Спорт
Сити на врвот, Челзи пак меѓу првите четири
Фудбалерите на Манчестер сити дојдоа до тешка но вредна победа над Вулверхемптон од 4:3 со што по 23. коло од англиската Премиер лига привремено се на првата позиција
Островската и европската фудбалска јавност во саботата со внимание го следеше мечот на Манчестер сити со Вулверхемптон најмногу затоа што тоа беше деби настап за босанскиот интернационалец Един Џеко. Неговиот трансфер од 35 милиони евра од германскиот бундеслигаш Волфсбург е еден од поскапите годинава. Џеко го одигра целиот натпревар а беше асистент на еден погодок што го постигна Јаја Туре во 54. минута за водство од 3:1.Манчестерските „граѓани“ беа изненадени со отворената игра и напаѓачката формација на Вулверхемптон, што го потврдува и статистичкиот податок од 50 отсто поседување на топката. Гостите и поведоа во 11. минута преку Милијаш кој погодокот го постигна со удар од близина. На сличен начин во 39. минута изедначи Коло Туре. Во второто полувреме, по неколку потпросечни игри, се разбуди аргентинскиот ас и капитен на Манчестер сити, Карлос Тевез кој домашните ги доведе во водство во 49. минута со одличен соло пробив. По пет минути следеше погодокот на Јаја Туре, а Тевез уште еднаш, овојпат со глава, беше прецизен во 66. минута. Со денешните два Тевез има вкупно постигнато 14 голови во досегашниот тек од Премиершип со што на чело на листата на стрелците се изедначи со Бугаринот Димитар Бербатов од Манчестер јунајтед. По водството од 4:1 на речиси половина час до крајот, се очекуваше демолирање на противникот, но очигледно ака не мислеа и фудбалерите на Вулверхемптон кои и во периодот на постигнување на головите на Сити не отстапуваа од обидите да го загрозат противничкиот гол. Тие во 68 минута успеаја преку пеналот кој непотебно го направи Лескот а за гостите го реализираше Дојл да намалат на 2:4, а во 86 минута Зубар од мешаница успеа да намали на 4:3 и со голем притисок до крајот на мечот да одат на изедначување. Сепак одбраната на Сити издржа и со овие нови три бода моментално со 45. бодови е на првата позиција, со еден бод повеќе од второпласираниот Манчестер јунајтед, но кој има дури три меча помалку. Челзи на својот „Стемфорд бриџ“ го совлада Блекбурн со 2:0. Ова е само втора победа на лондонските „сини“ во последните 10 натпревари. Српскиот бек Ивановиќ од близина по голема мешаница во 57.минута го донесе водството за Челзи, а Николас Анелка во 76. минута ја обезбеди победата.Нигериецот Питер Одемвинги беше двоен стрелец за Вест бромвич албион во домашната победа на Блекпул од 3:2. Одемвинги беше стрелец за водство на домашните во 37. минута и во 87. го постигна и решавачкиот гол, додека во меѓувреме новото водство од 2:1 за ВБА го донесе во 52. минута Морисон. Гостите поведоа од 11. минута преку Воган а на 2:2 изедначија во 80. минута со голот на Тејлор–Флечер. Виган и Фулам ги поделија бодовите со головите на Родејлеџ во 57. и на Џонсон во 86. минута.Сток сити без поголеми напори го совлада со 2:0 Болтон. Стрелци беа Хиџинботам во 37. и Итерингтон во 63. минута од пенал.Во тек е мечот на Арсенал кој со 2:0 на полувремето водеше на гости против Вест хем.Во недела се играат мечевите Бирмингем – Астон вила; Сандерленд – Њукасл, градското дерби Ливерпул – Евертон и дербито во Лондон меѓу Тотенхем и Манестер јунајтед.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Тухел ќе ја предводи Англија до 2028 година
Тренерот на фудбалската репрезентација на Англија, Томас Тухел, ќе остане на клупата на националниот тим барем до крајот на Европското првенство во 2028 година.
Тоа е епилогот од новата соработка што Фудбалската асоцијација на Англија ја договори со германскиот стручњак. По совршената квалификациска кампања за Светското првенство, самодовербата е на исклучително високо ниво.
