Спорт
Ѓоковиќ ексклузивно за „Макфакс“: Во план ми е многу скоро да ја посетам Македонија и да одиграм партија тенис со Калин Ивановски
НОЛЕ ГИ ПОЗДРАВИ НАВИВАЧИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА, НАЈАВИ СКОРА ПОСЕТА НА ОХРИД И ПРИЈАТЕЛСКИ МЕЧ СО КАЛИН ИВАНОВСКИ
Од Вимблдон, Лондон, Ненад Живановски
На завршната, победничка прес конференција на Новак Ѓоковиќ, тој одговори и на две прашања на известувачот на Макфакс и Топспорт, Ненад Живановски.
– Со оглед дека најави дека од утре си на одмор, дали може да се надеваме ова лето да те видиме во Охрид, со оглед дека во Македонија сè уште не си бил, а твоите навивачи со нетрпение те очекуваат, особено после денешната, нова, седма, титула на Вимблдон.
„Се надевам дека многу скоро ќе ја посетам Македонија, и тоа ми е во план. Не знам дали тоа ќе биде сега одма, во наредните недели, но во план ми е дефинитивно. Би ги поздравил моите драги браќа и сестри од Македонија. Имам неколку пријатели од Скопје, кои постојано ми праќаат фотографии од Скопје и од Охрид и ми праќаат поддршка. Пред две години зборував и со Претседателот на Македонија да го одиграме Адриа Тур и во Македонија, но, за жал, поради короната сè се заврши како се заврши. Но тоа не значи дека нема да се игра во иднина и во Македонија. Би сакал да играм во Скопје. Сум бил во Македонија како многу малечок, одамна не сум бил и би сакал да одиграм партија тенис со новата надеж на македонскиот тенис Калин Ивановски. Калин е одличен, го гледам, го следам. Високо момче, добро момче, има одлична игра. Ќе го повикам на некои мои тренинзи во Белград, да изградиме некаков однос, за да му помогнам за да се домогне до некои тениски височини. И се надевам дека во тоа ќе успеам. Исто така, мојот чичко многу добро го познава неговиот татко Александар“.
Второто прашање се однесуваше на изјавата на Новак дека сè уште има мотив да игра тенис и не знае уште колку години ќе игра, така што од новинарот на Макфкас беше направена една занимлива паралела.
– Ноле, пред точно седум дена, во овие часови, Ролингстонс одржаа концерт овде во Лондон, на Хајд Парк, и нивниот официјален концертен фотограф, Бранислав Рашиќ, ми рече дека Мик Џегер никогаш не изгледал подобро на сцена од сега. Со оглед дека ти сè уште си гладен за победи и освојување гренд слемови, дали може да очекуваме и тенисот да добие свој Мик Џегер?
„Се надевам дека половина од кариерата на Мик Џегер ќе можам да имам, бидејќи тешко е да се очекува и во седумдесетите години да играм тенис. Можам да свирам и да пеам до тие години, но не и да играм тенис. Меѓутоа, немам некој лимит, ниту сакам да го имам, ниту сакам некој тоа да ми го наметнува. Тоа сите во мојот тим го знаат и тоа е забранета тема, за која не смее да ме праша никој уште колку време ќе играм или да ми наметнува негово мислење. Едноставно, ме оставаат јас тоа да го направам колку сакам и колку имам желба тоа да трае. А сигурно би требало уште да трае, кога сè уште освојувам гренд-слемови. Зошто би застанувал сега?!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
„Хрватите ни приредија пекол, не апсеа бидејќи ја сакаме Македонија“
Фото/ facebook.com/rfmofficial
Македонија ја победи Гвинеја со 29:20 и се пласира во главната фаза на 29. Светско првенство во ракомет. Македонија во втората фаза носи еден бод, а во новоформираната група ќе игра против Австрија, Катар и Франција.
Сепак, вчерашниот натпревар во Вараждин го одбележа хаос на трибините. Веројатно поттикнати од случувањата по дуелот со Холандија и фрлањето на предмети на теренот, организаторите сериозно го сменија пристапот.
Македонските навивачи детално биле претресувани на влезот во салата, одземани им биле знамињата со Сонцето од Кутлеш.
Една од групите чии фанови беа уапсени за поседување знамето, на Инстаграм е со името Боем реши да ја објасни ситуацијата.
„Пирова победа против Гвинеја – еве ја вистината за апсењата на трибините
Последен ден од нашето патување во Вараждин. Играа Македонија – Гвинеја, лесен натпревар со однапред познат исход и очекувана лесна победа.
