Спорт
Новицки и Вејд повикани на „Ол Стар“ натпреварот



НБА лигата, во пресрет на „Ол Стар“ натпреварот, отстапи од својата пракса, откако за главниот настан решија да повикаат уште двајца играчи. Тимовите што ќе ги предводат Леброн Џејмс и Јанис Адетокумбо ќе бројат по 13 кошаркари, а не како што е праксата по 12.
Лигата реши на овој начин да им се оддолжи на две вистински легенди Двејн Вејд и Дирк Новицки.
„Вејд и Новицки се пример за она што е најдобро во лигата. Преставуват вештина, труд и посветеност, придонесоа за добро на заедницата со својата работа и за популаризацијата на кошарката во светот“, рекол комесарот на лигата, Адам Силвер.
Новицки и Вејд најавија крај на кариерите по завршувањето на сезоната, поради што лигата се реши на овој начин да им се заблагодари.
Вејд има 37 години, во кариерата освоил три титули со Мајами Хит, два пати бил биран во најдобрата петорка, а 13 пати учествувал на „Ол Стар“ натпреварот.
Новицки, на 19 јуни ќе наполни 41 година. Германецот со Далас Маверикс против Мајами Хит на Двејн Вејд во 2011 година ја освои титулата кога беше и прогласен за МВП на финалната серија. Бил МВП на сезоната во 2007 година, четири пати бил избран во најдобрата петорка, а 14 пати учествувал на „Ол Стар“ натпреварот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Обамејанг шоу против Гамбија – Постигна четири гола и доби црвен картон

Со убедлива победа на гости против Сејшелите, фудбалерите на Брегот на Слоновата Коска се доближија до пласман на Светското првенство, кое ќе се одржи во САД, Мексико и Канада од 11 јуни до 19 јули следната година.
Брегот на Слоновата Коска се први на табелата во групата Ф, попладнево победија со 7:0 против Сејшелите со головите на Сангаре (7-11м), Агбаду (17), Диаките (32), Гесанд (39), Диоманде (55), Адингра (67) и Кеси (90).
„Слоновите“ сега имаат 23 бода, еден повеќе од Габон, кој ја победи Гамбија со 4:3 како гостин во натпревар полн со пресврти. Габон водеше со 1:0 и 2:1, Гамбија направи пресврт на 3:2, но на крајот Габон сепак победи со 4:3.
Сите четири гола за Габон ги постигна ветеранот Пјер-Емерик Обамејанг (20, 42, 62, 78), но беше исклучен во 85-та минута поради втор жолт картон, додека стрелци за Гамбија беа Минтех (23) и Сидибех (45+2, 47).
За четири дена, Брегот на Слоновата Коска ќе има можност да го обезбеди Светското првенство со победа дома против Кенија, додека Габон, со победа против Бурунди, ќе мора да чека кикс на „Слоновите“, за да го обезбеди своето историско прво патување на Светското првенство.
Спорт
Младата репрезентација со пресврт до победа над Ерменија

Младата македонска фудбалска репрезентација ја забележа првата победа во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2027 година.
Попладнево во Скопје, Македонија ја победи соодветната селекција на Ерменија со 2:1. Херој на победата беше стрелецот на двата гола, Димитар Трајков.
Македонските надежи со пресврт во второто полувреме дојдоа до првите бодови во Е групата. Ерменците имаа предност од 38-та минута кога погоди Ховханисијан.
Пресвртот го режираше напаѓачот на Работнички, Трајков, со головите во 54-та и 83-та минута.
Фото/ Фудбалска федерација на Македонија
Спорт
(Видео) Бразил ја декласира Јужна Кореја

Бразилската фудбалска репрезентација ја победи Јужна Кореја со 5:0 во пријателски натпревар одигран во Сеул.
Екипата на Карло Анчелоти ја демонстрираше својата сила против една од најдобрите азиски селекции.
Двојни стрелци за „селесао“ беа Естевао (13, 47) и Родриго (41, 49), додека еден гол постигна Винисиус Жуниор (77).
Со играта, Бразил потсети на најдобрите денови на оваа репрезентација, Родриго, Естевао, Куња, Винисиус правеа што сакаат на теренот.
Foto/ EPA