Спорт
Баерн од УЕФА веќе заработи 94.000.000 евра
Најтрофејниот германски клуб, Баерн Минхен, вторпат по ред, а третпат во последните четири години, ја заврши групната фаза од Лигата на шампионите со максимални шест победи.
Баерн собори неколку клупски рекорди во најелитното клупско натпреварување, во шесте натпревари прими само два гола. Интересно двата гола ги примија во пресметката со најслабиот тим во групата, Викторија Плзењ.
Сепак, раководството на клубот го преферира финансискиот дел. Благодарение на резултатите во групата во која беа и Интер, односно Барселона, Баерн само од УЕФА веќе заработи 94.000.000 евра, а допрва следува нокаут-фазата.
Само учеството во групната фаза им обезбеди 15.640.000, а од шесте победи инкасираа 16.800.000 (секој триумф вреди 2.800.000 евра).
Историскиот бонус за рангирање им донесе 35.260.000 евра, а 11.600.000 ќе одат на сметката на клубот врз основа на уделот од пазарот поврзан со минатогодишниот настап во натпреварувањето.
Пласманот во осмина-финалето вреди дополнителни 9.600.000, а клубот ќе добие уште најмалку 5.100.000 евра од вториот дел на маркетиншките права.
Што се однесува до вториот дел од паричниот фонд, односно заработката од ТВ-правата поделена на земјите на тимовите учесници, сумата може да се зголеми во зависност од тоа колку натпревари ќе одигра Баерн во споредба со другите германски тимови во Лигата на шампионите, во осмина-финалето се и Борусија, Ајнтрахт и Лајпциг.
Наведената сума се однесува само на парите што ги дели УЕФА, а кога на неа ќе се додадат и приходите од трите натпревари што клубот ги одигра на домашен терен, како и потенцијалната заработка од веќе обезбедениот дуел во осмина-финалето, не е тешко да се претпостави дека Баерн до четврт-финалето ќе биде побогат за над 100.000.000 евра врз основа на настапите во Лигата на шампионите.
Пласманот во четврт-финалето вреди 10.600.000 евра, во полуфиналето 12.500.000 евра, а во финалето 20.000.000 евра. Доколку стигне до крајот, тука треба да се пресметаат и приходите од продажбата на билетите и ТВ-правата.
Ова значи дека Баерн може да заработи над 150.000.000 евра доколку го освои трофејот во Лигата на шампионите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Рома рутински го победи Кремонезе
Фудбалерите на Рома го победија Кремонезе со 3:0 (0:0) во натпреварот од 26-то коло од италијанското првенство.
Со оваа победа, Рома стигна до третото место на табелата – прескокнувајќи го актуелниот шампион Наполи, кој претходно загуби од Аталанта.
Рома беше доминантна во текот на целиот натпревар, но отпорот на гостите го скрши во второто полувреме кога головите ги постигнаа Кристанте, Ндика и Пизили.
Foto/ EPA
Спорт
Затворени ЗОИ во Милано и Кортина – Норвешка најсуспешна нација
Зимските олимписки игри во Милано и Кортина беа затворени, со свечена церемонија во Верона.
Во согласност со Олимписката повелба, церемонијата на затворање ги комбинираше протоколарниот и културниот сегмент од програмата.
Ова се првите Олимписки игри чија церемонија на затворање се одржува за време на мандатот на претседателката на Меѓународниот олимписки комитет, Кирсти Ковентри.
Градот Верона беше избран за домаќин на церемонијата, иако таму не се одржаа натпревари. Намерно беше избрана локација што потсетува на атмосферата на античките Олимписки игри.
Античкиот римски амфитеатар во Верона, познат по својот летен оперски фестивал и бројни културни настани, ќе биде домаќин и на церемонијата на отворање на Параолимписките Зимски игри на 6 март 2026 година.

Претседателката на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) Кирсти Ковентри ги прогласи Олимписките игри за затворени.
„Драги пријатели, со ова ги прогласувам Зимските олимписки игри во Милано и Кортина 2026 за затворени. Во согласност со традицијата, ги поканувам младите од светот, како сите вас тука вечерва, да се собереме по четири години во Француските Алпи за да ги прославиме заедно 26-те Зимски олимписки игри. Се гледаме во 2030 година“, рече Ковентри.
На Зимските олимписки игри во Милано Кортина 2026, се натпреваруваа околу 2.871 спортисти од 92 земји, во 116 олимписки дисциплини во 16 спортови, а Игрите траеја од 6 до 22 февруари 2026 година.

Норвешкиот скијач Јоханес Хосфлот Клебо стана првиот натпреварувач во историјата на Зимските олимписки игри што освои шест златни медали на едни Игри, надминувајќи го рекордот на Ерик Хајден поставен во 1980 година, за вкупно 11 олимписки златни медали во неговата кариера – што го прави еден од најголемите зимски натпреварувачи на сите времиња.
Норвешка е најуспешната нација со 40 медали, од нив 18 се златни, а по 11 сребрени и бронзени.
САД го поставија својот рекорд за најмногу златни медали на едни Олимписки игри, освојувајќи најмалку 11 златни медали, вклучувајќи историско злато во машки хокеј по 46 години.
Скијачкото планинарење го имаше своето деби на Игрите како нов олимписки спорт.
Игрите се одржаа во повеќе градови и локации низ северна Италија, што ги прави едни од најобемните ЗИО во историјата.
Учеството на жените достигна највисоко ниво досега, со околу 47% од спортистите меѓу сите учесници на Игрите.
Спорт
Басконија го освои Купот на Кралот
Кошаркарите на Басконија го освоија овогодинешниот Куп на Кралот, во големото финале на завршниот турнир во Валенсија го победија Реал Мадрид со 100.89.
По голема драма, Басконија, која е на самото дно во Евролигата, успеа да го победи „кралот“ и да го освои трофејот.
Реал имаше и двоцифрена предност, 40:30 во вториот дел, +8 во третиот и +7 на почетокот на четвртиот.
Сепак, Басконија на крилата на Тимоти Луваву, Трент Форест и конечно Маркус Хауард успеа да направи пресврт.
Луваву беше најефикасен со 28 поени, 23 постигна Омороји, додека Трент Форест се надоврза со дабл-дабл од 22 поени и 10 асистенции, со дури девет скока.
Во тимот на Реал, Андрес Фелиз и Марио Хезоња имаа по 15, Факундо Кампацо постигна 14, а Тео Маледон 12 поени.
Басконија стигна до седмиот трофеј во Купот на Кралот во својата историја.

