Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Припадникот на АРМ е убиен зошто ќерката не сакала да се омажи за осомничениот

Полицијата денес соопшти детали за вчерашното пукање во Батинци во кое беше убиен припадник на АРМ.
На 11.07.2025 околу 10.15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на влезот на с.Батинци, скопско, Џ.М. пукал кон А.М. (50) од с.Батинци. А.М. бил пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ во Скопје, каде околу 11 часот им подлегнал на повредите.
„Според пријавеното од страна на Е.М. (20), ќерка на А.М., тие околу 08.30 часот биле на Клиниката за неврологија при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, при што Џ.М., се обидел телефонски да контактира со неа, но таа одбила, затоа што во претходниот период Џ.М. и се заканувал затоа што не сакала да се омажи за него. Потоа, А.М. и Џ.М. со возило се упатиле кон домот во с. Батинци, но на влезот на селото, патот им бил попречен од возило од кое излегол Џ.М. и пукал кон А.М., се наведува во полицискиот билтен.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Дете предизвикало пожар во Капрош, палело електични кабли

Петнаесетгодишно момче од Скопје е приведено поради сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување на општа опасност“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Инцидентот се случил по полноќ на подрачјето на Карпош, во кругот на фирма на улицата „Скупи“, каде што полициски службеници го затекнале малолетникот како пали оган и гори електрични кабли.
Пожарот бил навреме изгаснат од екипи на Бригадата за противпожарна заштита и не е пријавена поголема материјална штета. Со малолетникот бил извршен службен разговор во присуство на неговата маќеа иадвокат.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Црна хроника
Лишен од слобода дилер во Скопје, пронајден кокаин

СВР Скопје поднесе кривична пријава против К.П.(30) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по чл.215 од КЗ.
Како што информира МВР, на 10.07.2025 во 22.10 часот, на подрачјето на општина Аеродром, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода К.П.(30) од Скопје, затоа што при преглед кај него била пронајдена бела прашкаста материја, а по извршеното вештачење констатирано е дека станува збор за кокаин со нето маса 46,56 грама. Со К.П. бил извршен службен разговор, а од страна на судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.