Спорт
Борусија Дортмунд шампион на Германија
Фудбалерите на дортмундска Борусија ја освоија титулата првак на Гермaнија две кола пред крајот на првенството
Во 32-то коло Борусија Дортмунд пред своите навивачи го совлада Нинберг со 2:0, а на рака им одеше тоа што Баер Леверкузен беше поразен кај Келн со 0:2, така што направија осум недостижни бодови предност можеа да го прослават својот седми триумф во Бундеслигата чиј шампион последен пат беа во 2002 г. Навивачите на Борусија Дортмунд го претчуствуваа ваквиот расплет и до последно место го исполнија „Сигнал Идун“ стадионот а нивните миленици уште во првиот дел се погрижија славењето да не биде одложено. Стрелци за Борусија беа Бариос во 32 и Левандовски во 45 минута.Треба да се додаде дека Келн дури во финишот од средбата успеа да го скрши Баер Леверкузен, кога Миливој Новаковиќ во 67 и 82 минута прецизно стрелаше во противничката мрежа. Младата екипа на Борусија, просечната старост е 23 години, најголемиот дел од првенството беше на челната позиција во лигата а за одбележување е што под водство на тренерот Јирген Клоп забележа само четири порази во 32 средби, од кои две во последните четири кола. Така, клубот од германската сојузна покраина Рур идната година како шампион ќе ја претставува Германија во Лигата на шампионите. Со победата против Баер Леверкузен, Келн најверојатно си го обезбеди останокот во Бундеслигата. Исто така и Борусија Менхедгладбах којашто на гости го совлада третопласираниот Хановер со голот на Реус во 76 минута, си ги продолжи надежите дека може да избори опстанок. Истовремено таа му овозможи на Баерн Минхен доколку го победи Шалке 04 да ја преземе третата позиција којашто води во квалификациите за Лигата на шампионите. На пет победа разлика од третата позиција моментално е и Мајнц на Николче Новески, откако во саботата беше совладан Ајнтрахт. Во победата од 3:0 стрелци за домашните беа Иваншиц во 26 и Сото во 38 и 45 минута. Мајнц е петти до 52 бода а Ајнтрехт со 34 бодови на 16-та позиција ќе се бори за опстанок. Фрајбург славеше на гости кај ХСВ со 2:0 со што му го презема седмото место на табелата. Двоен стрелец за гостире беше Сисе во 16 и 88 минута. Штутгард со победата над Хофенхајм на гости од 2:1 е 12-ти веднаш зад денешниот домаќин и се извлече на пет бода од зоната на испаѓањето. Домашните поведоа преку Млапа во 14, додека гостите во 63 преку Какау и Кузмановиќ во 68 минута успеаја да дојдат до важните бодови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Ставре Јада 88-ми во спринт трката на ЗОИ
Македонскиот репрезентативец, Стваре Јада, настапи во квалификациите, во спринт трката во крос-кантри, на ЗОИ во Милано и Кортина.
Во конкуренција на 95 натпреварувачи, Јада го освои 88-то место. Патеката во Вал ди Фјеме тој ја мина со време 3.59.56 минути, со речиси 53 секунди послаб резултат од победникот.
Победи Норвежанецот Јоханес Клабо со време 3.07.37, пред Американецот Бен Огден (3.09.88) и Французинот Жил Шапаз (3.12.86).
Фото/ МОК
Спорт
Стеф Кари поради повреда го пропушта Ол-стар натпреварот
По Шеј Гилџис-Александер (Оклахома), уште еден ас ќе го пропушти НБА Ол-стар викендот, станува збор за Стеф Кари. Оваа вест ја објави тренерот на Голден Стејт Вориорс, Стив Кер, пред натпреварот со Мемфис.
Кари почувствува болка во коленото пред две недели и го пропушти четвртиот натпревар по ред поради синдром на пателофеморална болка, попознат како „колено на тркач“. Тој нема да игра ниту во среда против Сан Антонио, за да биде подготвен за дуелот со Бостон на 19 февруари по Ол-стар викендот.
„Работата е што по пат учам што функционира во однос на рехабилитацијата. Коленото сè уште ме боли. Морам да се обидам да го отстранам целото воспаление и болка. Тоа е нешто што сè уште треба да го следиме. Не би сакал да се вратам прерано бидејќи повредата може да се влоши“, рече Кари.
НБА сè уште не објави кој ќе го замени Кари во тимот на САД. Ол-стар викендот ќе се одржи во арената Лос Анџелес Клиперс од 13 до 15 февруари.
Foto/ depositphotos
Спорт
Роналдо се смири со раководството на Ал Наср
Навивачите на Ал Наср и фановите на Кристијано Роналдо можат да здивнат. Португалецот се смири со клупските челници.
Откако поради протест, пропушти два натпревари, Португалецот треба да се врати во тимот на Ал Наср и да игра во следниот натпревар против Ал Фатех.
Роналдо наводно бил во бојкот, незадоволен од начинот на кој се распределуваат парите во саудискиот фудбал. Бидејќи сите клубови се финансираат од еден инвестициски фонд, го вознемирувал начинот на кој Ал Наср работи и тоа што нивниот конкурент за титулата Ал Хилал минатата недела го реализираше трансферот на Бензема од Ал Ахли.
Тој, исто така, протестирал затоа што платите на вработените во клубот доцнеле.
Раководството на клубот очигледно ги прифатило овие жалби, па сега Роналдо може да се врати на теренот и да го прави она што најдобро го знае.
Foto/ depositphotos

