Спорт
Мундобаскет Турција 2010
На претстојното 16-то по ред светско првенство кое започнува во сабота во Турција покрај Шпанија и Грција, на првото место ќе атакуваат Србија, Русија и Хрватска
Кошарката е родена во 1891 година во Спрингфилд, Масачусетс, како „дете из епрувете“ бидејки мајка нема, а за нејзин татко се смета Др. Џејмс Нејсмит. Тој ги воспостави основните правила на оваа игра по кои се одржа и првиот меч во локалното училиште со фудбалска топка и со мрежички без дупка на дното, па топката мораше да се вади од неа по секој постигнат кош. Оттогаш па до денес оваа игра претрпе големи измени, и ако некој оспорува дека стана спорт број 1, сигурно не може да оспори дека стана најатрактивен спорт на планетата земја.Кошарката ги направи првите чекори на американскиот континент, па можеби затоа и на воведните светски првенства доминираа екипи од овој дел на светот. На првото СП во 1950 година во Аргентина, победија домаќините пред САД и Чиле. Четири години подоцна во Бразил, САД дојдоа до првиот наслов, сребрени беа Бразилците, а бронзени кошаркарите на Филипини. Во Чиле во 1959 година Бразил во финалето се реваншира на САД за поразот на претходното првенство, а домаќинот го освои третото место. Во1963 година Бразил втор и последен пат се закити со круната на домашен терен, а оваа година за прв пат до медали дојдоа екипи од европскиот континент. Југославија го освои сребрениот а СССР бронзениот медал. Токму Југославија и Советскиот Сојуз ќе обележат една ера на доминација на две екипи од Европа менувајки се на тронот на сите светски првенства се до 1986 година. СССР за прв пат стана светски првак во 1967 година во Уругвај, победувајки ја Југославија во финалето, а вкупно има три наслови, исто како САД и Југославија. Последен пат прваци беа во 1982 година со генерацијата во која играа Ткаченко, Валтерс, Сабонис, Еремин, Јовајша, Хомичиус, Белостењи, а предводени на клупата од славниот полковник Александар Гомељски.Југославија првата од трите титули ги освои во Љубљана 1970 година со екипа во која играа Тврдиќ, Плеќаш, Сканси, Јеловац, Данеу, Чосиќ, Шолман, Симоновиќ, Капичиќ, Чермак, Жорга и Рајковиќ. По ова првенство во сите градови во тогашна Југославија на бандерите беа закачувани табли со кошеви, а децата наместо фудбал по сокаците, започнаа да играат кошарка. Оваа експанзија на кошарката придонесе да дојдат генерации кои обележаа доминација на југо-баскетот со играчи од калибар на Драган Кичановиќ, Зоран Славниќ Мока, Дражен Далипагиќ, Мирза Делибашиќ, Жељко Јерков, Жарко Вараиќ, Ратко Радовановиќ, вечниот Крешимир Чосиќ. Така беше се до последната круна пред распадот на Југославија кога за последен пат заедно играа Дражен Петровиќ, Владе Дивац, Тони Кукоч, Жарко Паспаљ, Аријан Комазец, Јуриј Здовц, Велимир Перасовиќ, Зоран Савиќ, Зоран Чутура и Зоран Јовановиќ, тим што во финалето во 1990 година им одржа лекција на САД кои ги потценија противниците и настапија само со три НБА играчи, Алонзо Морнинг, Кени Андерсон и Били Овенс. Гледачите имаа можност во финишот на финалниот натпревар да видат атракции и „шишање“ на американските кошаркари, понижени од легендарниот Дражен и компанијата.САД има три титули. Во 1986 година им досади 32-годишен пост и решија на светското првенство наместо колеџ кошаркари од НЦАА, да пратат екипа на соништата од НБА ѕвезди. Дрим тимот кој неодамна влезе во куќата на славните беше составен од играчи чии имиња и ден денес се сон и недопирливи за новите генерации. Мајкл Џордан, Меџик Џонсон, Лери Брд, Патрик Јуинг, Џон Стоктон, Карл Мелоун, Чарлс Баркли, Дејвид Робинсон, Скоти Пипен, Клајд Дрекслер и Кристијан Лајтнер ја донесоа втората титула за САД на шампионатот во Шпанија. Во финалето го совладаа СССР, тим што во полуфиналето во трилер меч, за само 49 секунди до крајот со три тројки успеа да надомести негатива од девет поени против Југославија, на чија клупа Сканси прерано почна да прославува победа.