Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Скопјанка нападната од партнерот со стаклен предмет во Охрид

32-годишна жена од Скопје била физички нападната од нејзиниот партнер во Охрид, притоа напаѓачот употребил и стаклен предмет, соопшти денеска СВР Охрид.
Инцидентот се случил утрово околу 7 часот на пешачката патека кај каналот Студенчишта, како и во станот во Охрид каде што двојката привремено престојувала. Според пријавата, осомничениот А.Д. од Прилеп ја нападнал својата партнерка, нанесувајќи ѝ телесни повреди.
„Случајот е пријавен во СВР Охрид, и по целосно документирање на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава“, информираа од охридската полиција.
Црна хроника
Охриѓанец уапсен поради лажно грабнување, земал пари за „ослободување“ на семејство

33-годишниот А.Д. од Охрид е приведен од страна на полицијата, откако бил осомничен за кривично дело „грабнување“, потврдија од СВР Охрид.
Како што информираше полицијата, на 18 мај 2025 година околу 00:50 часот на булеварот Туристичка во Охрид, полициски службеници го лишиле од слобода А.Д., кој претходно бил пријавен од Џ.Д. (36), исто така од Охрид.
Според пријавата, А.Д. побарал и примил пари од Џ.Д. по телефонска комуникација, тврдејќи дека ќе му ја „ослободи“ сопругата, малолетната ќерка и бабата, кои наводно биле грабнати. Полицијата не наведува дали тројцата навистина биле задржани или станува збор за измама.
„Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, по насоки на јавен обвинител. Против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава“, информираат од СВР Охрид.
Црна хроника
Наместо да тажат за Кочани тие пуштале гласна музика, кривична за двајца кумановци

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Е.М. (35) и А.Р. (25), двајцата од Куманово, поради основано сомнение за сторено кривично дело „организирање на отпор“, информира Министерството за внатрешни работи.
Како што соопшти МВР, на 22 март 2025 година, пријавените во својство на сопственик и управител, односно менаџер на угостителски објект, пуштале гласна музика во објектот, спротивно на владината одлука за почитување на денови на жалост, прогласени поради трагичната несреќа што се случи во Кочани.
Од полицијата додаваат дека со тоа тие го прекршиле јавниот ред и мир, а воедно и ја игнорирале одлуката на државните институции, што претставува прекршување санкционирано според Кривичниот законик.
„Против двете лица е поднесена соодветна кривична пријава и ќе се постапува согласно законските процедури“, велат од СВР Куманово.