Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Демолиран изборен штаб во Конче
Г.Г.(45) од село Дедино, општина Конче, пријавил во полицијата дека ноќта помеѓу 24 и 25.04.2024 во времето од 22.00 до 06.00 часот било скршено стакло на објект во село Дедино, кој се користел како штаб на кандидат за претседател на државата.
Увид на местото извршила екипа на ОВР Радовиш и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Дваесет и тригодишен скопјанец најден починат во домот во Гази Баба
Вчера на подрачјето на Гази Баба, во неговиот дом бил пронајден починат В.М.(23).
Од страна на лекар од Итната медицинска помош констатирана била смрт без видливи знаци на насилство.
Извршен бил увид од полицијата, а по насоки на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција.
Црна хроника
Тешко повредена струмичанка во сообраќајна несреќа на патот Валандово – Струмица
Денеска, околу 00.25 часот во Полициската станица Валандово било пријавено дека на регионален пат Валандово – Струмица, на место викано „Валандовско брдо“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „голф“ со велешки регистарски ознаки, управувано од 31-годишниот К.Т. од Гевгелија и патничко возило „пежо“ со струмички регистарски ознаки, управувано од 30-годишната С.Д. од Струмица, соопшти МВР.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила С.Д., а со телесни повреди се здобил К.Т., констатирани во Медицински центар Гевгелија, додаваат од МВР.
Увид на местото извршила екипа на Полициската станица Валандово.