Спорт
Пандев – Мило ми е што се вратив во Интер

Македонскиот фудбалер Горан Пандев изјави дека му е мило што од Лацио се вратил во Интер, екипата во која пред неколку години, како млад талентиран фудбалер не доби шанса да игра
Македонскиот фудбалер Горан Пандев изјави дека му е мило што од Лацио се вратил во Интер, екипата во која пред неколку години, како млад талентиран фудбалер не доби шанса да игра.
Пандев пред неколку денови потпиша договор со Интер, а во средата го одигра првиот натпревар во дресот на „неро-азурите“, кои го победија Кјево со 1:0.
„Среќен сум поради дебито и победата. Игравме добро на тежок терен. Им благодарам на сите – на соиграчите и на тренерот Жозе Морињо. Мило ми е што, по пет месеци, повторно играв“, изјави Пандев за телевизијата на Интер, по натпреварот.
Интер со победата против Кјево ја зацврсти првата позиција на табелата со 42 бода, осум повеќе од градскиот ривал Милан.
„Моите нови соиграчи се вистински шампиони, многу ми помогнаа. Вчера уживав, бидејќи Интер е најсилна екипа во Италија. Лесно е да играш за `неро-азурите`“, заклучи Пандев.
Македонскиот интернационалец во Интер дојде во 2001, кога имаше 18 години. За три сезони во тој клуб не успеа да добие статус на првотимец, па замина во Лацио, од каде лани пред суд доби раскинување на договорот./крај/бт/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Погребан Диого Жота, соиграчите од Ливерпул дојдоа со венци во форма на дресови

Погребот на португалскиот фудбалер Диого Жота и неговиот брат Андре Силва се одржа во Гондомар.
Членови на семејството, пријатели и колеги фудбалери присуствуваа на погребната церемонија.
Претставници на Ливерпул беа, меѓу другите, Вирџил ван Дајк и Енди Робертсон.
Едниот носеше букет цвеќе во форма на дрес со број 20 (бројот на Жота), а другиот со број 30 (бројот на Андре Силва).

Тука беа и португалските репрезентативци Бруно Фернандеш, Рубен Дијас, Жоао Феликс, Бернардо Силва, Руи Патрицио, а поранешниот соиграч Жоао Мутињо положи венец во име на Вулверхемптон.

Спорт
„Во Фенербахче ми нудеа допинг“

Францускиот фудбалер Алан Сен Максиман излезе во јавноста со многу сериозни обвинувања против Фенербахче, каде што играше претходната сезона.
Тој беше позајмен од Ал Ахли во турскиот клуб. Одигра 31 натпревар, забележа четири гола и исто толку асистенции.
Сен Максиман беше гостин во подкаст со францускиот јутјубер Зак Нани и искажа зборови што ќе одекнат.
Имено, тој изјави дека му нуделе допинг во турскиот клуб, со закани дека не смее да зборува за тоа.
„Фенербахче не стана шампион и не е шампион 11 години поради работи што немаат никаква врска со фудбалот. Клубот е опколен од надворешни влијанија. Дури и се обидоа да ме натераат да земам допинг таму во еден момент. Луѓето не го знаат тоа, бидејќи не можете отворено да зборувате за тоа кога сте таму, тие ви се закануваат од сите страни. Ти велат: „Ако зборуваш, ќе ти направиме ова или она“. Во Турција бев во ситуации што ги надминуваат границите на фудбалот“, рече Максиман.
Сепак, тој зборуваше со пофалби за Жозе Мурињо, но дека атмосферата во Истанбул е многу проблематична.
Се очекува Фенербахче да даде соопштение во оваа пригода.
Foto/ EPA
Спорт
Ливерпул остатокот од договорот на Жота ќе му го исплати на неговото семејство

Ливерпул ќе ги исплати преостанатите две години од договорот на починатиот Диого Жота на неговото семејство.
Како што објави португалскиот „Рекорд“, клубот од „Енфилад“, откако ќе го повлече дресот со број 20, ќе ги измири и преостанатите две години од договорот, кои ќе му бидат исплатени на семејството на починатиот Жота.
Фудбалскиот свет беше запрепастен од информацијата дека португалскиот фудбалер загинал во сообраќајна несреќа, кога тој и неговиот брат починале во Шпанија, во близина на португалската граница во областа Замора.
Жота беше член на Ливерпул, каде што пристигна во 2020 година и оттогаш постигна 65 гола во 182 натпревари. Со Ливерпул ја освои Премиер лигата, ФА Купот и два Лига Купа.
Во текот на својата кариера играше и за Пакош Фереира, Атлетико Мадрид, Порто и Вулверхемптон.
Играше 49 пати за Португалија и постигна 14 гола, двапати освојувајќи ја Лигата на нации.
Погребот на браќата Жота ќе биде оваа сабота.
Foto/ EPA/PETER KLAUNZER