Спорт
50 години од мечот на столетието меѓу Али и Фрејзер
Пред точно половина век, на 8 март 1971 година, во „Медисон сквер гарден“ во Њујорк се одржа боксерскиот меч што ќе остане запаметен како меч на столетието, пресметката на двајца боксери во тешка категорија, кои немаа пораз и кои беа на спротивните страни во поделените САД за време на војната на Виетнам и владеењето на Ричард Никсон.
Мухамед Али (31-0) против Џо Фрејзер (26-0) во време кога боксот привлекуваше повеќе внимание од американскиот фудбал и кошарката во Америка.
Од едната страна беше ѕвездата Мухамед Али. Освои златен медал на Олимпијадата во Рим во 1960, го смени името од Касиус Клеј, го победи Сони Листон двапати, а потоа влезе во конфликт со американската држава кога во 1967 година го регрутираа за војната во Виетнам и тој одби со зборовите: „Немам караница со Виет Конг“. Тој, дефинитивно, беше бунтовникот.
Од другата страна беше Фрејзер, 12-тото дете на фармер од Јужна Каролина, работејќи на плантажа, каде што пред стотина години работеа робовите, пред да избега во Филаделфија, градот полн со боксерски сали за вежбање. Тој беше оригиналниот Роки – работеше во месарници, удираше месо и трчаше по скалите, нешто што Силверстер Сталоне ќе го прикаже на филм. И покрај своето потекло, тој беше прикажуван како дел од естаблишментот поради неговите врски со боксерските менаџери.
Во рингот беше пеколно! И тоа во 15 рунди. Мечот не е класика без причина, а особено последната 15-та рунда, во која Фрејзер го прати Али на подот и иако стана по три секунди, мечот беше готов.
Ова беше само почеток на лутото ривалство меѓу двата боксера за што има снимено и документарни филмови и за тоа како Фрејзер никогаш не му простил на Али. Во 1974 година се одржа суперборбата два, а во 1975 година трилерот во Манила, два меча што ги доби Али.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Чешка го слави 19-годишниот Методеј Јилек
Со спектакуларно лизгање, Методеј Јилек и го донесе вториот златен медал за Чешка на Зимските олимписки игри во Милано.
Во трката на 10.000 метри во брзо лизгање, тој ја запре штоперицата на 12:33,42 и го постигна најубедливиот триумф во досегашниот тек од натпреварите во оваа дисциплина.
За чешкиот тинејџер, кој има само 19 години, ова е втор медал во Милано. Тој веќе го освои среброто на 5.000 метри.
Во сенка на сензационалниот Чех остана Полјакот Владимир Семируниј, кој стигна до среброто со заостанување од 5,65 секунди, додека бронзата му припадна на ветеранот, 40-годишниот Холанѓанец, Јорит Бергсм.
Foto/ EPA
Спорт
Игор Тудор ќе го води Тотенхем
Хрватскиот тренер Игор Тудор се согласи да ја преземе клупата на Тотенхем како привремено решение до крајот на сезоната. Тудор доаѓа откако Томас Франк беше отпуштен претходно оваа недела по лошата серија резултати што го остави клубот на 16-то место во Премиер лигата, само пет бода над зоната за испаѓање.
Извори велат дека одборот на Спарс сакал да назначи привремен менаџер пред играчите да се вратат на тренинзите во понеделник.
Последниот ангажман на Тудор беше во Јувентус, каде што помина седум месеци. Тој го презеде тимот во март минатата година како привремен тренер и забележа само еден пораз во девет натпревари до крајот на сезоната, обезбедувајќи му мест на клубот во Лигата на шампионите. Тој успех му донесе долгорочен договор.
Откако беше елиминиран во осминафиналето на Светското клупско првенство од Реал Мадрид, Јувентус ја отвори сезоната во Серија А со три победи, но следеше серија од осум натпревари без победа во сите натпреварувања. Тој беше отпуштен во октомври 2025 година по поразот од Лацио, оставајќи го клубот на осмото место на табелата.
Сепак, ситуацијата за следната сезона сè уште не е целосно дефинирана. Италијанскиот новинар Фабрцио Романо наведува дека Роберто Де Зерби и Маурисио Покетино се главните кандидати за трајно решение на клупата на Тотенхем по завршувањето на актуелната сезона.
Тудор го презема тимот во деликатен момент, со задача да го стабилизира тимот и да го извлече максимумот од сезоната, додека раководството ќе донесе конечна одлука за долгорочниот проект на лето.
Foto/ depositphotos
Спорт
Брентфорд го продолжи договорот со Игор Тијаго
Бразилскиот фудбалер Игор Тиаго го продолжи договорот со Брентфорд, објави англискиот клуб.
Со новиот договор, Тиаго би можел да остане во редовите на Премиер лигата до летото 2031 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
Веста за продолжувањето доаѓа откако Премиер лигата го прогласи за најдобар играч во јануари. Тиаго постигна пет гола на пет натпревари во јануари, со што ја освои наградата за најдобар играч на месецот во Премиер лигата по втор пат оваа сезона.
Во тој период, Брентфорд забележа две победи, едно реми и два порази, и моментално е на седмото место на табелата во Премиер лигата со 40 бода.
Тиаго (24) пристигна во Брентфорд во 2024 година од Клуб Бриж, а пред тоа играше за Лудогорец и Крузеиро.
Бразилскиот фудбалер одигра 26 натпревари за англискиот клуб во сите натпреварувања оваа сезона и постигна 18 голови.
Foto/ depositphotos

