Спорт
Арсенал се спаси во финишот, четири премиерлигаша елиминирани
Во третото коло од англискиот ФА Куп, второлигашот Лидс беше пред големо изненадување да го елиминира Арсенал на неговиот „Емирати“, но прволигашите Њукасл. ВБА, Сандерленд и Блекпул во саботата беа елиминирани
Во мечот кој требаше да претставува посериозен тренинг за лондонските „топчии“, петопалсираниот клуб од англиската втора лига поведе во 54. минута од пенал што го реализираше Роберт Снодграс. Пеналот беше досуден откако Бразилецот Денилсон во 16-те метри го собори Макс-Ален Градел. Инаку до тој момент Арсенал ја имаше контролата над играта но не создаде стопостотни можности за постигнување погодок.Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер за овој меч ги изостави своите најдобри играчи сезонава Самир Насри и Робин ван Перси, но за да го спречи дебаклот мораше во продолжение од мечот во игра да ги внесе Сеск Фабрегас и Тио Волкот. Токму тие двајцата беа протагонисти на изедначувањето за домашните во 89. минута. Бен Паркер со влечење за дресот го собори во гостинскиот шеснаесетник Волкот, а Фабрегас беше прецизен од белата точка. Волкот имаше шанса да го постигне победничкиот гол во четвртата минута од судиското продолжение, но неговиот удар го запре голманот на Лидс, Каспер Шмајкл. Арсенал останува пак голем фаворит и за повторениот меч кој че се одигра на 18-ти јануари на „Иланд Роуд“.Најголемото изненадување го направи четвртолигашот Стивениџ кој го декласира Њукасл. Се чини дека претенциозно менаџерот на „свраките“ го потцени повеќе од потребното противникот, и наместо стандардниот состав изведе на противничкиот терен искомбинирана екипа која не се снајде најдобро. По првото полувреме во кое фудбалерите на Стивениџ покажаа дека сакаат да ја искористат нивната историска шанса за клубот кој инаку за англиски услови има мала историја, веќе во 50. и во 55. минута домашните имаа сигурна предност со автоголот на Вилијамсон и голот на Боствик. Дека Њукасл ќе биде елиминиран стана јасно уште во 71. минута кога директен црвен картон доби Тиот кој само 14 минути претходно го замени Смит кој заради еден жолт картон беше под закана да биде исклучен од мечот. Гостите намалија на 1:2 во третата минута од судиското продолжување преку Џо Бартон, но по нецела минута Питер Вин ги постави конечните 3:1.Сандерленд исто така со ослабен состав како домаќин беше поразен од третолигашот Нотс каунти со 1:2, а второлигашот Рединг пред својата публика елиминираше во саботата уште еден премиерлигаш, Вест бромвич албион со 1:0. Уште еден третолигаш го зема скалпот на член на најсилната англиска фудбалска лига, имено Саутемптон со 2:0 го совлада Блекпул.Во другите мечеви од ФА Купот во саботата беа постигнати следните резултати: Блекбурн – Квинс парк ренџерс 1:0; Болтон – Јорк 2:0; Фулам – Питерборо 6:2; Хал – Виган 2:3; Милвол – Бирмингем 1:4; Сканторп – Евертон 1:5; Шефилд јунајтед – Астон вила 1:3; Сток – Кардиф 1:1 и Вест хем – Барнсли 2:0. Во рамките на 3-то коло во недела се игра дербито меѓу Манчестер јунајтед и Ливерпул кој првпат ќе биде предводен од привремениот менаџер и долгогодишна играчка клупска легенда Кени Далглиш, Тотенхем игра против некогашниот прволигаш Чарлтон кој од сезоната 2006/07 сега падна во третата лига, а минатогодишниот победник на купот Челзи игра против второлигашот Ипсвич.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Чешка го слави 19-годишниот Методеј Јилек
Со спектакуларно лизгање, Методеј Јилек и го донесе вториот златен медал за Чешка на Зимските олимписки игри во Милано.
Во трката на 10.000 метри во брзо лизгање, тој ја запре штоперицата на 12:33,42 и го постигна најубедливиот триумф во досегашниот тек од натпреварите во оваа дисциплина.
За чешкиот тинејџер, кој има само 19 години, ова е втор медал во Милано. Тој веќе го освои среброто на 5.000 метри.
Во сенка на сензационалниот Чех остана Полјакот Владимир Семируниј, кој стигна до среброто со заостанување од 5,65 секунди, додека бронзата му припадна на ветеранот, 40-годишниот Холанѓанец, Јорит Бергсм.
Foto/ EPA
Спорт
Игор Тудор ќе го води Тотенхем
Хрватскиот тренер Игор Тудор се согласи да ја преземе клупата на Тотенхем како привремено решение до крајот на сезоната. Тудор доаѓа откако Томас Франк беше отпуштен претходно оваа недела по лошата серија резултати што го остави клубот на 16-то место во Премиер лигата, само пет бода над зоната за испаѓање.
Извори велат дека одборот на Спарс сакал да назначи привремен менаџер пред играчите да се вратат на тренинзите во понеделник.
Последниот ангажман на Тудор беше во Јувентус, каде што помина седум месеци. Тој го презеде тимот во март минатата година како привремен тренер и забележа само еден пораз во девет натпревари до крајот на сезоната, обезбедувајќи му мест на клубот во Лигата на шампионите. Тој успех му донесе долгорочен договор.
Откако беше елиминиран во осминафиналето на Светското клупско првенство од Реал Мадрид, Јувентус ја отвори сезоната во Серија А со три победи, но следеше серија од осум натпревари без победа во сите натпреварувања. Тој беше отпуштен во октомври 2025 година по поразот од Лацио, оставајќи го клубот на осмото место на табелата.
Сепак, ситуацијата за следната сезона сè уште не е целосно дефинирана. Италијанскиот новинар Фабрцио Романо наведува дека Роберто Де Зерби и Маурисио Покетино се главните кандидати за трајно решение на клупата на Тотенхем по завршувањето на актуелната сезона.
Тудор го презема тимот во деликатен момент, со задача да го стабилизира тимот и да го извлече максимумот од сезоната, додека раководството ќе донесе конечна одлука за долгорочниот проект на лето.
Foto/ depositphotos
Спорт
Брентфорд го продолжи договорот со Игор Тијаго
Бразилскиот фудбалер Игор Тиаго го продолжи договорот со Брентфорд, објави англискиот клуб.
Со новиот договор, Тиаго би можел да остане во редовите на Премиер лигата до летото 2031 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
Веста за продолжувањето доаѓа откако Премиер лигата го прогласи за најдобар играч во јануари. Тиаго постигна пет гола на пет натпревари во јануари, со што ја освои наградата за најдобар играч на месецот во Премиер лигата по втор пат оваа сезона.
Во тој период, Брентфорд забележа две победи, едно реми и два порази, и моментално е на седмото место на табелата во Премиер лигата со 40 бода.
Тиаго (24) пристигна во Брентфорд во 2024 година од Клуб Бриж, а пред тоа играше за Лудогорец и Крузеиро.
Бразилскиот фудбалер одигра 26 натпревари за англискиот клуб во сите натпреварувања оваа сезона и постигна 18 голови.
Foto/ depositphotos

