Домашен
Триумф за Мартин Делев на првата трка на TWINGO CUP
RENAULT SPORT како организатор на TWINGO CUP викендов и официјално ја стартуваше својата прва сезона и прва кружна трка.
На патеката во Кичево, во организација на клубот Custom Car Racing Team, поддржан од Федерацијата на Македонија, се претставија 9 модели на Twingo, а фановите и присутните гости беа сведоци на многу интересна трка.
Македонскиот автомобилист Мартин Делев беше најбрз со време од 1:19.806, на второто место се пласира Томислав Трајковски со 1:19.526, а Давид Малинковски со 1:19.401 е на третата позиција.
„Искрено ми е мило што публиката низ целата патека беше презадоволна од сите возачи од Twingo Cup-от. Со Томас и Давид имавме интересна борба за првото место, јас максимално ја искористив пригодата за да ги поминам двајцата и со добро темпо до крајот на трката завршив на првата позиција и сум презадоволен и од возилото Twingo и од самиот себе. Голема благодарност до мојот тим како и до организацијата Renault Sport, која се погрижи сè да помине во најдобар ред и на едно високо ниво“, изјави победникот Делев.
Следната трка е најавена за 1-2.6.2019 во Кичево во согласност со официјалниот распоред на Автомобилистичката федерација.
За Renault Twingo CUP
Во натпреварувачкиот куп моделите Renault Twingo се унифицирани и специјално модифицирани од страна на Lema Racing Team со цел да ги има сите безбедносни и брзински карактеристики.
Спецификација на возилото:
- Основно возило за преработка на купот е типот: Renault Twingo 3 AHB 005;
- Моторот поради преправките на издувната грана добива излезни 78hp;
- Моделот Twingo амортизацијата ја добива од Eibach со посебно штелување на геометријата на тркалата;
- За безбедноста е избран реномираниот бренд Sparco roll cage, седиште наменето за тркање, сигурносни ремени, специјален систем за гасење на пожар, волан, педали, и заштитна мрежа од истиот производител;
- Пневматиците се во полуслик изведба од производителот Nankang со Sparco алуминиумски фелни;
- Инструмент таблата е од производителот AIM на која е поставен GPS систем,бележи времиња, моментална брзина и вртежи;
- Возилото изобилува со останати аеродинамични посебни делови од LEMA.
За овој куп планирани се 8 трки (4 кружни и 4 ридскобрдски) во текот на наредните три години согласно официјалниот распоред на Автомобилистичката федерација.
На крајот од секоја сезона првите три места се одвоени парични награди додека пак на крајот од третата сезона како главна награда на купот е 100% електричното возило Renault TWIZY.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.