Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Уапсени татко и син од Тетово: пронајдени марихуана и пиштол

Вчера во 15:40 часот во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода 23-годишниот А.В. од Тетово, затоа што кај него е пронајдена и одземена марихуана.
Подоцна, со судска наредба, извршен е претрес во неговиот дом во Тетово, каде бил присутен неговиот татко Б.В.(46), при што се пронајдени пиштол и две рамки сo шест и седум куршуми, без документација.
И Б.В. е лишен од слобода и по документирање на настаните, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Црна хроника
Малолетник од Струмица превезувал мигранти од Египет и Сирија: уапсен е и тој и 18-годишник од Богданци

Вчера околу 22:10 часот кај место викано „Дубрава“, полициски службеници од Полициската станица за гранични премин и гранична контрола Дојран ги лишија од слобода Ф.М.(18) од Богданци и 17-годишник од Струмица.
Претходно, полициските службеници ги забележале лицата како со патничко возило „опел“ со велешки регистарски ознаки, кое го управувал малолетникот, а сопатник бил Ф.М., превезуваат мигранти.
Подоцна, пред Богданци, возилото е запрено и лицата се лишени од слобода. Во службен разговоро тие го признале делото и изјавиле дека превезувале осум лица мигранти, од кои шест од Египет и двајца од Сирија. По преземени мерки и мигрантите се пронајдени и спроведени во прифатно –транзитен центар во Гевгелија, додека лицата се задржани во полициска станица.
По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
(Фото) Претрес во Богданци, пронајдена дрога, уапсен 54-годишник

Вчера во 13:00 часот во Богданци, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија го лишија од слобода А.Р.(54) од Богданци.
Врз основа на судска наредба, извршен е претрес во неговиот дом, при што се пронајдени околу еден килограм и 100 грама марихуана, четири засадени стебла канабис, остатоци од гранки со марихуана и предмети со остатоци од марихуана.
Лицето е задржано во Полициската станица Гевгелија, известен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по документирање на случајот, во текот на денешниот ден ќе биде поднесена кривична пријава.