Поранешниот стратег на Челзи, Баерн Минхен и Пари Сен Жермен стави крај на шпекулациите за можен трансфер во Манчестер Јунајтед, Тотенхем или Реал Мадрид со парафирање на договорот. Сите три клуба неодамна ги сменија тренерите, но ќе мора да бараат нов на друга адреса.
„Многу сум среќен и горд. Едвај го чекам Светското првенство, одлична можност да ја направам нацијата горда. Имам огромна поддршка од извршниот директор Марк Булингам, колегите од Федерацијата и навивачите каде и да одам, без двоумење решив да ја продолжам оваа работа од соништата. Европското првенство 2028 ќе биде многу посебен турнир, можност да се натпреварувам со најдобрите на најголемата можна сцена“, рече Тухел.
Англичаните повторно влегуваат во големото натпреварување со епитетот еден од главните фаворити за трофејот.
Во групата Л ќе се натпреваруваат против Хрватска, Гана и Панама, па се очекува релативно лесен пласман во нокаут фазата. Пред четири години во Катар беа елиминирани во четвртфиналето, каде што беа запрени од Франција.
Foto/ depositphotos
Спорт
Словенец исфрлен од ЗОИ поради алкохол
Главниот тренер на финската репрезентација за скијачки скокови, Игор Медвед, е дисквалификуван од Зимските олимписки игри поради скандал поврзан со алкохол, објави „Афтонбладет“.
Финските спортисти ќе бидат без својот словенечки тренер до крајот на Игрите, кој беше испратен дома поради кршење на тимските вредности.
„Медвед се врати дома денес. Проблемот е поврзан со алкохолот. Прекршувањето на правилата го сфаќаме многу сериозно и ќе реагираме брзо“, изјави Јане Ханинен, раководител на елитни спортови во Финскиот олимписки комитет.
Селекторот се извини за своите постапки.
„Направив грешка и длабоко жалам за тоа. Сакам да им се извинам на целата финска репрезентација, спортистите и навивачите. Им посакувам на екипата мир и спокојство за да можат да се фокусираат на Олимписките игри“, рече 44-годишниот Медвед, кој е главен тренер на репрезентацијата во скијачки скокови од летото 2024 година, а претходно работеше во словенечката репрезентација.
Медвед е поранешен член на словенечката репрезентација во скијачки скокови.
Спорт
Ко-сопственикот на Манчестер Јунајтед: Велика Британија е колонизирана од имигранти
Британскиот премиер Сер Кир Стармер побара од милијардерот и ко-сопственик на Манчестер Јунајтед, Сер Џим Ратклиф, да се извини за тоа што изјавил дека Велика Британија е „колонизирана од имигранти“.
Во интервју за „Скај њуз“, Ратклиф рече: „Не можете да имате економија со девет милиони луѓе кои примаат социјална помош и огромен прилив на имигранти. Мислам, Велика Британија е колонизирана. Тоа чини премногу“.
Тој додаде: „Велика Британија е всушност колонизирана од имигранти, нели?“
Ретклиф, исто така, наведе неточни податоци за растот на населението, тврдејќи дека бројот на жители се зголемил од 58 милиони во 2020 година на 70 милиони денес, додека официјалните проценки покажуваат многу помало зголемување – од околу 66 на 69 милиони.
Стармер ги нарече неговите коментари „навредливи и погрешни“, велејќи дека Велика Британија е „горда, толерантна и разновидна земја“ и дека таквата реторика „им оди во прилог на оние кои сакаат да ја поделат нашата земја“.
Ратклиф, исто така, рече дека политичарите мора да бидат „подготвени да бидат непопуларни некое време за да решат големи проблеми“, сугерирајќи дека премиерот бил „премногу фин“ за да спроведе „строги мерки“ за имиграцијата и економијата.
Неговите забелешки беа осудени од навивачките групи на Манчестер Јунајтед и антирасистичките организации, велејќи дека тоа е реторика што потсетува на крајно десничарски наративи и може да ги продлабочи поделбите во општеството.
Foto/ depositphotos

