Спорт
Ешли Кол: Поради тактиката на менаџерот нема да освоиме ништо
Лондон, 22.02.2012 (Макфакс) – Играчите на Челзи го загубиле трпението со менаџерот Андре Виљас-Боаш, „The Sun“ наведува дека Ешли Кол, Френк Лампард и Мајкл Есиен, натпреварот со Наполи го започнале од клупата бидејќи го критикувале менаџерот.
Играчите на Челзи го загубиле трпението со менаџерот Андре Виљас-Боаш, „The Sun“ наведува дека Ешли Кол, Френк Лампард и Мајкл Есиен, натпреварот со Наполи го започнале од клупата бидејќи го критикувале менаџерот. На состанокот во неделата, Виљас-Боаш, од тројцата искусни играчи побарал мислење за лошите резултати на тимот. Лампард и Есиен искрено кажале што им пречи, но најкритичен бил Кол. „Дојдов тука за да освојувам трофеи, но тоа нема да се случи поради твојата тактика“, рекол Кол, кој е незадоволен бидејќи нема слобода во играта. Менаџерот на Челзи синоќешниот натпревар со Наполи го започна со Босингва на левата бековска позиција. Кол според Виљас-Боаш не бил подготвен иако медицинските тестови го покажале спротивното. Дека Кол и Лампард биле лути што мечот го започнале од клупата, потврди и самиот Виљас-Боаш, кој одлуката ја бранеше со зборовите: „на теренот, според мое мислење, го испратив најдобриот тим. Нема потреба било што да објаснувам бидејќи го загубивме натпреварот.“ Португалецот порача дека тој е главниот во соблекувалната на Челзи. „Разговарав со Френк и Ешли. Тие се искусни фудбалери и чувствуваат дека можат да му помогнат на тимот. Тоа е разбирливо. Се разбира дека беа разочарани, но мора да ги прифатат моите одлуки“. Ден по поразот од Наполи, во првиот осмина финален натпревар во Лигата на шампиони, медиумите во Англија шпекулираат дека Рафа Бенитез ќе биде новиот менаџер на Челзи. Истите извори посочуваат дека сопственикот Роман Абрамович ќе има трпение до реваншот со Наполи, доколку „сините“ не ја минат осмина финалната фаза тогаш Виљас-Боаш ќе мора да замине. крај/index.hr/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Клубовите се против – Шведска нема да воведе ВАР
Системот за видео анализа (ВАР) нема да биде воведен во Шведска, откако на оваа идеа се спротивтавиле фудбалските клубови, изјави во петокот претседателот на Шведската фудбалска федерација (SvFF), Фредрик Рајнфелд.
ВАР постојано беше во центарот на контроверзноста во лигите каде што беше воведен, со поплаки поврзани со неговата обемна анализа и одложувања кои често траат неколку минути.
Во јули 2023 година, Шведската професионална фудбалска лига, која ги претставува клубовите во првите две дивизии на шведскиот фудбал, соопшти дека мнозинството клубови во земјата „активно се противат“ на воведувањето на ВАР.
Рајнфелд, кој минатата година рече дека ВАР е „иднината“, беше критикуван од навивачите за неговиот став по ова прашање.
„Ако броев правилно, имаме 18 елитни клубови и два региони кои рекоа дека не сакаат да воведат ВАР. Ние тоа го почитуваме. Поради тоа не излеговме со овој предлог на претходниот состанок, а тоа нема да се случи ниту во иднина. Јас сум за почитување на демократските правила на играта“, изјави Рајнфелд, инаку поранешниот премиер на Шведска.
Спорт
Иџе во поход по нова европска титула: „Очекувам добра трка“
Трикратниот европски шампион, Игор Стефановски Иџе овој викенд со трката во Австрија започнува нова сезона во која ќе се обиде да стигне до четвртата титула во Европскиот шампионат на ридски патеки (еHC).
Летечкиот Македонец, Игор Стефановски викендов пред нов предизвик. Во Австрија, на патеката Рекбер тој ќе го започне својот најнов поход на Европскиот шампионат на ридски патеки, кој и годинава има 10 трки. Шампионатот започнува на 28.04.2024, а ќе заврши во септември со трката во Хрватска.
Стефановски и оваа сезона не ги крие своите шампионски амбиции, за кои верува дека ќе може да се реализираат, особено затоа што годинава на патеката ќе управува со новиот автомобилски ѕвер од Ферари 488 B8, специјално дизајниран за овие патеки.
„Очекувам добра трка. Посакувам да постигнеме одличен резултат. Би сакал да се заблагодарам на мојот тим, како и на тие кои го препознаа потенцијалот и ме поддржуваат за натпреварувањата во оваа сезона, особено моите спонзори кои веруваат во мојот потенцијал “- вели Стефановски.
Минатата година Иџе во текот на целата сезона беше во сигурна доминација со седум победи на 10 трки.
Спорт
Хулкенберг од наредната сезона во Заубер
Германскиот автомобилист Нико Хулкенберг од 2025 година, ќе има нов работодавец. 36-годишникот ќе вози за тимот на Кик Заубер.
„Среќен сум што возам за Кик Заубер од 2025 година и што во иднина ќе го претставувам германскиот производител на патеките во Ф1“, објави Нико Хулкенберг на социјалните мрежи.
Од 2026 година во Заубер влегува германскиот производител Ауди.
Хулкенберг е член на тимот на Хас во тековната сезона, а неодамна беше објавено дека нема да ја продолжи соработката со американскиот тим.
„Хулк“ дебитираше во Формула 1 во 2010 година како возач на Вилијамс на Големата награда на Бахреин. Во меѓувреме освои една пол-позиција.
Во претходната сезона, Хулкенберг го заврши натпреварувањето на 16. место во генералниот пласман во Ф1 со девет бодови.