СССР и Југославија се распаднаа како држави, а од овие две мега репрезентации никнаа како пипци од октопод нови силни тимови, Па СР Југославија, односно Србија и Црна Гора, освоија уште две првенства, а Русија два пати, и Хрватска еднаш, беа закитувани со сребрени медали.Последни победници од СП 2006 година во Јапонија, предводени од вонсерискиот По Гасол се Шпанците на кои ова им е единствен медал и тие ќе ја бранат титулата во Турција но без својата ведета. Грција беше втора на минатото првенство, а САД трет. Самиот пласман најавува дека од 2006 година можеби започнува ера во која поранешните великани на кошарката ќе мора полека приматот да го предаваат на „новите клинци“. На претстојното 16-то по ред светско првенство кое започнува во сабота во Турција покрај Шпанија и Грција, на првото место ќе атакуваат Србија, Русија и Хрватска. Словенците посакуваат изненадување, а тимови за респект имаат Германија, Литванија, Турција, па и Кина земји кои дале во НБА лигата играчи од екстра класа. Порторико се обидува да се врати на старите патеки од седумдесетите години, а не треба да се заборават Канада, па и Австралија. Сите овие несомнено ќе се обидат да станат дел од историјата и за прв пат да изборат статус на светски првак. На шампионатот на планетата, Кајсери, Истанбул, Анкара и Измир ќе бидат домаќини на вкупно 24 репрезентации, поделени во четири групи во првата фаза на првенството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Норвежанката Ана Одине освои златен медал откако скокна пред Ника Превц
Норвешката ски-скокачка Ана Одине Стрем го освои златниот медал на Зимските олимписки игри откако скокна пред Ника Превц и Нозоми Марујама. Во обете серии Норвежанката беше подобра од својата конкуренција и заслужено стигна до злато.
По првата серија, Норвежанката Ана Одине Стрем беше прва со скок од 100 метри и 136,9 поени, пред Словенката Ника Превц која собра 135,9 поени со должина од 98 метри, додека Јапонката Нозоми Марујама беше трета со скок од 97 метри и 135,7 поени. Четврта беше Норвежанката Ејурин Марија Квандал (99,5 м/131,9 поени).
Фото: ЕПА
Спорт
Дејвис отпишан, доби лоши вести и во својот нов клуб
Антони Дејвис (32) само три дена откако беше отпуштен од Далас Маверикс, дозна нови лоши вести. Новиот играч на Вашингтон Визардс нема да игра за тој клуб до крајот на сезоната.
Дејвис има проблеми со раката и препоните, а Вашингтон одлучи да не го форсира неговото враќање во последниот дел од сезоната.
Ова е преодна сезона за Визардс бидејќи се само претпоследни во Источната конференција.
Дејвис има важечки договор за следната сезона, вреден околу 58 милиони долари, како и опција за играч за сезоната 2027/28.
Клучен играч на новиот тим на Визардс е Треј Јанг. Дејвис е одличен играч, но речиси уништен од повреди на прагот на неговиот 33-ти роденден. Ќе биде надвор од игра до крајот на сезоната и мора да докаже дека тимот треба да се гради околу него.
Фото: Депозитотос
Спорт
Манчестер Јунајтед со четврта победа во низа
Во денешниот прв натпревар од 25-то коло од англиската Премиер лига, Манчестер Јунајтед го победи Тотенхем со 2-0 на Олд Трафорд.
Натпреварот беше нерешен до 30-тата минута, кога гостите останаа со играч помалку.
Ромеро силно го шутна глуждот на Касемиро, што му донесе црвен картон. Домашните брзо го искористија дополнителниот играч. Осум минути подоцна, тој изведе корнер-акција, а Мбеумо постигна гол со прецизен удар од десет метри за 1-0.
Во остатокот од натпреварот, Манчестер Јунајтед имаше многу можности да избега на два гола разлика и со тоа да го прекине израмнувањето, но до 81-вата минута беше минимално 1-0.
Потоа Бруно Фернандеш погоди кон мрежата на противникот и ги постави конечните 2-0.
Манчестер Јунајтед остана четврти со четвртата победа по ред, но се доближи до Манчестер Сити и Астон Вила во бодови.
Фото: Деспозитфотос

