Спорт
Лудило во судиското продолжение – Шпанија на крајот пред Португалија (видео)
Во драматичните последни минути се одредуваше распоредот во групата Б, откако во судиското продолжение, Иран од пенал израмни на 1:1 со Португалија, а Шпанија „извлече“ реми 2:2 со опасните Мароканци за „фуријата“ да го освои првото место во групата и …

Во драматичните последни минути се одредуваше распоредот во групата Б, откако во судиското продолжение, Иран од пенал израмни на 1:1 со Португалија, а Шпанија „извлече“ реми 2:2 со опасните Мароканци за „фуријата“ да го освои првото место во групата и дуел со Русија во осминафиналето, оставајќи ги Португалците пред тежок дуел со Уругвај.
Шпанците започнаа со опасен напад преку Иско на левата страна, кој директно шутира во мароканскиот голман во 4. минута од мечот. Серхио Рамос повторно ја покажа својата безмилосност кога во 10. минута имаше еден опасен старт со две нозе, но судијата не досуди ништо.
Во 14. минута, Рамос и Иниеста прават неверојатна грешка на центарот на теренот, дозволувајќи му на Бутаиб да истрча сам и да го совлада Де Хеа за шокантно водство во Калининград. Меѓутоа, Шпанците бргу се созедоа и во 19. минута израмнија по прекрасната акција во која Иско израмни на 1:1.
Мароко во 25. минута повторно направи изненадување, откако Бутаиб пак ги „наттрча“ сите Шпанци, но шутираше директно во Де Хеа. Шпанците имаа уште една зрела шанса преку Бускетс од корнер, но тој со глава удира над голот.
Мароканците во 49. минута бараа пенал откако Пике играше со рака во шестнаесетникот, но судијата реши да не ја прегледува снимката во уште едно сомнително (не)користење на технологијата. Мароко врати во 50. минута, кога Де Хеа направи лоша проценка, но Бусуфа немаше чист удар. Африканците веќе во 55. минута го погодија дирекот преку Амрабат!
Шпанците имаа уште две изгледни позиции во 62. и 63. минута преку Иско и Пике, но резултатот останува 1:1. Притисокот и добрата игра на Мароко е крунисана во 81. минута, кога Јусеф Ен Несири по нафрлења од корнер со глава го „матира“ Де Хеа за 2:1.
Сепак, Шпанците успеаја да постигнат гол во 93. минута од мечот преку Јаго, кој одлично реагираше со петица, за незаслужено реми, иако за тоа мораа да чекаат додека ВАР не потврди дека не се работи за офсајд.
Португалија 90 минути беше подобар тим во дуелот со Иран, меѓутоа најдобриот азиски тим за малку ќе патуваше понатаму откако во 94. минута нивните напаѓачи промашија стоотстотна шанса, само една минута откако израмнија на 1:1.
Рикардо Кварезма покажа дека уште го има тоа што е потребно кога во финишот на првото полувреме со фантастичен удар носи водство од 1:0 за Португалците, кои имаа поголем број на шанси во првите 45 минути.
Само што почна второто полувреме, Кристијано Роналдо имаше совршена шанса да го постигне својот петти гол на шампионатот, кога беше фаулиран во шестнаесетникот, но од белата точка го пронајде само голманот Беирнаванд.

Иранците, но и Португалците потоа почнаа со груба игра, со многу фаули и прекини, и азискиот тим имаше шанса за израмнување во 72. минута, кога Годос имаше фантастичен удар од 20-тина метри, но само до левиот дирек.
Жестокото темпо им се исплатеше во финишот, кога по ВАР-разгледувањето на снимките добија пенал, кој без мака го реализираше напаѓачот на Олимпијакос, Карим Ансарифард. Во 94. минута, Фахди Тареми за малку ќе ја исфрлеше Португалија од шампионатот, но неговиот удар заврши во надворешниот дел од мрежата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Челзи или Баселона – Луис Енрике откри со кого сака да се соочи
Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, повеќе би сакал да се соочи со Челзи отколку со Барселона во осминафиналето од Лигата на шампионите.
Актуелниот првак немаше лесна задача во баражот, но успеа да го елиминира Монако. Утре ќе го дознае противникот во осминафиналето.
„Ќе бидам целосно искрен, нека Барселона не заобиколи овој пат. Веќе реков дека сакам повторно да играм против Челзи. Овој пат не сакам да играм против Барселона. Од емотивна страна, дуелот со Барса е секогаш посебен за мене, бидејќи е убаво да се вратиш дома. Барселона е прекрасна и многу посебна за мене. Затоа би сакал да играм против Челзи, ни должат, рече Луис Енрике.
