Спорт
Со новите победи ШК Алкалоид уште поблиску до одбраната на титулите
Машкиот и женскиот тим на ШК Алкалоид остварија уште по две нови победи на Екипните првенства на Македонија кои се одржуваат во Струмица.
Викендов, машкиот тим имаше уверливи победи против ШК Куманово и ШК Прилеп, два клуба кои имаат долга традиција како прволигаши и секогаш се незгодни противници кои атакуваат на некое од првите три места во елитната дивизија.

Во дуелот со ШК Куманово победата изразена како 5,5:0,5 беше остварена со стрплива игра, која според капитенот ВМ Влатко Богдановски била обележје на дуелот.
– Со зрела и стрплива игра играчите дојдоа до позиции кои им носат предност. Мечот започна со реми на шестата табла, каде што ВМ Јаќимовиќ во цајтнот не успеа да ја доврши започнатата жртва на најпрецизен начин. Сепак, по четири часа игра уследија победите на ВМ Ивиќ, ВМ Недев и ИМ Стојановски, а подоцна и ВМ Инѓиќ и ИМ Панчевски ја покажаа својата класа добивајќи ги завршниците, со што беше извојувана висока победа.

Подеднакво макотрпен беше трудот на „фармацевтите“ и во дуелот со ШК Прилеп.
– Повторно, без одлучена партија во првите три часа, па ВМ Недев ремизираше на третата табла во нешто подобра ситуација, но со мали можности да игра на победа. Противниците парираа во остра и неизвесна борба на првите две табли, па победите почнаа да се нижат откако ИМ Тони Лазов прв го скрши отпорот на противникот благодарение на прецизно и постапно маневрирање. Потоа, ИМ Филип Панчевски кој наиде на сериозен отпор и одлична игра на ветеранот Стевче Георгиевски, ја реши партијата само благодарение на една мала непрецизност на противникот во финишот, по што тој западна во проблеми со времето за игра. Подеднакво високо техничко ниво демонстрираше и ИМ Дејан Стојановски, кој со мала предност влезе во завршница но во негов стил со прецизна игра стигна до уште една победа. Во финишот, ВМ Ивиќ донесе уште еден триумф покажувајќи големо тактичко умеење, додека на првата табла ВМ Инѓиќ по шест часа игра против жилавата одбрана на противникот западна во цајтнот, но успеа сепак успеа да ремизира,- додава ВМ Богдановски.

Во останатите мечеви од 5.коло ШК Шкупи – ШК Штајниц 3:3,. ШК Гамбит Асеко СЕЕ – ШК Анапсан СЕС 5:1 и ШК Гостивар – ШК Куманово 3:3. Слободен беше тимот на ШК Пелагон. На табелата, ШК Алкалоид има 8 бода, но од четири дуели, додека второпласираниот во моментов ШК Гамбит има исто толку, но ќе биде слободен во последното коло.
На мечевите во женска конкуренција ситуацијата е слична, каде што „дамите“ прокнижија две победи над ШК Шах шех од 4:0 и над Гамбит Асеко СЕЕ со 3,5:0,5 Во првиот случај, ЖФМ Стојковска, ЖИМ Коскоска, ЖФМ Секуловска и Ефтовска забележаа заслужени победи, а во вториот меч. Во вториот случај, ВМ Бела Котенашвили и ИМ Саломе Мелиа ги решија првите две табли, додека Секуловска ремизираше, a Ефтовска го прослави роденденот со победа.
ШК Алкалоид има 10 бода по 5 кола, а со подеднаков износ се и шахистките на МШК Центар, па директниот дуел во последното 7. коло во вторник ќе биде пресуден за титулата.
ПР текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Драматична трка во нордиска комбинација, победи Офтебро
Победниот во нордиската комбинација (скокови од малата скокалница и 10 км трчање) беше решен во трилер-завршница. На крајот, златото го освои Норвежанецот Јенс Лурас Офтебро.
По скоковите на малата скокалница, Естонецот Кристијан Илвес беше прв. Тој имаше солидна предност пред двата најголеми фаворити, лидерот во генералниот пласман на Светскиот куп Австриецот Јоханес Лампартер (21 секунда) и Норвежанецот Јенс Лурас Офтебре (28 секунди).
Но, уште од самиот почеток на скијањето во крос-кантри на 10 км, беше јасно дека Илвес нема долго да биде во водство. Група од шест натпреварувачи, предводени од Офтебро, го фатија на половина од трката.
Групата од седум натпреварувачи беше компактна до последниот километар. Потоа Офтебро направи потег и се одвои. Но, неговото темпо го следеше лидерот во генералниот пласман на Светскиот куп Јоханес Лампартер и му дишеше во вратот до целта. Во последните 50 метри им се придружи и Финецот Еиро Хирвонен. Сите тројца влегоа на целта со минимално растојание, но на крајот, Офтебро заштеди доволно гориво во резервоарот и на крајот победи со време од 29:59,4.
Лампартер го освои сребрениот медал една секунда зад него, додека бронзата му припадна на Хирвонен, 2,5 секунди зад лидерот.
Foto/ EPA
Спорт
Сноубордер на ЗОИ со две фрактури на вратот итно хоспитализиран
Камерон Болтон (35), сноубордер од Австралија, го скрши вратот кога падна за време на тренингот на Зимските олимписки игри. Веднаш бил префрлен со хеликоптер во болница во Милано.
Болтон падна за време на тренингот во сноуборд крос во Ливињо. Иако успеал веднаш по падот да ја напушти патеката, следниот ден се разбудил со силна болка во вратот.
Дополнителните тестови покажаа две фрактури, по што итно е префрлен со хеликоптер за понатамошно лекување.
„Кам сакаше неговите сонародници да знаат што се случува и дека е добро и дека за него се грижиме на најдобар можен начин. Тој е свесен колку сериозно пристапуваме кон неговата ситуација и комуникацијата беше одлична. Горда сум на нивото на грижа што ја доби“, рече Алиса Камплин од Австралискиот олимписки комитет.
Болтон освои сребро во мешан тимски сноуборд крос на Светското првенство минатата година со Миа Клифт.
Спорт
Влаховиќ бара 15.000.000 евра само за потпис на договорот
Според информациите од италијанските медиуми, повеќе нема да има преговори меѓу Душан Влаховиќ и челниците на Јувентус, околу нов договор. Сигурно е дека српскиот напаѓач, во јуни како слободен играч ќе го напушти клубот.
Весникот „Коријере дело Спорт“ денес донесе информации, околу финансиските барања на Влаховиќ кога станува збор за следниот договор.
Според нивните информации, српскиот фудбалер бара 10.000.000 евра годишна плата, како и бонус за потпис од 15.000.000 евра.
Дури и сега, со 12.000.000 евра годишна заработка, Влаховиќ е меѓу најплатените фудбалери во Серија А и е убедливо најплатениот во клубот.
Во преговорите околу новиот договор, Јувентус се обиде да ја намали таа сума, но да му понуди договор на Србинот на неколку години, така што намалувањето на платата би било компензирано, но тој ја одби таа понуда.
Како што тврди „Кориере“, Влаховиќ ги претпочита Баерн и Барселона како опции, кои најмногу се споменуваат во последните шест месеци.
Foto/ depositphotos

