Спорт
Ѓоковиќ од Вимблдон преку Макфакс порачува: Ветувам, многу бргу се гледаме во Македонија!
Пред почетокот на годинешниов трет гренд слем турнир во Вимблдон, на воведната прес конференција, најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ одговори и на три прашања на известувачот на Макфакс.
Макфакс: Новак, прв противик на Турнирот во вторник ќе ви биде Александре Муле од Франција. Во интервјуто дадено за интернационалниот тениски портал, „Клеј“, тој открива две приватни работи кои би сакал да ги прокоментирате. Првата, после Киријос тој е вториот тенисер кој јавно кажува дека објавува фотографии на Онли Фенс. Звучи забавно, но, можеби, открива еден аспект од тенисот и спортот, проблем со кој спортистите се сретнуваат, а тоа се финансиите за да ја продолжат кариерата и патуваат низ светот на турнири. Неговиот втор проблем е здравствен. Тој боледува од Кронова болест, што често може да биде незгодно во текот на мечот. Ме занима, дали постои емпатија во врвниот спорт, кога се јавува сериозен здравствен проблем додека трае играта? Колку сте подготвени тоа да го толерирате во ситуација кога е интензитетот висок и кога прекинот може да влијае на резултаот? И, на крај, повеќе како констатација: би ве потсетил дека македонскиот премиер уште во 2019. година јавно ве покани да дојдете во Скопје и Охрид и дека сé уште ве чекаме.
Ѓоковиќ: Во право сте. Најпрво на тоа ќе одговорам. Треба да дојдам во Македонија, и многу бргу тоа ќе го сторам. Ветувам!
Што се однесува до Муле, не сум знаел за неговата ситуација. Тоа е сериозна болест и сериозен здравствен проблем. Не сум во негова кожа, но верувам дека не му е лесно секојдневно, особено кога е вклучен во врвни, професионални спортови. Го имаме случајот и со Александар Зверев, кој е дијабетичар и кој се боцка со игла за време на натпревар за да го балансира нивото на шеќер во крвта, што е навистина необично, но и импресивно! Од друга страна, гледајќи го стресот и сè што подразбира врвниот тенис, а тие да успеваат да ги надминат тие сериозни здравствени предизвици и да бидат таму каде што се, особено Зверев, кој е втор-трет во светот, и Муле, кој има извонредни резултати, игра најдобар тенис веќе неколку години и има најдобар ренкинг. Му посакувам сé најдобро, не во натпреварот со мене, но приватно имам апсолутно сочувство за сè низ што поминува.
Јас, искрено, не ни знам како изгледа таа платформа Онли Фенс! Сé што знам е дека се покажуваат делови од телото повеќе отколку што би требало, но искрено – не знам како изгледа! Дека тоа е поврзано со финансиски проблеми и предизвици – можно е. И не е прв пат некој играч да направи нешто такво. Луѓето и медиумите нé претставуваат нас неколкумината на врвот што заработуваме милиони дека сме богати кои сé нешто се бунат и жалат околу пари. Јас секогаш се трудев кога можев, особено кога бев активен во Советот на играчи на АТП или ко-основач на ПTПA, постојано да зборувам за тоа колку е важно да се шири свеста за тоа колку мал број на играчи живее од овој спорт. Многумина го напуштаат спортот, огромното мнозинство уште на почетокот од кариерата, затоа што немаат поддршка од Федерацијата или од некој спортски систем. Огромното мнозинство од нив играат тенис, но немаат средства да платат тениски тренер или кондиционен тренер, а камоли физиотерапевт. Секако дека постојат спортови кои се мачат многу повеќе од нас, но кога зборувам конкретно за Муле и така натаму ова се некои реални ситуации што се присутни и се случуваат. Затоа и ПTПA, како организација која ги застапува правата на играчите, е основана да се бори за тие играчи и за нивни подобри услови.
Ненад Живановски-Столиќ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Ливерпул на „мускули“ победи во Нотингем
Фудбалерите на Ливерпул славеа како гости против Нотингем Форест (1:0), во натпреварот од 26-то коло од Премиер лигата.
Херој беше Алексис Мекалистер, во седмата минута од судиското продолжение, откако најдобро се снајде на одбиената топка по ударот на Вирџил ван Дајк.
