Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Уапсен 25-годишник од Берово: пијан и без возачка управувал противправно одземено возило, а се обидел и да избега од полицијата
Ноќеска во 01:15 часот на улица „Индустриска“ во Берово, полициски службеници од ОВР Берово го лишиле од слобода 25-годишниот Е.Џ. од Берово. Лицето било затекнато при управување на моторно возило кое претходно било противправно одземено на подрачјето на Берово, а по даден знак за запирање се дало во бегство.
По преземени мерки и активности, истото било сопрено и лишено од слобода, поради основи на сомнение дека сторил кривично дело „oдземање на моторно возило“ по член 242 став (1) од КЗ на РСМ.
При лишувањето од слобода извршено е алкотестирање, при што биле измерени 1,96 промили алкохол во крвта. Исто така, било констатирано дека лицето управувало моторно возило без да поседува важечка возачка дозвола, со што постои основано сомнение дека е сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од КЗ на РСМ.
За настанот е известен надлежен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Уапсен Србин, криумчар на мигранти: во неговото возило превезувал пет лица од Египет и едно од Палестина
Ноќеска во 01:40 часот на автопатот Гевгелија – Скопје, на место викано „Авлаќот“ во Гевгелија, полициски службеници го лишија од слобода 30-годишниот М.П. од Република Србија.
Полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „опел астра“ со српки национални ознаки, кое го управувал, при што биле пронајдени шест лица мигранти, од кои пет лица од Египет и едно лице од Палестина.
Тој бил предаден на полициски службеници во ОВР Гевгелија за понатамошна постапка, додека мигрантите биле сместени во Прифатно – транзитен центар „Винојуг“ – Гевгелија.
За настанот бил известен надлежен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Кривична пријава против четири лица за измами со лажни сообраќајки тешки 3,7 милиони денари
СВР Битола во соработка со Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ поднесе кривична пријава до ОЈО Битола против В.П.(40) од с.Стење, ресенско, Г.М.(54) со престој во Скопје, едно непознато лице (третопријавен) и В.М.(51) од Охрид, поради сомнение за сторени кривични дела.
Против прво, второ и третопријавениот е поднесена кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело „Измама“, предвидено и казниво по чл.247 од КЗ, додека четвртопријавената се сомничи дека сторила кривично дело „Помагање“ по чл.24 во врска со чл.247 од КЗ.
На 05.02.2026 година на ул.„Маврово“ во Битола, прво, второ и третопријавениот со лажно прикажување факти довеле во заблуда 72-годишна битолчанка, претставувајќи се дека нејзината снаа е тешко повредена и дека се потребни пари и злато за операција. Оштетената му предала златен накит на првопријавениот, кој подоцна ги предал предметите на второпријавениот. Со делото била причинета штета од околу 40.000 денари.
На 06.02.2026 година кај Саат кулата во Битола, на ист начин измамиле 76-годишна жена и нејзиниот сопруг, од кои одзеле околу 430.000 денари.
Во периодот од ноември 2025 до 21.02.2026 година, второпријавениот и четвртопријавената ги пренесувале и предавале паричните средства стекнати со измами во Р.Бугарија, односно во Софија, на третопријавениот, при што дел од средствата задржувале за себе.
Со измамите извршени во повеќе градови во државата, пријавените се стекнале со противправна имотна корист од околу 3.700.000 денари.
Од страна на судија на претходна постапка при Основен суд Битола на Г.М. му е одредена мерка притвор во траење од осум дена, додека првопријавениот веќе издржува мерка притвор.

