Спорт
Дејан Верон ја продолжи традицијата на своите татко и дедо во Естудијантес

Естудијантес е еден од големите аргентински клубови со голем број славни имиња во своите редови во историјата, но клубот од Ла Плата е специјално поврзан со едно семејство – Верон.
Во 60-тите и 70-тите Хуан Рамон Верон беше една од ѕвездите во најуспешниот дел од историјата на клубот освојувајќи три последователни титули од Копа Либертадорес, а во 1968 и до славна победа над Манчестер јунајтед во интерконтиненталниот куп.
Три децении подоцна неговиот син, Хуан Себастијан Верон, ја почна блескавата кариера во повеќе европски клубови (меѓу кои и Јунајтед) пред да се врати во Ла Плата и да ја освои првата титула од Либертадорес по таа златна ера во 2009 година.
Сега тука е третиот Верон. Синот на Хуан Себастијан, 20-годишниот Дејан Верон, во текот на викендот дебитира за првиот тим на Естудијантес најавувајќи нова епизода во историјата. Доколку се чудите на името на младиот фудбалер (во оригинал Deian), тој го доби името по поранешниот соиграч на Верон од Интер, а сега тренер на Црвена звезда, Дејан Станковиќ.
Ваков семеен континуитет во еден клуб е многу редок. Даниел Малдини во февруари 2020 заигра за првиот тим на Милан за да ги следи стапките на својот татко Паоло и својот дедо Чезаре откако неговиот постар брат Кристијан не успеа во тоа.
Во Јужна Америка, пак, има два слични случаја. Уругвајскиот Пењарол беше дом на фудбалерот од средниот ред, Хуан Карлос Корацо, неговиот зет Пабло Форлан и неговиот внук Диего Форлан, кои добија статус на икони на клубот.
Во Буенос Аирес, пак, во тимот на Лос Андес е семејството Де Граса – Мануел де Граса, еден од првите фудбалери со африканско потекло во аргентинскиот фудбал, во 1938 година заигра за клубот, пред за него да играат и синот Абел и внукот Ернан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Имобиле се врати во Серија А

Фото/ EPA-EFE/ERDEM SAHIN
Искусниот италијански напаѓач Чиро Имобиле (35) се враќа во Серија А.
Неговиот нов клуб е Болоња, тврди најпознатиот трансфер инсајдер Фабрицио Романо.
Имобиле ја помина претходната сезона во Бешикташ, одигра 30 натпревари и постигна 15 голови, потврдувајќи ја својата класа, но еден повик од неговата татковина го направи своето.
Чиро е играчот со најмногу титули „крал на стрелци“ во италијанското првенство, тој дури четири пати беше „Капоканониере“ на Серија А, еднаш во дресот на Торино, три пати како играч на Лацио.
Според Романо, тој ќе потпише едногодишен договор со Болоња со можност за продолжување за уште една сезона. Истиот извор претходно објави дека поранешниот играч на Јувентус, Федерико Бернардески, ќе се приклучи на Болоња ова лето.
Спорт
„Леброн е фрустриран поради Дончиќ“

Фото/ EPA-EFE/ALLISON DINNER
Американските медиуми шпекулираат дека работите се хаотични во соблекувалната на Лос Анџелес Лејкерс и дека Леброн Џејмс е фрустриран од Лука Дончиќ.
Според американскиот „Јаху“ и нивниот НБА инсајдер Џон Гамбадоро, ситуацијата во соблекувалната на Лос Анџелес Лејкерс не е баш најдобра и наводно има тензии.
Иако сè изгледа фантастично на паркетот, тој наведува дека нема добра хемија помеѓу Лука Дончиќ од една и Леброн Џејмс и Остин Ривс од друга страна.
„Леброн е фрустриран затоа што не сака да игра со Лука. Ривс не сака да игра со Лука. Не сака да ја добие топката две секунди пред крајот на нападот. Лејкерс дефинитивно треба да изградат тим околу Лука, а не околу Леброн. Сега ова е тим на Дончиќ. И двајцата ќе се вратат по летната пауза, но мора да се биде внимателен“, рече Гамбадоро.
Оваа информација е изненадувачка за многумина, но многумина ќе разберат дека на Леброн не му се допаѓа што Дончиќ е новото лице на франшизата и дека е навикнат да биде на местото на Лука.
Гамбадоро, исто така, праша дали Леброн има тешкотии со реалноста да го дели целото тоа внимание за прв пат во својата кариера и апострофираше дека Џејмс го фали Дончиќ и е единствениот соиграч кого не го критикувал.
Погледот на бројките на Ривс дава поинаква перспектива за нивниот однос. Во натпреварите без Лука минатата сезона, Ривс имаше просек од солидни 19,8 поени, 6,3 асистенции, 4,3 скока, 1,3 украдени топки, шутирајќи 45% од поле и 36,2% за три поени.
Кога играше покрај Лука, Ривс всушност ја зголеми својата продуктивност, постигнувајќи просек од 21 поен, 4,8 скока, 4,8 асистенции, додека шутираше подобро со 47,9% од поле и 40,2% за три поени.
Досега, доаѓањето на Дончиќ не му наштети на Ривс во офанзива. Напротив, се чини дека ја зголеми неговата ефикасност и бројот на поени. Поголемиот проблем кога двајцата беа заедно на теренот беше одбраната.
И Дончиќ и Ривс беа мета на противничките играчи, особено на Минесота Тимбервулвс во првото коло од плејофот, што придонесе елиминацијата на Лејкерси по пет натпревари.
Спорт
Квитова се збогува со Вимблдон

Фото/ EPA/DANIEL HAMBURY
Двократната шампионка Петра Квитова (35) загуби од Ема Наваро со 6:3 6:1 во првото коло на Вимблдон.
Тенисерката од Чешка беше ѕвезда по мечот, бидејќи се збогува со Вимблдон, има намера да посвети повеќе време на своето семејство.
„Честитки Ема. Жал ми е што не можевме да играме уште малку. На ова место се најубавите спомени што можев да ги посакам. Среќна сум што можев да играм на ова посебно место уште еднаш“, рече Квитова.
„Никогаш не сонував дека ќе го освојам Вимблдон, а го освоив двапати… Ќе ми недостига Вимблдон, ќе ми недостига тенисот. Но, подготвена сум за следното поглавје во мојот живот. Дефинитивно ќе се вратам тука како член на клубот“, заклучи Квитова.
Таа го освои Вимблдон во 2011 и 2014 година и заработи над 37 милиони долари само од тенисот.