Србија.
За македонските возачи ова беше деби на меѓународната сцена и добија шанса да се испробаат против своите колеги од соседството. Според планот сезонава треба да има уште неколку интернационални трки, во Словачка, Австрија, Грција и Хрватска, како и трки во Македонија. Во конкуренција на 19 натпреварувачи од Словенија, Србија и Унгарија, македонските возачи демонстрираа квалитет и покажаа дека и покрај малото меѓународно искуство можат да бидат рамо до рамо со конкурентите.
Иако за првпат се среќаваат со патеката Хунгароринг и после само неколку тестирања веќе во првата трка македонските возачи во „Твинго купот“ го покажаа својот квалитет. Во првата, имавме тројца наши возачи помеѓу најдобрите 10, најдобар извозен круг, а во втората трка дури петмина влегоа во Топ-10 и за малку ни избега искачување на подиум.
На првата трка која се возеше во утринските часови Мартин Костовски го имаше најбрзиот круг и после извозени девет круга заврши на шестото место во генералниот пласман. Во Топ-10 на првата трка се најдоа уште и Ангелче Стојковски (9 место) и Милан Ѓорѓиевски (10 место). Тие ги освоија и првите три места во бодувањето за македонскиот шампионата на Twingo Cup.
Можевме да имаме повеќе натпреварувачи во најдобрите 10, но Слободан Трајковски имаше контакт во борба за подобра позиција, по кој доби оштетување на возилото и крај заврши како 15.
Победник на првата трка беше Ник Стефанчич од Словенија, а на подиумот се искачија и Михајло Младеновиќ од Србија и уште еден Словенец, Урбан Јеловчан.
Втората трка беше уште подобра за нашите возачи, кои откако ја запознаа патеката можеа вистински да ги покажат своите квалитети. Давид Малинковски за малку не се искачи на подиумот и на крајот мораше да се задоволи со четвртото место. Беше само 0,4 секунди зад Ник Стефанчиќ, кој беше трет.
Нашите механичари менувајќи го предниот трап и левиот браник овозможија да биде возилото на Слободан Трајковски конкурентно на втората трка. Заврши како петто пласиран. Ангелче Стојковски беше трет меѓу македонските возачи, а трката ја заврши на седмото место.
Меѓу најдобрите 10 се најдоа и Мартин Костовски (9) и Милан Ѓорѓиевски (10). Победник на трката е Словенецот Матеј Ивануша, пред сонародниците Урбан Јеловчан и Ник Стефанчич.
Оваа втора сезона, покрај две кружни трки во Кичево и две ридско брдски на домашно тло, Twingo Cup -от ќе биде дел и од меѓународни натпревари каде нашите возачи ќе бидат бодувани согласно регулативите и признанија на FIA CEZ.
Следните меѓународни трки ќе бидат во: Серес – Грција (Јуни), Гробник – Хрватска (Јули), Словакиаринг – Словачка (Август), Red bull Ring – Австрија (Септември) и финална трка за заокружување на сезоната повторно во Серес – Грција (Ноември) во организација на АКК Рено Спорт Скопјe.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Зошто Роналдо не беше на погребот на Жота?
Фудбалерот Кристијано Роналдо не беше присутен на погребот на Диого Жота и неговиот брат Андре Силва, а неговото отсуство беше предмет на многу коментари.
Се очекуваше легендарниот напаѓач, капитенот на португалската репрезентација и соиграч на Жота во националниот тим, да биде присутен, но тоа не се случи.
Најверојатната верзија за неговото непојавување беше дека не сакал да привлече внимание кон себе и со тоа да ја изгуби смислата на тажното собирање.
Во исто време, сепак, има информации дека Роналдо контактирал со семејството на Жота и им кажал дека сака финансиски да ги поддржи децата на покојниот ас на Ливерпул.
Кристијано, трогнат од трагедијата, вети дека ќе се грижи за образованието на трите деца што ги остави Жота зад себе. Со својата долгогодишна партнерка Рут Кардосо, тој има две ќерки (четири и две години) и син кој има само седум месеци.
Браќата Диого Жота и Андре Силва загинаа во сообраќајна несреќа во Шпанија, а беа погребани во катедралата во Гондомар.
Спорт
Ноер го обвинува Донарума за ужасната повреда на Мусијала: Тој беше спремен да го преземе тој ризик

ПСЖ влезе во полуфиналето на Светското клупско првенство. Парижаните го победија Баерн со 2:0, головите ги постигнаа Дуе и Дембеле. Иако останаа со двајца играчи помалку, шампионите на Европа успеаја да го издржат нападот на Баерн и да се пласираат понатаму. Натпреварот беше засенет од сериозната повреда на Џамал Мусијала на крајот од првото полувреме, кој ја скрши левата нога и сега му претстои долга пауза.
Најстрашниот момент од натпреварот се случи во третата минута од судиското продолжение. Донарума ја зеде топката пред Мусијала, но и падна врз него. Германецот беше сериозно повреден и мораше да го напушти натпреварот, а италијанскиот голман беше во солзи. Голманот и капитен на Баерн, Мануел Ноер, го критикуваше Донарума: „Тоа беше ситуација каде што немаше потреба да се влегува така. Беше преземање ризик. Тој беше спремен да го преземе ризикот да го повреди противникот.“
„Отидов кај него и му реков: „Не сакаш ли да одиш да го видиш нашиот играч?“ Тоа е прашање на почит, да му се приближиш и да му посакаш се најдобро. Дури тогаш тој го направи тоа. Фер-плејот е секогаш дел од тоа. Јас би реагирал поинаку.“
Спорт
(Видео) Реал ја победи Борусија Дортмунд

Списокот на учесници во полуфиналето на Светското клупско првенство е комплетиран. Во последниот натпревар од четвртфиналето на стадионот „Мет Лајф“ во Њу Џерси, Реал Мадрид ја победи Борусија Дортмунд со 3:2.
Чаби Алонсо за нешто помалку од еден месец колку што е тренер на Реал, на големата сцена го промовираше Гонзало Гарсија.
Момчето од клупската академија го постигна четвртиот гол на првенството, моментално е израмнет на првото место на листата на стрелци и е сериозен кандидат да биде главен хит на ова прво клупско Светско првенство.
21-годишниот централен напаѓач му донесе водство на Реал во 10-та минута по асистенцијата од Арда Гулер. Неговиот имењак Фран го зголеми резултатот на 2:0 десет минути подцна.
Реал ја држеше предноста до финишот, а потоа во судиското надополнување беа постигнаи уште три гола.
Максимилијан Баер намали на 2:1 во 92-та, а една минути подцна Килијан Мбапе му ја врати на Реал предноста од два гола. Хујсен во 95-та минута доби црвен картон, а Гираси од пенал во 98-та минута го постави конечниот резултат.
На крајот, може да се каже дека херој е Тибо Куртоа, кој во десеттата минута од судиското продолжение го одбрани ударот на Марцел Сабицер, со кој Реал обезбеди пласман во полуфиналето на Светското клупско првенство.
Во полуфиналето, Реал ќе игра против актуелниот европски шампион, Пари Сен Жермен. Флуминенсе и Челзи се среќаваат во второто полуфинале.