„Црвените“ беа блиску до победа претходно, но бизарниот гол на Алексис Мекалистер во 89-та минута беше поништен по интервенцијата на ВАР.
Актуелниот шампион не личеше на себе, особено не во првото полувреме, но на крајот сепак успеа да ги освои важните три бода.
Тимот од „Енфилд“ останува шести на табелата со 45 бода, додека Форест е 17-ти со 27 бода.
Во истиот термин, Кристал Палас победи против Вулверхемптон (1:0), искористувајќи го самоуништувањето на „волците“.
Емануел Арокадаре промаши пенал во 43-та минута, додека Ладислав Крејчи доби два жолти картони во рок од три минути. Во 90-та минута, Иван Гесанд ја донесе победата на домашниот тим.
Исто така, Фулам беше подобар од Сандерленд на гостински терен (3:1). Раул Хименез постигна гол во 54-та и 61-та од пенал, додека Алекс Ивоби беше прецизен во 85-та минута. Единствениот гол за домашниот тим го постигна Енцо ле Фе во 76-та од пенал.
Спорт
САД со „златен гол“ до првото злато по 1980 година во хокеј на мраз
Спуштена е завесата на Олимпискиот турнир во хокеј на мраз во Милано, каде што најдобрите играчи од НХЛ шампионатот можеа да играат за прв пат од 2014 година. Во финалето репрезентацијата на САД ја победи Канада по голема драма и продолженија со резултат 2:1 (1:0, 0:1, 0:0 – 1:0).
Ова е само третата олимписка титула за Американците, која ја чекаат уште од Олимписките игри во 1980 година на нивниот домашен мраз во Лејк Плесид, каде што се случи познатото „Чудо на мразот“ и победата над Советскиот Сојуз.
Американките поведоа рано, по минути откако беше исфрлен пакот, Метју Болди ги доведе САД во водство, додека Остон Метјуз и Квин Хјуз добија асистенции.
Американците преживеаа ситуација пет на три – мораа да играат со тројца (без голман) 93 секунди. Џејк Генцел и Чарли Мекавој беа суспендирани по две минути на 29:27 и 29:55.
Втората третина мина во апсолутна доминација на Канаѓаните, а откако пропуштија неколку добри шанси, Кејл Макар успеа да го матира Хелебак.
Американците, во третата третина добија голема шанса да го решат победникот, бидејќи Сем Бенет доби двојно исклучување (четири минути), кое подоцна се претвори во четири на четири бидејќи Џек Хјуз исто така беше испратен на ладење.
Регуларните 60 минути завршија 1:1, а одлуката падна во продолжението, по само 101 секунда, 24-годишниот Хјуз го постигна „златниот гол“ по минута и 41 секунда,носејќи им го на САД првото олимписко злато по 46 години.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) Аталанта го победи Наполи
Фудбалерите на Аталанта го победија Наполи со резултат од 2:1 (0:1) во малото дерби од 26-то коло на италијанската Серија А.
Херој на победата на „Ла Деа“ беше српскиот репрезентативец Лазар Самарџиќ, кој постигна гол во 81-та минута за пресврт на својот тим. Македонскиот репрезентативец Елиф Елмаз, го одира целиот натпревар за Наполи.
Наполи победи четири пати по ред во Бергамо и направи добар чекор кон петти триумф по ред кога Беукема ги доведе гостите во водство во 18-та минута.
Имаше многу контроверзни ситуации, особено на штета на Наполитанците, прво кога беше поништен пеналот против Расмус Хојлунд, а потоа и на почетокот на второто полувреме кога (уште поочигледниот) пенал не беше досуден против истиот играч.
Кога тоа не се случи, Аталанта успеа да направи пресврт, прво израмнувајќи го резултатот во 61-та минута со голот на Марио Пашалиќ.
По Хрватот, на ред беше Србинот да ја погоди мрежата на Наполи, а Самарџиќ го направи тоа на многу ефектен начин.
Аталанта сега го дели шестото место со Комо со 45 бода. Наполи, на третото место, има само пет бода повеќе, што доволно зборува за тоа колку ќе биде интересна борбата за местата во Лигата на шампионите.
Foto/ EPA

