Спорт
Го оставија Ѓоковиќ за Синер – сега се разделија со Јаник
Улисес Бадио, физиотерапевт, и Марко Паники, тренер за кондиција, повеќе не се дел од тимот на Јаник Синер.
Веста прв ја објави италијанскиот „Скај Спорт“, со што се потврди раскинувањето на соработката што не траеше ниту една година.
Аргентинецот и Италијанецот се приклучија на тимот на Јаник во септември 2024 година, по неговата разделба со Умберто Ферара и Џакомо Налди поради скандалот со клостебол.
Претходно, Бадио и Паники беа во тимот на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ.
Се очекува во следните неколку часа да биде издадено соопштение, во кое ќе се прецизира што довело до разделбата. Во овој момент, италијанските медиуми не можат ни да шпекулираат што би можело да биде причината.
Остеопатот Андреа Чипола, со кого е на Вимблдон, останува во тимот на Синер.
Синер го освои Австралија Опен со Паники и Бадија во тимот на почетокот на годината, по што следеше пораз во финалето на Ролан Гарос. Значи, падот на формата можеме да го отпишеме од листата на причини, анализираат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Реал без Мбапе и против Алавес
Килијан Мбапе, од клупата за резерви, го гледаше поразот на Реал Мадрид од Манчестер Сити (1:2). Најдобриот играч и стрелец на Реал има повреда на коленото, поради што под знак прашалник е и неговиот настап на „Мендизороза“ в недела, против Алавес.
„Мбапе не беше подготвен за игра и сè уште не знаеме дали ќе може да игра против Алавес. Мора да почекаме…“ рече тренерот Алонсо.
Мбапе се мачи со повреда на левото колено уште од првото полувреме од натпреварот против Селта. Иако повредата не е сериозна, а политиката на клубот е јасна, минимум ризик, особено кога станува збор за Мбапе.
Ситуацијата во тимот на Реал поради повреди е критична. Против Алавес, Алонсо нема да може да смета на Карвахал, Камавинга, Трент, Менди, Алаба, Хаусен и Милитао. Поради црвените картони добиени против Селта, дуелот ќе го пропуштат Фран Гарсија и Карерас.
Повредата на Мбапе би можела да го зголеми бројот на отсуства на дури единаесет играчи, што дополнително ја комплицира ситуацијата за Мадрид.
Foto/ depositphotos
Спорт
Кари во 2025 година заработил речиси сто милиони повеќе од Јокиќ
Лидерот на Голден Стејт Вориорс, Стеф Кари, заработи најмногу пари во НБА во 2025 година.
На листата на најдобро платени кошаркари, Кари е убедлив лидер со 159,6 милиони заработки во годината за која известуваме.
Втор е Леброн Џејмс со 137,6 милиони.
Во Топ 3 е уште еден ветеран, Кевин Дурант, чија заработка во 2025 година, според магазинот „Форбс“, е 104,3 милиони долари.
Грчкиот ас Јанис Антетокунмпо (99,1 милиони) е блиску до „клубот 100“, по него следуваат Џејсон Тејтум (79,1 милиони), Ентони Едвардс (65,6 милиони), Џоел Ембиид (65,2 милиони), Џими Батлер (65,1 милиони), Шеј Гилџис-Александер (63,3 милиони) и Никола Јокиќ (63,2 милиони), кој ја комплетира листата од десет играчи со најголема заработка во најсилната лига.
Интересно е што разликата помеѓу првиот (Кари) и десеттиот на листата (Јокиќ) изнесува речиси сто милиони.
Foto/ depositphotos
Спорт
Флорентино Перез не го сака Алонсо, ќе добие отказ ако изгуби во недела
Чаби Алонсо го преживеа домашниот пораз на Реал од Манчестер Сити (1:2) во шестото коло од Лигата на шампионите, но ако повторно загуби во недела против Алавес во 16-то коло од Ла Лига, ќе биде отпуштен. Ова го пишува Би-Би-Си по новиот неуспех на Реал, кој веќе некое време е во криза, поради што неговиот тренер е во опасност да добие отказ.
Шпанскиот новинар Гилем Балаге пишува за Би-Би-Си од Мадрид: „И покрај претходните извештаи дека Алонсо би можел да ја изгуби работата ако изгубат, Би-Би-Си Спорт дознава дека неговата позиција не е под непосредна закана и веројатно ќе издржи во следните неколку дена, но трет пораз по ред, во недела против Алавес конечно би можел да го означи крајот.“
Истиот извор додава: „Кога на прес-конференцијата по поразот од Сити беше прашан дали разговарал со претседателот Флорентино Перез, Алонсо одговори: „Дојдов директно тука“. Раководството на Реал разговараше за промената на тренерот длабоко во ноќта по поразот од Селта во неделата и би било големо изненадување ако не се сретнат повторно.“
Зборувајќи за иднината на Алонсо, Хуан Кастро, новинар на „Марка“ и инсајдер на Реал, изјави за Би-Би-Си Радио 5: „Јас сум песимист. Вистина е дека не беше тежок пораз бидејќи се бореа, лошо е што повторно загубија дома, уште еден пораз по ред. Доста е тешко за тренер да го поднесе тоа. Ќе видиме што ќе се случи, но сега атмосферата на Бернабеу е фокусирана на Чаби Алонсо.
Сега сум 100 проценти песимист. Перез не сака ваков тренер. Она што Перез не го прифаќа под никакви околности е пораз. Немате толку многу опции за замена на Чаби. Многу е лесно да се каже дека Чаби ќе биде отпуштен или дека е во опасност, но друго прашање е да се најде соодветна замена во декември.“
Поранешниот тренер на Баер Леверкузен и поранешен играч на Реал Мадрид ја презеде функцијата пред Светското клупско првенство ова лето и ја започна сезоната со 13 победи во првите 14 натпревари, но проблемите започнаа по поразот од Ливерпул на 4 ноември.
Оттогаш, Реал победи само на два од осум натпревари, во сите натпреварувања.
Реал е втор во Ла Лига, четири бода зад Барса, и е меѓу првите осум во Лигата на шампионите благодарение на гол-разликата. Алонсо сега преживува од натпревар во натпревар, поточно до првиот пораз. Тој не смее да го изгуби натпреварот кај Алавес, кој се игра во недела напладне.
Foto/ depositphotos

