Спорт
Хрватска ја посрамоти Турција, Ирска победнички против Естонија
Фудбалската репрезентација на Хрватска уште по првиот бараж меч го визира пасошот за Полска и Украина, каде следната година ќе се одржува Европското првенство.
Фудбалската репрезентација на Хрватска уште по првиот бараж меч го визира пасошот за Полска и Украина, каде следната година ќе се одржува Европското првенство. Хрватите, вечерва, во Истанбул ја демолираа домашната Турција со 3:0 и со голема веројатност му ја потпишаа оставката на селекторот на Турците, Гус Хидинк. „Турк Телекм Арена“ во најголемиот турски град ја замолкна напаѓачот на Баерн Минхен, Ивица Олиќ уште во 2. минута. Половина час подоцна Марио Манџукиќ го дуплира водството на Хрватите, додека конечните 3:0 ги постави Ведран Чорлука во 51. минута. Пласман на ЕП, уште по првиот меч избори и селекцијата на Република Ирска, која во квалификациите два пати ја совлада Македонија. Ирците во Талин ја победија Естонија со 4:0. Ендрјус, во раната фаза на мечот, уште во 13. минута го отвори резултатот, за конечниот удар да го зададат во последните 22. минути кога мрежата на Естонија ја погодија еднаш Волтерс и двапати Роби Кин. Естонците мечот го завршија со двајца фудбалери помалку, поради два жолти картонa беа исклучени Степанов ( 34. минута) и Пироја ( 77. минута). Убава предност, пред реваншот во Подгорица, стекна репрезентацијата на Чешка која со 2:0 ја победи Црна Гора. Чесите благодарение на Росицки, кој изворедно диригираше со играта на својата репрезентација, и головите на Пилар во 63. минута и Сивок во 92. минута, стигнаа на чекор до ЕП.Фаворизираната Португалија во Зеница против Босна и Херцеговина, не забележа победа, но има активен резултат кој на Роналдо и дружината им дава повеќе шанси дека ќе играат на Еуро 2012. Португалија во Зеница имаше повеќе од играта, доминираше 75. минути, но голманот Беговиќ и Захировќ (кој неколкупати ја вадеше топката од гол линијата) ги спречија Португалците да стекнат предност. Босна и Херцеговина доминираше само во последните 15. минути, период во кој Ибишевиќ не реализира две стопроцентни шанси. Возвратните бараж средби, по кои и официјално ќе бидат познати последните патници на ЕП ќе се одиграат на 15. ноември. крај/макфакс/н.ц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Рајмунд сензационален победник на малата скокалница
Германецот Филип Рајмунд ја шокира конкуренцијата и го освои златниот медал на малата сколаница на Зимските олимписки игри во Милано и Кротина.
Покрај Германецот изненади и Полјакот Каспер Томашијак, тој заврши на втората позиција.
Оценките на судиите беа пресудни, во борбата межу нив двајца. Филип Рајмунд го освои златниот медал, и покрај тоа што Каспер Томашјак имаше подолги скокови и во првата и во втората серија. Благодарение на неговиот добар стил и доскок, Германецот стана олимписки шампион и покрај тоа што нема ниту победа во Светскиот куп.
Бронзата им припадна на Грегор Дешванген од Швајцарија и Рени Никаидо од Јапонија.
Разочара Словенецот Домен Превц, победникот на Новогодишната турнеја и светски првак во ски летовите. На крајот го освои шестото место.
Следниот натпревар, мажите ќе го имаат на 14 февруари на големата скокалница, ден подцна ќе се натпреваруваат и дамите.
Foto/ EPA
Спорт
Кам-бек на Серена Вилијамс
Серена Вилијамс се враќа на тениските терени.
Оваа ексклузива ја објави американскиот новинар Бен Ротенберг на својот блог.
„До крајот на овој месец, Серена Вилијамс, ќе се стекне со право да се натпреварува, бидејќи завршува шестмесечна програма за тестирање на нејзините можности“, напиша Ротенберг и додаде:
„Враќањето на Серена сега е официјално – официјално“.
Сопственичката на 23 гренд слем трофеи во сингл не играла професионален тенис 1.256 дена, практично откако загуби во третото коло на Отвореното првенство на САД од Ајла Томљановиќ на 2 септември 2022 година.
Една од најголемите тенисерки на сите времиња има 44 години и две деца.
Серена го имаше своето професионално деби во октомври 1995 година, пред 31 година.
Во меѓувреме, таа освои 73 титули во поединечна конкуренција, вклучувајќи седум титули на Австралија Опен, три на Ролан Гарос, седум на Вимблдон и шест титули на Ју-ес Опен.
Таа има и 23 титули во двојки, од кои 14 на „главните турнири“, каде што оствари и два триумфа во микс-дубл. Освои една титула во ФЕД и две во Хопман купот, секако е важно да се споменат четири олимписки златни медали – едно во поединечна конкуренција (2012) и три во двојки (2000, 2008 и 2012) освоени со постарата сестра Венус.
Серена Вилијамс помина 319 недели на врвот на ранг-листата на ВТА.
Ова ја прави втора најуспешна тенисерка во историјата според тој критериум, зад Штефи Граф (377 недели).
Foto/ depositphotos
Спорт
„Ова е доказ зошто ВАР системот апсолутно не функционира“
Легендарниот дански голман Петер Шмајхел се приклучи на дискусиите и негодувањата по дербито меѓу Ливерпул и Манчестер Сити, кое гостинскиот тим го доби со 2:1.
Некогаш еден од најдобрите голмани во светот не штедеше зборови кога коментираше за судењето и примената на ВАР технологијата.
Шмајхел, кој долго време јавно го оспорува воведувањето на видео асистентот во фудбалот, конкретно се осврна на ситуацијата на крајот од натпреварот на „Енфилд“.
Контроверзен момент беше поништениот гол на Рајан Шерки, со кој Сити можеше да поведе со 3:1, додека во исто време Доминик Собослај доби црвен картон, откако претходно го фаулираше Ерлинг Халанд.
Поранешниот голман на Манчестер Јунајтед и Сити им изјави на англиските медиуми дека не гледа логика во таквата одлука, потсетувајќи дека главниот судија Крег Посон првично го призна голот. Дури по консултација со својот колега Џон Брукс од ВАР собата ја променил својата одлука.
Шмајхел вели дека интервенцијата била целосен неуспех.
„Едноставно не разбирам. Одлуката на теренот е гол. Требаше така да остане. За мене, ваков епилог е доказ зошто ВАР апсолутно не функционира. Нема смисла да им се дозволи на судиите да прават нешто вакво… Која е целта? И Ливерпул сакаше голот да биде потврден, бидејќи кога го поништија црвен картон доби Собослај“, рече меѓу другото Петер Шмајхел.
Сличен став изрази и менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, кој по натпреварот оцени дека одлуката не и користи на ниту една страна, прашувајќи „каде е тука здравиот разум?“.

