Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Младиот боксер Еди Насуфи загина во сообраќајна несреќа

Македонскиот боксерски репрезентативец, 19-годишниот Еди Насуфи загина во сообраќајна несреќа.
Насуфи беше редовен репрезентативец на Македонија во повеќе возрасни категории, а беше член на струшкиот клуб Синди.
Сочувство до семејството на починатиот млад боксер испрати и македонскиот фудбалски прволигаш Струга Трим Лум.
Црна хроника
(Фото) Запленети поголема количина цигари без бандероли и дробен тутун во Тетовo, двајца уапсени

Денеска околу 05:30 часот во Тетово, полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции ги лишиле од слобода Б.З.(65) и И.Р.(67), двајцата од Тетово.
При контрола на патничко возило „фолксваген голф” со тетовски регистарски таблички, кое го управувал Б.З., биле пронајдени и одземени 13 кутии со филтри за цигари, 129 штеки разновидни цигари, 14,5 килограми дробен тутун, машинки за полнење на цигари и СИМ картички. Додека, пак при контрола на патничко возило „фолксваген голф” со тетовски регистарски ознаки, управувано од И.Р., биле пронајдени и одземени 58 штеки разновидни цигари, 12,5 килограми дробен тутун, машинки за правење цигари, сим картички, табакери и 19 кутии со филтри за цигари.
Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени пријави по член 278-б и 279 од Кривичниот законик.
Црна хроника
Судир меѓу „сузуки марути“ и „ауди“: тешко повредена жена од Струга

Вчера околу 19:55 часот во ОВР Струга било пријавено дека на магистралниот пат А2, пред кружен тек, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „сузуки марути“ со охридски регистарски ознаки, управувано од Н.П.(73) од Струга и патничко возило „ауди“ со струшки регистарски ознаки, управувано од С.Б.(31) од Струга.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката од патничкото возило „марути“, Т.П.(76) од Струга, констатирани во Медицински центар Струга.
Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Струга.