Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Ресенската полиција фати возач со 2,38 промили алкохол и без возачка дозвола

27-годишен жител на село Јанковец, ресенско, бил приведен откако бил фатен како управува возило под дејство на алкохол и без возачка дозвола, соопшти денес Министерството за внатрешни работи.
Инцидентот се случил на 18 мај 2025 година, во 02:18 часот по полноќ, кога полициски службеници од ОВР Ресен извршиле сообраќајна контрола во селото Јанковец и го сопреле патничкото возило „мерцедес“ со скопски регистарски таблички. Возачот, идентификуван како Д.К. (27), бил под дејство на алкохол, а при проверката било утврдено дека не поседува ни возачка дозвола.
„Кај лицето е утврдено присуство на алкохол во крвта од 2.38 промили, што претставува сериозен ризик за сообраќајната безбедност. Тој веднаш е исклучен од сообраќај и приведен во полициска станица“, информираат од СВР Битола.
Од МВР додаваат дека по целосно документирање на случајот, против лицето ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Црна хроника
Привтор за двајца сторители кои запалија викендица во Чашка, се трага по третото лице

Двајца од тројцата осомничени за намерно предизвикување пожар во викенд куќа во селото Капиново, општина Чашка, се веќе во притвор, а за третиот осомничен се преземаат мерки за пронаоѓање, информира Основното јавно обвинителство Велес.
Според истрагата, осомничените – двајца од Прилеп и едно лице од село Ореше – на 10 мај со возило со прилепски регистарски таблички дошле до викенд куќата, насилно влегле во објектот и намерно го запалиле со запалива течност. Во моментот на инцидентот, сопствениците не биле присутни, но куќата целосно изгорела, при што е причинета голема материјална штета. Повредени лица нема.
Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица Велес, а истрагата ја воделе СВР Велес во координација со криминалистичките служби од БЈБ и ОВР Прилеп.
Како што соопшти МВР, двајца од осомничените – Ѓ.П. (56) од Ореше и Д.Д. (37) од Прилеп – се уапсени на 16 мај и задржани во полициска станица. Третиот осомничен, С.М. (40) од Прилеп, сè уште е во бегство.
Јавниот обвинител до надлежниот суд доставил предлог за определување мерка притвор за сите тројца. За двајцата приведени мерката веќе стапи на сила, а за третиот ќе се применува по неговото лоцирање и апсење.
Црна хроника
Малолетници фатени со алкохол в рака и по полноќ, казни за газдите на локалите

Малолетно лице било послужено со алкохол, а друго било затекнато во угостителски објект по полноќ, при акциска контрола што полицијата ја спровела во два локали во Македонска Каменица, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Како што информираат од МВР, акцијата била реализирана на 17 мај од страна на СВР Штип – ОВР Делчево, во координација со Државниот пазарен инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување. При контролата биле утврдени сериозни прекршувања на законските прописи.
„Констатирано е кривично дело – точење алкохол на малолетно лице, како и прекршок за присуство на малолетник во угостителски објект после 24:00 часот. За наведените дејствија ќе бидат поднесени соодветни пријави“, стои во соопштението на МВР.
Од Министерството додаваат дека од страна на инспекциските служби се евидентирани и други неправилности, за кои се изречени соодветни мерки.