Спорт
САД и Литванија последна полуфинална двојка
САД и Литванија е последната полуфинална двојка откако во четвртинафиналето САД ја совлада Русија со 89:79, а Литванија ја декласира Аргентина со 104:85
САД и Литванија е последната полуфинална двојка откако во четвртинафиналето САД ја совлада Русија со 89:79, а Литванија ја декласира Аргентина со 104:85 Русите и на овој меч настапија без својот најдобар играч Криапа. Сепак и без него добро го започнаа мечот. По изедначената прва четвртина (25:25), во 16 минута Русија поведе со 35:30, што го натера тренерот на Американците Мајк Крижевски да повика тајм аут. По овој прекин САД направи серија од 12:0, поведе со 42:35 и водството до крајот не го испушти. Во 33 минута САД поведе со 81:64 што значеше дека Русија го загуби здивот. На крајот САД забележа скромна победа од 89:79. Најдобар поединец беше Кевин Дурант (Оклахома) со 33 поени, пет скокови и две украдени топки. Чонси Билапс (Денвер) имаше 15 поени и пет асистенции, а Ламар Одом од Лејкерси беше неприкосновен под кошевите со 12 скокови. Во Рускиот состав добро функционираше двоецот од ЦСКА Сергеј Биков (17 п. 3 ас.) и Андреј Ворончевич (14 п. 12 ск.) . Само во првите неколку минути Аргентина и парираше на Литванија во вториот натпревар на вечерта. Во 6 минута Аргентина водеше со 10:9, но Литванија оствари серија од 8:0. Првите девет удари за тројка на Литванците сите влегоа во кош што беше депримирачки за Аргентинците. Тоа придонесе полувремето да заврши со 20 кошеви предност за Литванија (50:30). По полувремето не видовме ништо ново. Литванија продолжи да го полни кошот на Аргентина и пред почетокот на последниот период се беше познато. Литванија оствари предност од 32 поени (85:53), па мало опуштање во последната четвртина направи Аргентина колку толку да го ублажи срамниот пораз. Нискиот бек на Фенербахче Симас Јасаитис беше најефикасен во победничкиот состав (19 п.), а Линас Клеиза од Торонто оствари 17 поени и 10 скокови. Кај Аргентинците Карлос Делфино од Милвоки оствари 25 поени, а крилото на Хјустон и најефикасниот играч на првенството Луис Скола забележа скромни 13 поени со катастрофален процент на шут со пет погодоци од поле од 19 обиди. Во полуфиналето во сабота во 18 ч. ќе играат САД и Литванија, а во 20,30 часот Србија и Турција. Денес во борба за пласман од 5-8 место ќе играат Шпанија и Словенија (17 ч.) и Русија и Аргентина (20 ч.).крај/ап/м.н.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Чешка го слави 19-годишниот Методеј Јилек
Со спектакуларно лизгање, Методеј Јилек и го донесе вториот златен медал за Чешка на Зимските олимписки игри во Милано.
Во трката на 10.000 метри во брзо лизгање, тој ја запре штоперицата на 12:33,42 и го постигна најубедливиот триумф во досегашниот тек од натпреварите во оваа дисциплина.
За чешкиот тинејџер, кој има само 19 години, ова е втор медал во Милано. Тој веќе го освои среброто на 5.000 метри.
Во сенка на сензационалниот Чех остана Полјакот Владимир Семируниј, кој стигна до среброто со заостанување од 5,65 секунди, додека бронзата му припадна на ветеранот, 40-годишниот Холанѓанец, Јорит Бергсм.
Foto/ EPA
Спорт
Игор Тудор ќе го води Тотенхем
Хрватскиот тренер Игор Тудор се согласи да ја преземе клупата на Тотенхем како привремено решение до крајот на сезоната. Тудор доаѓа откако Томас Франк беше отпуштен претходно оваа недела по лошата серија резултати што го остави клубот на 16-то место во Премиер лигата, само пет бода над зоната за испаѓање.
Извори велат дека одборот на Спарс сакал да назначи привремен менаџер пред играчите да се вратат на тренинзите во понеделник.
Последниот ангажман на Тудор беше во Јувентус, каде што помина седум месеци. Тој го презеде тимот во март минатата година како привремен тренер и забележа само еден пораз во девет натпревари до крајот на сезоната, обезбедувајќи му мест на клубот во Лигата на шампионите. Тој успех му донесе долгорочен договор.
Откако беше елиминиран во осминафиналето на Светското клупско првенство од Реал Мадрид, Јувентус ја отвори сезоната во Серија А со три победи, но следеше серија од осум натпревари без победа во сите натпреварувања. Тој беше отпуштен во октомври 2025 година по поразот од Лацио, оставајќи го клубот на осмото место на табелата.
Сепак, ситуацијата за следната сезона сè уште не е целосно дефинирана. Италијанскиот новинар Фабрцио Романо наведува дека Роберто Де Зерби и Маурисио Покетино се главните кандидати за трајно решение на клупата на Тотенхем по завршувањето на актуелната сезона.
Тудор го презема тимот во деликатен момент, со задача да го стабилизира тимот и да го извлече максимумот од сезоната, додека раководството ќе донесе конечна одлука за долгорочниот проект на лето.
Foto/ depositphotos
Спорт
Брентфорд го продолжи договорот со Игор Тијаго
Бразилскиот фудбалер Игор Тиаго го продолжи договорот со Брентфорд, објави англискиот клуб.
Со новиот договор, Тиаго би можел да остане во редовите на Премиер лигата до летото 2031 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
Веста за продолжувањето доаѓа откако Премиер лигата го прогласи за најдобар играч во јануари. Тиаго постигна пет гола на пет натпревари во јануари, со што ја освои наградата за најдобар играч на месецот во Премиер лигата по втор пат оваа сезона.
Во тој период, Брентфорд забележа две победи, едно реми и два порази, и моментално е на седмото место на табелата во Премиер лигата со 40 бода.
Тиаго (24) пристигна во Брентфорд во 2024 година од Клуб Бриж, а пред тоа играше за Лудогорец и Крузеиро.
Бразилскиот фудбалер одигра 26 натпревари за англискиот клуб во сите натпреварувања оваа сезона и постигна 18 голови.
Foto/ depositphotos

