Спорт
Рекордни 8.000 регистрирани учесници на ревијалниот настан „Вози право, вози здраво“
Околу 8.000 деца и возрасни вчера попладне ги преплавија улиците во центарот на Скопје со своите еколошки превозни средства како дел од ревијалниот настан „Вози право, вози здраво“, што е најмасовната посетеност досега.
Илјадници насмеани лица на велосипеди, тротинети, ролерки, скејтборди, мајки и татковци со бебешки колички, тргнаа од Порта Македонија и со релаксирано возење по улиците на кои немаше автомобили стигнаа на целта во Градскиот парк каде ги очекуваше голема забава со музика, танчерски точки, освежување и лотарија со многу вредни награди.
По двегодишна пауза поради пандемијата, настанот „Вози право, вози здраво“ во организација на Стопанска банка АД-Скопје по шести пат ги собра сите граѓани кои „гласаат“ за здрави животни навики и промовираат алтернативни превозни средства кои придонесуваат за поздрава животна средина и намалување на сообраќајниот метеж. Најсреќните 40 од нив дома заминаа со вредни награди што ги обезбеди Стопанска банка како и главната награда вредносен ваучер од Град Скопје. Посетителите си отидоа и со позитивно расположение за кое се погрижија водителите на манифестацијата Цеце Тодосовска и Марко Марк, заедно со харизматичниот Александар Матовски – Цако. Посетителите на настанот уживаа во содржините кои ги обезбеди Крафт продукција, поточно танчерските групи, перформансот на луѓето-статуи, а на сцената настапи и забавниот бенд ContruDJ со својот весел перформанс. На задоволство на присутните и познатиот графити уметник Дредпен трпеливо ги исполнуваше желбите на најмладите цртајќи им ги омилените мотиви на патиките, кацигите, велосипедите и скејтбордите.
Традиционално како и во претходните години, Стопанска банка ќе го заокружи ова издание на „Вози право, вози здраво“ со донација за изградба и одржување на велосипедската инфраструктура која ќе се реализира во договор со Град Скопје и наскоро ќе биде најавена. Од изминатите изданија на „Вози право, вози здраво“, Стопанска банка досега донираше средства за изградба на првиот детски велосипедски полигон, 14 станици за поправка на велосипеди, 105 паркинзи за велосипеди, даде поддршка за изградбата на првиот pumptrack полигон и ја финансираше изградбата на вториот pumptrack полигон во Скопје – TOPSI Pumptrack.
Огромниот интерес на граѓаните за настанот „Вози право, вози здраво“ е голема мотивација за Стопанска банка да продолжи со неговата реализација, при што плановите се во иднина оваа манифестација да се организира и во други градови низ земјава за што помасовно ширење на велосипедската култура, промоција на здравиот начин на живот и начините за заштита на животната околина.
Кампањата #ВозиПравоВозиЗдраво беше заокружена со настанот вчера, но продолжува целата година да го промовира велосипедизмот како вообичаена урбана форма на транспорт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) ПСЖ во Монако од 0:2 до 3:2
Фудбалерите на Пари Сен Жермен го победија Монако со 3:2 во првиот натпревар од 1/16 финалето на Лигата на шампионите.
„Светците“ ќе го слават моментот кога Дезире Дуе стапна на теренот, бидејќи Дембеле мораше да го напушти теренот во средишницата од првото полувреме.
Но, пред тоа, сè што можеше да тргне наопаку за Пари Сен Жермен се случи.
Монако поведе во првата минута. Головин му асистираше на Балогун, кој го свлада Сафонов. Монако продолжи во ист ритам и ја дуплираше предноста.
Балогун му избега на Маркињос и повторно и лесно ја смести топката во голот.
ПСЖ можеше да се врати во игра кога Кварацхелија изнуди пенал, но Кен го одбрани ударот на Витиња. Но, пет минути подоцна, Дуе влезе во игра.
По само 80 секунди, одзеде топак и ја погоди мрежата. До крајот на првото полувреме, избраниците на Луис Енрике израмнија.
Шут од далечина, Кен одбрани, но Хакими налета на одбиената топка и го израмни резултатот.
Пресвртот пред пресвртот на ПСЖ се случи на почетокот од второто полувреме кога Головин заработи директен црвен картон по фаулот врз Витиња.
Дуе повторно стапи на сцена, доби додавање од Ворен Заир Емери и од 12 метри го постигна голот за победа.
Foto/ EPA
Спорт
Германците ги освоија медалите во боб двосед
Германија го повтори својот неверојатен успех и ги освои сите три медали во боб двосед на Зимските олимписки игри. Златото им припадна на Јоханес Лохнер и Георг Флајшхауер, среброто на Франческо Фридрих и Александар Шулер, додека дебитантите Адам Амур и Александар Шалер ја освоија бронзата.
Победата на Јоханес Лохнер и неговиот сопирач Георг Флајшхауер беше сигурна уште од првото возење во понеделникот. Лохнер, кој настапува на своите трети и последни Олимписки игри како лидер во двете дисциплини во боб, ги оправда очекувањата во вторникот и стигна до златото со огромна разлика од 1,34 секунди. За 35-годишниот пилот, ова е трет олимписки медал, но прво злато.
Ваквиот расплет е пресликан од последните Игри во Пекинг во 2022 година, кога Германија исто така ги освои сите медали во боб двосед. Тогаш Фридрих беше прв, а Лохнер втор. Последната нација што постигна таков подвиг на Зимските игри по ред беше исто така Германија, во санкање за жени во 2002 и 2006 година.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) Винисиус постигна спектакуларен гол, па направи хаос, Мурињо исклучен
Реал Мадрид стекна минимална предност во дуелот со Бенфика, во првиот бараж меч за пласман во осминафиналето, во Лигата на шампионите. На „Да Луж“, во Лисабон, Реал ја победи Бенфика со 1:0. Единствениот гол во 50-та минута го постигна Винисиус Жуниор.
Три недели по спектакуларната пресметка во првата фаза и голот на голманот Трубин во 98-та минута, Бенфика и Реал одиграа уште еден натпревар. За разлика тој меч, во кој беше надигран, Реал доминираше и на крајот заслужено победи.
Во силно темпо мина првото полувреме, првите 15 минути им припаднаа на домаќините, потоа Реал воспостави контрола, а во последните пет минути од првиот дел Трубин три пати спречи водство на Реал.
Вториот дел започна со брилијантниот гол на Винисиус во 50-та минута.
Провокацијата на Винсиус ја вжешти атмосферата на стадионот. Бразилецот заработи жолт картон за провокативната прослава на голот, откако доби жолт картон му се пожали на судијата дека бил расистички навредуван од Џанлука Престијани од Бенфика.
Винисиус потоа седна на клупата, не сакаше да игра. Прекинот траеше 10 минути.
Прекинот го „уби“ одличниот ритам во кој беа двата тима. По една полу шанса имаа едните и другите. Потоа интересен момент во 85-та минута.
Жозе Мурињо заработи црвен картон поради жестоки протести. Тренерот на Бенфика побара жолт картон за Винисиус, односно исклучување за Бразилецот, но судијата Летексје не мислеше така, но, по бурните протести, на крајот му покажа црвен картон на Мурињо.
Реваншот се игра наредната среда во Мадрид.
Foto/ EPA

