Спорт
Бостон ја декласира Филаделфија за 1:1 во полуфиналната серија
Кошаркарите на Бостон Селтикс ја совладаа Филаделфија Севенсиксерс убедливи 121:87 на паркетот во „Ти-Ди Гарден“. Со овој триумф избраниците на Џо Мазула израмнија на 1-1 во полуфиналната серија од Источната конференција во рамките на НБА плејофот.
Натпреварот го одбележа и враќањето на камерунскиот центар Џоел Ембиид во тимот од Пенсилванија. Брилијантниот 29.годишник го пропушти првиот меч од серијата поради повреда на коленото.
Во меѓувреме ја доби и наградата за најкорисен играч на сезоната (МВП), победувајќи ги Никола Јокиќ и Јанис Адетокумбо во таа трка.
Овој пат, Ембиид не можеше да ја спречи катастрофата на неговиот тим во Масачусетс.
Бостон Селтикс во првиот меч беа крајно критични кон својата игра во одбраната, а сега го „стегнаа“ ривалот и дојдоа до големо водство во втората четвртина.
Во третиот разликата се искачи на 30 поени и мечот практично заврши, иако најдобриот играч на Селтикси, Џејсон Тејтум имаше проблеми со личните грешки и постигна само седум поени.
На крајот најдобар играч беше Џејлен Браун, кој постигна 25 поени (9/17 од поле), а одличен придонес од клупата имаше Малколм Брогдон со 23 поени (7/15 од поле), Маркус Смарт и Дерик Вајт додадоа по 15 поени.
Во тимот на Док Риверс, Ембиид постигна 15 поени (4/9 од поле, 7/8 пенали), со пет блокади и по три скока и загубени топки за вкупно 26 и пол минути на паркетот.
Најефикасен кај Сиксерси беше Тобијас Харис со 16 поени (7/12 од поле) и седум скока, а Џејмс Харден натпреварот го заврши со 12 поени (мраз 2/14 од поле и 8/10 од поле), 10 скока и четири асистенции.
Следниот натпревар од серијата Бостон-Филаделфија е закажан за ноќта меѓу петок и сабота.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Интер сериозно заинтересиран за Костов
Интер е сериозно заинтересиран за Василије Костов, големиот талент на Црвена звезда.
Според италијанскиот новинар Матео Морето, кој работи со инсајдерот Фабрицио Романо, интересот на „Неразурите за Костов е исклучително голем.
Морено тврди дека Интер не само што го следи играчот, туку дека се започнати почетни разговори за да се утврдат временските рокови и трошоците.
Тој додава дека неколку клубови се заинтересирани за Костов, меѓу кои и некои од Шпанија.
Затоа, тимот од Ломбардија сака навреме да ја утврди својата позиција и да го доведе младиот играч од средниот ред пред нивните ривали во трката за неговиот потпис да им ги расипат плановите.
Јасно е дека Интер и претседателот Бепе Марота направија пресврт и од слободни, но и привремени засилувања, се свртуваат кон помлади играчи чиј потенцијал и целосната трансферна вредност, сè уште не е достигната.
Костов одигра 33 натпревари во црвено-белиот дрес во сите натпреварувања оваа сезона, постигна 12 гола и има шест асистенции.
„Трансфермаркет“ ја проценува неговата моментална вредност на 10 милиони евра, меѓутоа, потребната отштета ќе биде неколкукратно поголема.
Спорт
Дали Роналдо ќе биде подготвен за Светското првенство?
Легендарниот португалски ас Кристијано Роналдо, според британските медиуми, би можел да го пропушти Светското првенство во 2026 година по повредата здобиена за време на викендот.
Напаѓачот на Ал Наср се повреди на натпреварот од Саудиската професионална лига против Ал Фајха, кој неговиот тим го доби со 3:1. Роналдо го напушти теренот во 81-та минута, откако сигнализираше на клупата дека има проблем со мускулите.
Пред да го напушти теренот, португалскиот ветеран промаши пенал при резултат 0:0.
Тренерот на Ал Наср, Жорж Жезус, потврди по натпреварот дека Роналдо ќе биде подложен на итни медицински прегледи.
„Роналдо почувствува мускулен замор, а медицинскиот тим веднаш ќе ги изврши потребните тестови за да ја утврди неговата состојба“, рече Жезус.
Според весникот „Сан“, се зголемуваат стравувањата дека посериозна повреда би можела да го загрози настапот на Роналдо на Светското првенство во 2026 година, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.
Роналдо (41) сака да влезе во историјата и да стане првиот фудбалер што ќе игра на шест Светски првенства. Тој играл на секое Светско првенство од 2006 година и е во елитно друштво со пет настапи, меѓу кои се Лионел Меси, Лотар Матеус, Антонио Карбахал, Андрес Гвардадо и Рафаел Маркез.
Доколку се опорави на време, Португалија ќе го игра првиот натпревар на турнирот на 17 јуни против победникот од плејофот во кој учествуваат Нова Каледонија, Јамајка и ДР Конго. Во групната фаза ги очекуваат дуелите против Узбекистан и Колумбија.
Foto/ depositphotos
Спорт
Ред Бул има најголем спонзорски договор во Формула 1
Ред Бул, потпиша најголем договор за рекламно спонзорство оваа сезона. Уште во 2022 година, Ред Бул се договори со американскиот технолошки гигант Оракл да стане главен спонзор на тимот. Оваа сезона, тимот ќе инкасира 110 милиони долари.
Договорот за спонзорство на Ферари со ХП е исто така многу блиску до ова сума, изнесува нешто над 100 милиони долари по сезона.
Ова се единствените два спонзорски договори во Формула 1 оваа година, вредни повеќе од 100 милиони долари.
Светските шампиони, тимот на Мекларен, се исто така меѓу првите три тима, со договор за спонзорство со Мастеркард, кој им носи 90 милиони долари годишно. Сепак, Мекларен објасни дека финансиската компанија е „спонзор за преименување“, а не само „главен спонзор“.
Другите два големи договори се за Ауди – 75 милиони долари по сезона од Револут, додека Астон Мартин добива иста сума од саудискиот нафтен гигант Арамко.
Според непотврдени информации, Мерцедес добива 80 милиони долари по сезона од својот долгогодишен партнер Петронас.
Foto/ depositphotos

