Спорт
Далас испуштија предност од 19 поени, Вориорс водат со 2:0

Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс поведоа со 2:0 во финалната серија од Западната конференција на НБА лигата.
Во вториот меч во Сан Франциско, „воините“ славеа триумф со резултат 126:117 и покрај уште една фантастична партија на Лука Дончиќ, кој беше болен пред овој меч, објавија американските медиуми.
Имено, Дончиќ беше под знак прашалник, за вториот натпревар, тој имал температура и повраќал и не спиел во средата навечер.
Успеа да тренира во четвртокот, а покрај стомачниот грип (се претпоставува) се здоби и со повреда на рамото.
И покрај сето тоа постигна 42 поени и додаде осум асистенции и пет скока, но тоа не беше доволно за триумф на Маверикс.
Во првото полувреме постигна 24 поени, а Далас имаше предност од дури 19 поени.
Но, во вториот дел со лоша одбрана, ја прокоцкаа предноста, бидејќи шутерите на Вориорс влегоа во ритам и направија пресврт.
Први повлекоа Луни и Пул, кои најпрво ја намалија разликата на помалку од 10 поени, а Вигинс ја продолжи серијата и Голден Стејт се приближи на негатива од два поени пред последната четвртина.
Во него, пресвртот се случи а со тројката на Ото Портер дојде до пресврт.
До крајот ударното трио на Вориорс, Кари-Томпсон-Грин, успеа да го приведе мечот до крај и да зачекори кон големото финале.
Стеф Кари го предводеше Голден Стејт со 32 поени, осум скока и пет асистенции. Пул додаде 23 поени, а Луни 21 поен со 12 скока. Вигинс заврши на 16, Томпсон на 15, а Портер даде 11 поени.
Кај Далас покрај ДОнчиќ се истакна Џејлен Брансон со 31 поен,седум скока и пет асистенции, Булок постигна 21, Фини-Смит забележа десет поени и осум скока.
Интересна е статистиката што ја има тимот на Стив Кер, 15 пати имале резултат 2:0, не успеале да минат во наредната фаза само еднаш.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Иско ја одби Рома

Досегашниот фудбалер на Реал Мадрид, Иско Аларкон, ја одби понудата на Рома. Шпанскиот играч за врска е слободен агент и имаше понуда од тимот на Жозе Мурињо, но на крајот одбра да остане во својата татковина.
Приоритет на Иско е да потпише со клуб кој ќе игра во Лигата на шампионите, што значи дека неговите домашни опции се само Атлетико Мадрид и Севилја, под претпоставка дека неговото минато ќе го оддалечи од Барселона.
Поранешниот репрезентативец на Шпанија има 30 години, но играше се помалку во последните сезони.
Спорт
Филип Антовски од Австрија Виена оди на позајмица во Истра

Kапитенот на младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година, Филип Антовски, следната сезона ќе ја мине на позајмица во хрватскиот тим Истра. Антовски заминува како позајмен играч од Австрија Виена.
21-годишниот Антовски ја почна кариерата во младионскиот тим на Вардар, потоа замина во Динамо Загреб каде исто така беше дел од Б-тимот. Играше за Славија Софија како позајмен, а потоа се врати во Австрија Виена каде ја мина целата измината сезона. Сега ќе има можност за ново докажување во Истра.
Спорт
Шкупи го почнува патот во Европа: Линколн е тим што мора да се елиминира

Македонскиот првак Шкупи вечерва (20.45 часот) го стартува настапот во квалификациите на Лигата на шампионите. Прв ривал на Шкупи е Линколн од Гибралтар, а тренерот Гоце Седлоски верува дека неговиот тим е подобар и ќе успее тоа да го докаже на претстојниот двомеч. Првиот дуел е вечерва на арената „Тодор Проески“ во Скопје.
„Подготвени сме, максимално. Еден месец работиме и подготвени сме за предизвикот. Нема да го потцениме противникот, апсолутно имаме респект за Линколн Ред Импс затоа што тоа е шампион на една земја, но веруваме во нашиот квалитет. Ние, секако, ќе ја играме нашата игра и сакаме да оствариме победа. Шкупи на секој натпревар игра напаѓачки, тоа секако ќе се случи и утревечер. Треба да покажеме зошто сме шампиони на Македонија“, вели Гоце Седлоски.
Капитенот Кристијан Наумовски е уверен дека Линколн е ривал што Шкупи треба да го елиминира.
„На хартија, го добивме најлесниот ривал. Но, знаеме дека нема да биде лесно. Најважен е првиот нареден натпревар. Засега размислуваме само за Линколн и како да оствариме триумф. Потоа ќе размислуваме за евентуалниот двомеч со Динамо Загреб“, изјави голманот Наумовски.
Во следното квалификациско коло од ЛШ следи дуел со хрватскиот првак Динамо Загреб. Сепак, Шкупи ќе мора прво да го елиминира Линколн.