Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Полицијата во патничко возило со скопски регистарски ознаки пронашла 11 мигранти
На влезот во гевгелиското село Богородица, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор и гранични проверки Богородица во патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки вчера пронашле 11 лица мигранти.
МВР денеска осопшти дека вчера во 03.50 часот полицијата во патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки пронашла 11 лица мигранти, од кои пет лица од Сирија и шест лица од Република Турција.
– Откако ги забележал полициските службеници, возачот на возилото го напуштил местото. Мигрантите биле сместени во прифатно – транзитен центар во Гевгелија. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, се појаснува во соопштението од МВР.
Црна хроника
ДУИ го осуди нападот врз претседателот на ФФМ
ДУИ го осуди вчерашниот напад врз претседателот на Фудбалската федерација Муамед Сејдини и изрази загриженост дека ова треба да биде силен аларм дека меѓуетничките тензии во земјата се зголемени.
„Овој инцидент се случува во време кога Владата се однесува како „бик во продавница за порцелан“, игнорирајќи ја и маргинализирајќи ја улогата на Албанците во јавниот и институционалниот живот и потценувајќи ја важноста на меѓуетничките односи. Ваквите постапки, кои доаѓаат во недела со серија други инциденти со етничка заднина, само дополнително ја влошуваат ситуацијата и создаваат опасна атмосфера за меѓуетничкиот соживот“, пишува во соопштението на Демократската унија за интеграција.
ДУИ тврди дека претседателот на ФФМ бил нападнат само поради неговата етничка припадност.
„Овој напад се случува и во контекст на голем неуспех во процесот на европска интеграција, што предизвика длабоко разочарување и ги затемни перспективите и надежите на нашите граѓани. Навредливите изјави на министерката за образование, која ги навреди вработените Албанци, нарекувајќи ги „неписмен народ”, дополнително ги зголемуваат тензиите и поделбите во општеството“, се вели во соопштението на партијата.
ДУИ ги повикува органите да реагираат брзо и професионално за да го расчистат овој случај, а Владата сериозно да размисли за важноста на зачувувањето на меѓуетничките односи и да ги почитува принципите на правично и еднакво застапување на сите граѓани.
Црна хроника
Тешко повреден 72-годишен возач на електричен тротинет
Вчера околу 19.25 часот во СВР Куманово било пријавено дека на ул.„Доне Божинов“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу мопед „пежо“, управуван од Д.М.(18) и електричен тротинет управуван од Џ.И.(72), двајцата од Куманово.
„Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на тротинетот, констатирани во Општата болница во Куманово“, информираат од МВР.
Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Куманово.