Шпанецот алудираше на поразот во финалето на Светското клупско првенство во кое Челзи победи со убедлив резултат од 3:0.
Ждрепката за осминафиналето од Лигата на шампионите е закажана за петок во 12:00 часот.
Foto/ depositphotos
Спорт
Роналдо стана ко-сопственик на шпанскиот клуб
Кристијано Роналдо стана ко-сопственик на шпанскиот второлигаш Алмерија, откако купи 25 проценти од акциите во клубот преку неговата новооснована компанија „CR7 Sports Investments“.
Иако на 41-годишна возраст сè уште активно игра и постигнува голови за Ал-Наср, со овој потег Роналдо се обидува и да стане сопственик.
„Долго време имав амбиција да придонесам за фудбалот надвор од теренот“, рече капитенот на португалската репрезентација.
„Алмерија е шпански клуб со силни темели и јасен потенцијал за раст. Со нетрпение очекувам да соработувам со раководството за да го поддржам клубот во неговата следна фаза од развојот.“
Финансиските детали од трансакцијата не се откриени, но со оваа инвестиција Роналдо се враќа во шпанскиот фудбал, каде што помина девет сезони освојувајќи трофеи со Реал Мадрид пред да замине во Јувентус во 2018 година.
Алмерија моментално е на третото место во втората шпанска лига, само два бода зад лидерите, а до крајот на сезоната има уште 15 натпревари. Интересно е што Роналдо е постар од самиот клуб, кој е основан во 1989 година.
Влегувањето на Роналдо во сопственичката структура доаѓа една година откако клубот беше преземен од саудиска инвестициска група.
Неговиот лидер, Мохамед Ал Кереиџи, со кого Роналдо наводно има блиски односи, е исто така претседател на клубот и наводно помогнал во реализацијата на трансферот на Роналдо во Ал-Наср во 2022 година, по неговото бурно заминување од Манчестер Јунајтед.
„Исклучително сме задоволни што Кристијано го избра нашиот клуб за да инвестира“, рече Ал Кереиџи.
„Тој се смета за најдобар играч на сите времиња, тој го познава шпанскиот фудбал многу добро и го разбира потенцијалот на она што го градиме тука, и со првиот тим и со академијата.“
Првиот натпревар на Алмерија со Роналдо како ко-сопственик е закажан за петок, кога ќе гостуваат во Албасете.
Foto/ depositphotos
Спорт
Долгот на Јунајтед дополнително порасна, износот е неверојатен
Манчестер Јунајтед оствари профит, но неговиот долг порасна на речиси 1,3 милијарди фунти.
Извршниот директор на Манчестер Јунајтед, Омар Берарда, изјави дека клубот го жнее позитивниот финансиски ефект од својата програма за отпуштање, откако најновите финансиски резултати покажаа зголемување на профитот и покрај падот на приходите.
Иако тимот не е во европските натпреварувања оваа сезона, клубот оствари оперативен профит од 32,6 милиони фунти во првите шест месеци од фискалната година, во споредба со загуба од 3,9 милиони фунти во истиот период минатата година, објави „Скај Спорт“.
Оперативниот профит за последниот квартал изнесуваше 19,6 милиони фунти во споредба со 3,1 милиони фунти минатата година.
Бројките доаѓаат по обемната програма за отпуштања и реструктуирање на клубот под водство на Сер Џим Ретклиф.
Вкупните приходи на Јунајтед за вториот квартал од фискалната година изнесуваа 190,3 милиони фунти, што е намалување од 198,7 милиони фунти во истиот период минатата година.
Комерцијалните приходи паднаа од 85,1 милиони фунти на 78,5 милиони фунти, а приходите од натпреварите од 52 милиони фунти на 49,5 милиони фунти, бидејќи тимот не играше во Лигата на шампионите оваа сезона.
Англиските клубови заработија помеѓу 73 и 86 милиони фунти оваа сезона играјќи во Лигата на шампионите.
Со долг од преземањето на клубот од семејството Глејзер и дополнителни обврски наведени на повеќе од 500 милиони фунти, од кои поголемиот дел се неплатени трансферни такси, клубот, на крајот од минатата година, имал долг од 1,29 милијарди фунти.
Foto/ depositphotos