Хрватските полицајци и обезбедување од лесен натрепар направија вистински хорор. Заради носење знаме од Кутлеш НЀ АПСЕА и нѐ тераа да платиме глоба од 173 евра додавајќи образложение дека сме требало да платиме и по 600 евра ама дека ќе ни излезат во пресрет. Нѐ малтретираа, нѐ тераа да се потчиниме. Чудно е како на овој натпревар знамето од Кутлеш не само што не смееше на ограда, туку не смееше ниту во раце да се држи.
Тензијата се осеќаше во воздухот. Полицијата вечерва по секоја цена сакаше да апси. Имаше човек што е уапсен заради гестикулација кон холандски навивач случајно наоѓајќи се во арената. Друг беше уапсен заради тоа што внатре во арената МУ ДАЛЕ ДРЕГЕР да дува дали е пијан. Ниту вози, ниту ништо, туку гледа ракомет, а внатре се точи пиво. За иронијата да биде уште поголема и ако му пишувало и 0,0 промили алкохол пак приведувале.
Десетина души во кое спаѓа моето друштво како што се гледа и на видеата беа апсени заради носење на симболот од Кутлеш. Апсени затоа што си го сакаат своето, си ја сакаат Македонија. Затоа што знаеме дека резервна татковина немаме и наше е да ја бодриме каде и да игра, па да бидеме осми играч на секој меч.
Хрватите покажаа невидена ароганција. Уринираа на сѐ добро од минатите години и заедно со нивните браќа од ИХФ го понижија Македонецот.
Како и да е. Вечерва бевме понижени, финансиски казнети, малтретирани. И не ни е криво – ЌЕ СТРАДАМЕ, НО НЕ СЕ ПРЕДАВАМЕ!“
Спорт
Анелоти решил да замине во пензија ?
Легендарниот тренер на Реал Мадрид, Карло Анчелоти наводно решил да го напушти „кралскиот клуб“ на крајот од оваа сезона, пренесуваат шпанските медиуми.
Според информациите на шпанското радио „Онда Серо“, Анчелоти одлучил да се пензионира иако неговиот договор е до јуни 2026 година.
Анчелоти остави длабока трага за време на неговите две мандати во Реал Мадрид.
Првиот мандат му беше крунисан со титулата во Лигата на шампионите во 2014 година, додека по враќањето во 2021 година успеа да освои уште две титули во елитното европско натпреварување, во 2022 и 2024 година.
Покрај тоа, тој освои две титули во Ла Лига, Копа дел Реј и Светското клупско првенство со тимот.
Оваа одлука го наметнува прашањето кој ќе го наследи искусниот Италијанец на клупата на Реал.
Главен фаворит е поранешниот играч на Реал Мадрид и актуелен тренер на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо.
Спорт
Започна ерата на Хамилтон во Ферари
Луис Хамилтон е нов возач на Ферари од 1 јануари, а Британецот за прв пат, претпалднево се појави на новото работно место.
Седумкратниот светски шампион во Формула 1 го најави своето доаѓање во Маранело како почеток на нова ера.
„Има неколку денови кои знаете дека ќе ги паметите засекогаш, а денес, мојот прв како возач на Ферари, е еден од тие денови. Имав доволно среќа да постигнам работи во мојата кариера за кои никогаш не мислев дека се можни, но дел од мене отсекогаш сонуваше да се тркам во црвениот болид. Не можам да бидам посреќен што го остварив тој сон денес. Денес започнуваме нова ера во историјата на овој легендарен тим и едвај чекам да видиме каква приказна ќе пишуваме заедно“, напиша Хамилтон на Инстаграм.
Британецот ќе го помине својот прв ден во Маранело запознавајќи се со клучните луѓе, фабриката и тимот, а болидот за 2025 година ќе го тестира на симулатор. До крајот на неделата, Хамилтон ќе тестира на патеката, но првиот црвен болид што ќе го вози ќе биде моделот од 2023 година.
Тоа е последниот модел што на Хамилтон му е дозволено да вози според ограничувањата за тестирање во Ф1.
Хамилтон очекува нешто сосема ново во кариерата бидејќи за прв пат по 18 години во Ф1 ќе вози болид кој не се придвижува од мотор на Мерцедес.
Ферари ќе го претстави болидот од 2025 година на 19 февруари, една недела пред почетокот на официјалното тестирање во Бахреин (26-28 февруари).
Новата сезона во Формула 1 започнува во Австралија на 16. март.