Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Приведени тројца крадци од Прилеп: украдениот накит и другите предмети вратени на сопствениците

Вчера во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишиле од слобода Е.В.(27), Е.В.(47) и Г.Г.(30), сите од Прилеп.
При претреси во нивните домови, извршени со наредба од Основен суд Прилеп, биле пронајдени накит и други предмети кои потекнуваат од кривични дела „тешка кражба“, извршени во куќи во Прилеп.
Предметите биле вратени на сопствениците, а лицата биле приведени во полициска станица. По целосно документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Црна хроника
(Фото) Пронајден амфетамин во Гевгелија, поднесена кривични пријави

СВР Струмица – ОВР Гевгелија, до Основното јавно обвинителство Гевгелија, поднесе кривична пријава против 24-годишниот Б.Г. и 25-годишниот А.М. од Скопје, поради постоење на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ по член 215 од Кривичниот законик и против 27-годишната А.А. од Скопје поради постоење на сомнение дека сторила кривично дело „непријавување кривично дело или сторител“ по член 364 од Кривичниот закон.
На 17.03.2025 на наплатна рампа Гевгелија, при преземање мерки, полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Гевгелија запреле патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Г., а сопатници биле А.М. и А.А.. Додека, врз основа на судска наредба, бил извршен претрес над возилото, при што во внатрешноста на предниот дел биле пронајдени три пакувања со амфетамин со вкупна тежина од околу 1,5 килограми.
Лицата биле изведени пред судија од Основен суд Гевгелија, кој на Б.Г. и А.М. им определил мерка притвор.
Црна хроника
Приведен сопственик на ноќен клуб од Куманово, пронајдени пиротехнички средства

По преземените мерки и активности, а во рамките на најавените контроли во ноќните клубови и кабареата, полициски службеници од СВР Куманово го затекнале Т. В. (58) од Куманово, сопственик на кабаре од Куманово, како од неговото паркирано возило пред кабарето изнесува противпожарни апарати и ги внесува во клубот.
Веднаш потоа полициски службеници од СВР Куманово извршиле контрола во објектот и биле пронајдени и одземени пиротехнички средства. Лицето било лишено од слобода и во полициска станица, во присуство на адвокат, со него бил извршен службен разговор, а од инспектор за заштита и спасување издадени се прекршочни платни налози и издадено е решение за забрана за работа до отстранување на неправилностите.
За настанот бил известен јавен обвинител.