Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Уапсен малолетник од Куманово, бил затекнат при обид да запали кабли

Вчера во 12.50 часот полициски службеници од СВР Куманово лишиле од слобода малолетник од Куманово, затоа што во место викано „Бавчи“ во Куманово бил затекнат при обид да запали бакарни кабли.
Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
Црна хроника
Изминатиот викенд 1.711 сообраќајни прекршоци на територијата на целата држава, 828 за брзо возење

Во деновите од изминатиот викенд во рамки на редовните сообраќајни контроли што ги извршуваат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1711 издадени платни налози дури 828 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ги почитувале сообраќајните правила и прописите по однос на брзината на движење. Истовремено детектирани се 148 возачи што учествувале во сообраќајот без возачка дозвола, 80 возачи управувале под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај, додека пак 70 возачи на мотоцикли се санкционирани заради неносење на заштитна кацига, извести МВР.
„Покрај ова согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата 184 прекршоци се изречени за недозволено, односно неправилно паркирање, додека пак прекршочно се санкционирани уште 71 лице што не користеле сигурносен појас, 44 заради користење мобилен телефон при возење, четворица возачи минале на црвено светло, а прекршочни казни добиле и 11 пешаци.
По основ пак на Законот за возила, викендов 37 возила биле отстранети заради тоа што биле нерегистрирани, а девет возила заради техничка неисправност“, соопшти МВР.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, додаваат од Министерството.
Црна хроника
Приведени тројца мажи: возеле пијани и предизвикале сообраќајни незгоди

Вчера во 05.30 часот во село Јосифово, валандовско, полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Валандово го лишија од слобода Т.Ј.(52) од село Удово, валандовско.
Околу 04.20 часот на регионалниот пат Р-1105, кај с.Јосифово, валандовско, управувајќи патничко возило „опел корса“ со валандовски регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од коловозот, по што се оддалечил од возилото, кое целосно изгорело. Во несреќата, тој се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Здравствен дом Валандово, а при проверка било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 2,19 промили алкохол во крвта. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР Валандово.
Вчера во 07.00 часот на магистрален пат А2 во село Гиновци, општина Ранковце, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при ОВР Крива Паланка го лишиле од слобода М.Ц. (38) од Радишани, скопско. При контрола на патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко моторно возило „мазда“, кое го управувал М.Ц. и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 2.13 промили алкохол во крвта.
Вчера во 07.50 часот на регионалниот пат Делчево-Берово, во с.Смојмирово, беровско, полициски службеници од ОВР Берово го лишиле од слобода А.Н.(30) од село Црник, пехчевско.
При вршење увид по претходно случена сообраќајна незгода, полициските службеници констатирале дека А.Н. е под дејство на алкохол, односно дека има 1,94 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил приведен и задржан во полициска станица.
По целосно документирање на настаните, против тројцата ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.