Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Жена нападната на паркинг во Аеродром, полицијата ја бара сторителката

Жена била физички нападната од друго женско лице на паркинг пред угостителски објект во скопската општина Аеродром, по претходен конфликт во сообраќајот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Како што соопшти СВР Скопје, инцидентот се случил на 15 мај 2025 година околу 14:30 часот. Случајот бил пријавен само пет минути подоцна од страна на нападнатата Д.Б. (45) од Скопје.
„Според пријавеното, на паркинг простор пред угостителски објект на подрачјето на општина Аеродром, по претходно недоразбирање во сообраќајот, пријавителката била физички нападната од женско лице“, соопштија од МВР.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот и идентификација на напаѓачката.
Црна хроника
Двајца прилепчани осомничени за подметнат пожар, третиот е во бегство

Двајца мажи од Прилеп и еден од селото Ореше се сомничат дека со употреба на запалива течност намерно предизвикале пожар кој целосно уништил викенд куќа кај село Капиново, општина Чашка.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, СВР Велес поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство против Ѓ.П. (56) од Ореше и двајцата прилепчани – С.М. (40) и Д.Д. (37), поради сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“.
Пожарот се случил на 10 мај 2025 година, околу 10:35 часот, кога било пријавено дека гори викенд куќа сопственост на 32-годишен жител на Скопје. Интервенирала екипа на Територијалната противпожарна единица од Велес и пожарот бил локализиран без повредени лица.
„По спроведена истрага, утврдено е дека тројцата осомничени дошле со возило со прилепски таблички, насилно влегле во објектот и подметнале пожар со запалива течност. Куќата била целосно уништена“, информираат од МВР.
Ѓ.П. и Д.Д. се лишени од слобода на 16 мај и се задржани во полициска станица, додека се преземаат мерки за лоцирање и приведување на С.М., кој сè уште е во бегство.
Црна хроника
Прилепчанец „оперирал“ во фирма, полицијата го фати со пленот во раце

Полициски службеници од СВР Битола ноќеска го приведоа Е.Б. од Прилеп, откако го затекнале при извршување кражба на плац сопственост на правно лице во Битола.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, настанот се случил на 17 мај 2025 година, околу 01:10 часот на улицата Македонски Гемиџии во Битола. Осомничениот бил фатен на лице место, а украдените предмети биле веднаш вратени на сопственикот.
„Лицето е задржано во Полициската станица Битола. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава“, информираа од МВР.
Според информациите, станува збор за објект во приватна сопственост, а полицијата го осуетила обидот за кражба навреме, без да има материјална штета.